Македонија
Манчевски ја гледа администрацијата како брод што плови по немирно море
Mинистерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, денеска се обрати на настанот за промоција на истражувањето: „Анализа на именуваните и избраните лица. Извештај од следење: Колкав и каков јавен сектор имаме во Македонија“.
„Една од главните забелешки на ЕУ кога работиме бројни стратешки документи со нив е дека во државата нема основни анализи, немаме појдовни податоци. Нема правила, нема пропишана законска процедура кој е надлежен да формира некоја институција“, рече министерот Манчевски нагласувајќи дека за промена на системот неопходна е многу сила и волја, но и заемна поддршка со цел создавање ефикасна и квалитетна администрација.
„Сликовито ја гледам администрацијата како голем, масовен, гломазен брод крстосувач кој плови во еден правец, во немирно море долго време. Денес ние се обидуваме да го свртиме овој крстосувач. Тоа оди тешко и бавно, ама треба и многу сила и волја. Треба и поддршка од сите кои се на бродот. Лесно е да се заврти брод кој е празен, ама што ќе ни е таков брод. Со други зборови, не треба да предизвикаме квалитетните луѓе да скокнат од бродот, односно да ја напуштаат администрацијата“, смета министерот Манчевски.
Како што истакна тој, за да се адресираат проблемите и наодите во оваа анализа, потребно е дополнително да се направи анализа на законската регулатива. Сите бројки за луѓе и пари, за раководни лица и тела на разни институции, се законски регулирани во голем број закони. Закони од сите различни области. Само колку за илустрација, трите амандмани на ЗАС, кои се донесоа во јануари оваа година, предизвикаа промени на 126 различни закони.
Министерот Манчевски додаде дека паралелно со овие истражувања и анализи, МИОА работи и на функционална анализа на јавниот сектор. Првиот чекор е хоризонталната функционална анализа, чија прва предлог-верзија е веќе готова. Таа ќе покаже кои институции и каде се препоклопуваат со своите надлежости. Таа исто така ќе покаже и кои институции би можеле да се спојат или, пак, можеби и да се формираат нови.
На настанот се обратија и амбасадорот на Обединетото Кралство во Република Македонија, Чарлс Гарет, и државниот секретар на МИОА, Јахи Јахија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Симнете ги розовите очила и погледнете ги работниците – порачаа синдикатите до функционерите на протестот за повисоки плати, се бара 600 евра минималец
Со транспарентот „Протестираме за плата“, голем број граѓани излегоа на улиците за да го поддржат протестот на Сојузот на синдикатити и да го изразат незадоволството од ниските плати во земјава.
Синдикалците бараат зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување од по 100 евра за сите останати плати.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека доколку барањата не бидат исполнети, ќе следуваат блокади и генерален штрајк. Тој најави и собирање 10.000 потписи со кои синдикатот би станал овластен предлагач на закон за намалување на платите на функционерите за 80 проценти и зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување на другите плати за најмалку 6.000 денари.
„Ќе ве ставиме на тест, ќе гласате за себе наспроти луѓето кои ве гласаат вас, или ќе гласате за луѓето кои со нивниот глас ви го овозможуваат вашиот луксуз, а доколку не се случи тоа и вие ќе стоите од оваа страна на зградата, заедно со нас и ќе не поддржувате за да ви се зголеми вашата плата,“ додаде Трендафилов.
На протестот беше испратена пораката и дека Владата води најсиромашен народ и најсиромашна држава во Европа, со повик до функционерите да ги симнат розовите очила и да ја согледаат реалната состојба на работниците.
Од ССМ најавија дека протестите ќе продолжат сè додека не се исполни целта за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати плати.
Македонија
СДСМ ќе предложи зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите
Социјалдемократскиот сојуз ќе поднесе законски решенија во Собранието за зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите, соопштија од партијата.
Како што наведуваат, предлог-законите се подготвуваат имајќи ја предвид тешката положба на работниците, намалениот животен стандард на граѓаните, како и барањата изнесени од Сојузот на синдикатите. Според најавата, СДСМ ќе предложи зголемување на минималната плата на 600 евра, зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори, како и законски решенија за замрзнување на платите на функционерите.
Од партијата наведуваат дека ги поддржуваат барањата на работниците и на Сојузот на синдикатите, истакнувајќи дека секој работник заслужува достоинствена плата за живот.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека деталите за предложените законски решенија ќе ги образложи на прес-конференција.
Македонија
ДОМ: Поддршка за повисоки плати, но со одговорен и одржлив економски пристап
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја препознава реалната состојба на ниски плати и растечка сиромаштија со која се соочуваат голем број граѓани и ја поддржува потребата од отворање сериозна јавна и институционална дебата за подобрување на животниот стандард на работниците.
Од партијата соопштија дека даваат поддршка на денешните протести и на заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.
Истовремено, ДОМ оценува дека прашањето за зголемување на минималната плата, вклучително и предлогот таа да изнесува 600 евра, е комплексно и треба да се базира на пресметки кои ја одразуваат состојбата на сите засегнати страни. Според партијата, потребно е внимателно да се согледаат реалните економски ефекти, можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средни претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата.
Во соопштението се наведува дека ова прашање ги отвора и пошироките структурни предизвици на пазарот на труд, како што се различните модели на формално пријавување со минимални примања, неусогласеноста меѓу реалната економска активност и официјално прикажаните приходи, како и други појави кои го прават системот нефункционален и социјално неправеден.
ДОМ нагласува дека ниските плати и сиромаштијата се сериозен проблем, но решенијата мора да бидат внимателно осмислени за да не се создадат дополнителни економски ризици и несигурност – и за работниците и за работодавачите.
Од партијата порачуваат дека е потребно реално, системско и социјално праведно решение, засновано на дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и институциите, оценувајќи дека станува збор за надпартиско прашање кое не смее да биде предмет на дневно-политички препукувања, туку заедничка одговорност за обезбедување одржлив и достоинствен животен стандард за граѓаните.

