Македонија
Манчевски: Целта ни е целосно да го смениме впечатокот на граѓаните за администрацијата
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, се обрати на отворањето на научната конференција „Управување во јавниот сектор: предизвици и перспективи“ во организација на Факултетот за современи науки при Универзитетот на Југоисточна Европа.
„Јавниот сектор во Македонија е комплексен систем, со кој треба посветено и фокусирано да се управува. Нашите заложби се да ги обезбедиме сите потребни услови за јавниот сектор во Македонија да ја исполни својата основна задача, а тоа е подобри, побрзи и поевтини услуги на граѓаните. Затоа мораме да спроведеме реструктуирање, реорганизација и модернизирање на јавните служби“, истакна Манчевски.
Според министерот, голем дел од тоа е дефинирано во стратегијата за реформа на јавната администрација, што Владата ја усвои и веќе ја имплементира. Како што истакна Манчевски, ова е прва стратегија што има конкретен акциски план, индикатори за исполнувањето на мерките, како и соодветен планиран буџет, при што секој може да го следи степенот на нејзиното исполнување, така што не претставува уште еден текст на хартија со кој никој нема да знае што конкретно да прави.
Министерот потенцира дека една од најважните работи во однос на реформата на јавната администрација е создавањето стручна и департизирана администрација, а тоа ќе се постигне со инвестирање во знаења, вештини и компетенции на вработените, како и воспоставување стандарди за управување со човечки ресурси и зголемување на продуктивноста и ефикасноста.
„Предизвици во управување во јавниот сектор има многу, но доколку постои политичка волја, можностите се големи. Но, покрај волја, потребна е и храброст. Храброст да се реформира системот, да се измести од темел. Целта ни е целосно да го смениме впечатокот на граѓаните за администрацијата“, рече министерот Манчевски и нагласи дека сржта на реформата на администрацијата е во дигитализацијата.
Во текот на дводневната конференција се очекува да се презентираат 30-ина академски трудови од научници, кои доаѓаат од земјите од регионот и пошироко, а во кои ќе се осврнат на предизвиците и перспективите на доброто владење управување во јавниот сектор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Фетаи: „Градиме поотворена и подоверлива администрација“
Владата на Република Северна Македонија го усвои официјалниот извештај за реализацијата на Стратегијата за транспарентност 2023–2026, кој сведочи за значителен напредок во отворањето на институциите кон граѓаните. Над 20 владини институции целосно ги објавиле информациите побарани од јавноста, додека 22 институции ги направиле транспарентни своите постапки за јавни набавки, конкретни чекори што ја зајакнуваат довербата на граѓаните во управувањето со јавните средства, соопштија од Кабинетот на заменик на претседателот на Владата задолжен за политики на добро владеење.
„На денешната седница, Владата ја разгледа и усвои Информацијата за реализација на заклучоците од Стратегијата за транспарентност (2023–2026). Извештајот ги прикажува мерливите резултати постигнати од Кабинетот на заменик-претседателот на Владата за политики на добро владеење, министерствата и другите државни институции.
Клучни постигнувања наведени во извештајот:
• Активна транспарентност кон граѓаните 20 институции ги објавиле на своите официјални веб-страници сите одговори на барањата за пристап до информации од јавен карактер, анонимизирани, почнувајќи од 24.6.2024 година. Три институции делумно ја исполниле оваа обврска, додека уште 15 институции се во завршна фаза на објавување.
• Отворање на постапките за јавни набавки 22 институции ги објавиле своите внатрешни процедури за јавни набавки на официјалните веб-страници. По завршувањето на периодот на мониторинг, и Министерството за социјална политика, демографија и млади ја објави својата процедура, давајќи дополнителен позитивен пример. Во меѓувреме, уште 16 институции се во процес на финализирање на објавите.
• Унапредување на Акцискиот план Ревидиран и усвоен е Акцискиот план на Стратегијата за транспарентност 2023–2026, со пореални рокови и јасно утврдени одговорности за секоја мерка.
