Македонија
Манчевски: Ќе се почитуваат одлуките на Атнтикорупциска за вработувањата

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски изјави дека ќе се почитуваат одлуките на членовите на Државната комисија за спречување на корупција за вработувањата на роднините на функционерите.
Министерот порача дека случаите треба да се гледаат посебно ако се работи за прекршување на норми или правилна, но тука, смета Манчевски, не се работи за прекршувања на закон, туку на етика.
„Ние велиме дека треба некој да се повлече – дали да се повлече човекот кој е вработен или да се повлече функционерот. Не е лесна одлуката, се работи за семејни одлуки. Но, од друга страна не можеме сите да ги ставиме во исти кош, понекогаш се работи за луѓе, кои навистина се дефицитарен кадар“, рече Манчевски и тука ги наброја лекарите специјалисти, електроинжинерите и градежните инжинери.
Манчевски образложи дека случаите се разгледуваат еден по еден, а истото го прави и Државната комисија за спречување корупција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Уште колку луѓе треба да настрадаат за Панче Тошковски да почувствува одговорност, прашуваат од СДСМ

Министерот Панче Тошковски без око да му трепне јавно соопшти дека не чувствува никаква одговороност за колапсот на безбедносниот систем и фактот што на улиците се пука како да сме Див Запад, велат од СДСМ.
Според нив, последиците од партизацијата на полицијата и претоварењето во партиски сервис на ДПМНЕ скапо ги чини граѓаните.
„До кога мисли Тошковски да се криe зад политички реторики додека улиците стануваат небезбедни за граѓаните?
Не е само последното пукање во Куманово, непрекинатиот раст на вооружените и насилни инциденти во различни градови е сигнал за целосно системско потфрлање на безбедниот апарат, нема ниту превенција ниту соодветна реакција.
За тоа мора да има одговорност“, додаваат од оваа партија.
Македонија
Парични казни за три градинки и едно училиште по спроведени инспекциски контроли во кујните

Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), во септември годинава спроведоа инспекциски контроли во училишните и кујните во градинките на територијата на цела држава. Спроведени беа 91 контрола во градинки и 23 вонредни надзори во училишта.
За утврдените недоследности, издадени се 9 решенија со наредби за нивно отстранување. Во две градинки, хигиената не била задоволителна во кујните, а една градинка немала спроведено задолжителен здравствен преглед на вработениот персонал во кујните. Парични казни изречени се за 3 градинки, и поради несоодветно чување, уништени се 24 килограми храна.
Од спроведените контроли во училиштата, незадоволителни услови констатирани се само во една училишна кујна. Отстапки во однос на добрата производствена и добра хигиенска пракса утврдени се во две кујни. Поради погрешно декларирање, уништени се 59 килограми храна.
Инспекциските служби на АХВ за утврдените недоследности со контролите во училишните кујни изрекле 1 парична казна и донеле 5 решенија со наредба за нивно отстранување.
Македонија
Муцунски на состанок на министрите за надворешни работи во рамки на Берлинскиот процес

Денеска и утре во Белфаст ќе се одржи состанок на министрите за надворешни работи во рамки на Берлинскиот процес, на кој ќе учествува министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Министрите ќе дискутираат за прашања поврзани со европската безбедност, помирувањето, регионалната и европската интеграција, како и за справувањето со нелегалната миграција, во контекст на процесот на проширување на Европската унија.
На состанокот ќе учествуваат министрите за надворешни работи од земјите од Западен Балкан и земјите–членки на Европската унија вклучени во Берлинскиот процес.
На маргините од настанот, Муцунски ќе оствари и повеќе билатерални средби.