• Дигитални чекори и подготовка за иднината Министерството за дигитална трансформација работи на креирање посебни секции на владиниот портал за заменик-претседателите на Владата и министрите без ресор. Исто така, веќе е формирана меѓуинституционалната работна група за изработка на Нацрт-стратегијата за транспарентност 2027–2029, а во наредните денови се очекува Владата формално да ја одобри, со цел интензивната работа да започне во текот на март“.
Заменик-претседателот на Владата за политики на добро владеење, Арбен Фетаи, истакна дека транспарентноста станува институционален стандард.
„Усвојувањето на овој извештај не е административен формалитет, туку доказ за реална посветеност да се обезбеди побрз и поцелосен пристап до информации. Преку меѓуинституционална соработка, градиме поотворена, поодговорна и подоверлива администрација за граѓаните“.
Македонија
Средба на градоначалниците на Битола и Пустец: разменети информации за состојбите во општините
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски и претседателот на Советот Бојан Бојкоски денеска имаа средба со градоначалникот на Пустец, Пали Колефски, кој е во посета на Општина Битола.
На средбата двајцата градоначалници разменија информации за состојбите во општините, за проектите кои ги реализираат, како и за продолжување на соработката во повеќе области.
Беше нагласена и иницијативата од двете страни, како општините да продолжат да соработуваат и преку прекугранични проекти со европски пари, за што и двете општини имаат искуство во таквата соработка.
Македонија
Николоски со претставници на Европската Комисија: бара изнаоѓање на долгорочни решенија за превозниците
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, заедно со министерот за внатреши работи, Панче Тошковски и заменик министерката за европски прашања, Викторија Трајков, денеска одржаа конференциски состанок со претставници на Европската Комисија како и директорката на Директоратот за проширување, Валентина Суперти. Исто така на состанокот беа вклучени и ресорните министри за транспорт, внатрешни работи и евроинтеграции од земјите од Западен Блакан, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Албанија.
На состанок се разговараше за надминување на проблемите со кои се соочуваат транспортерите во земјите на Шенген зоната како и изнаоѓање на долгорочни решенија за превозниците.
Николоски ја поздрави иницијативата на ЕК за надминување на проблемот и преку аргументирани факти го истакна ставот на Владата преку кој се бара соодветно решение за овие категории на работници поради потребата од извршување на работните обврски во рамки на земјите од Шенген зоната.
Во очекување на трајно решение, Николоски додаде дека е потребно Европската Комисија реално да го идентифицира проблемот со транспортниот сектор и непречениот транспортен тек и во најскоро време да импелментира соодветни мерки кои ќе обезбедат предвидливост и непречена работа на транспортните компании кои работат во меѓународниот патен сообраќај.
Претставниците на Европската Комисија ја потврдија новата визна стратегија на ЕУ во која превозниците се прифатени како професионалци и беше истакнато дека ја разгледуваат можноста оваа категорија на работници да биде третирана исто како и пилотите и машиновозачите.
На состанокот беше потврдено дека биометриската евиденција преку електронскиот систем за влез и излез од/во земјите од Шенген зоната, наместо од почетокот од април, се одложува до септември оваа година.
Во меѓувреме се формира работна група на експертско ниво која веќе следната недела треба да се состане и да ги материјализира заклучоците од денешниот состанок на високо ниво.
На состанокот ЕК ја потенцираа важноста на транспортниот сектор и влијанието врз целокупната економија и најавија целосна посветеност во изнаоѓање на трајно прифатливо решенија кое е во интерес на сите засегнати страни.
Исто така на состанокот беше потенцирано дека ова е многу важна тема за Европската Унија и во наредниот период ќе се продолжи комуникацијата меѓу сите засегнати страни.
Од министерството информираат дека Владата веќе изрази целосна подршка на превозниците и во насока на изнаоѓање на прифатливо решение за истите ги презема сите мерки што и стојат на располагање со цел да се овозможи непречена работа во рамки на меѓународниот патен сообраќај.

