Македонија
Маричиќ: Вреди да вложиме напори за да успеат уставните измени, секоја друга опција би била полоша
„Јас сум оптимист дека овие уставни измени ќе се случат. Сè уште работиме на планот А а тоа е успешно спроведување на уставните измени, доколку опозицијата остане и не ги гласа тогаш последиците ќе бидат долгорочни, и тоа внатрешни и надворешни. Мислам дека така ќе го загубиме моментумот, ќе го изгубиме статусот од земја којашто преговара во земја којашто е далеку од преговорите како што се Босна и Херцеговина и Косово. Северна Македонија беше предводник на овој процес кој го започна уште во 2001 година и со добивање на кандидатскиот статус во 2005 заедно со Хрватска. Затоа сметам дека ова е нешто за кое вреди да се бориме и да вложиме напори за да успееме, затоа што секоја друга опција би била полоша“, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ за поткастот „Балканс Дебриф“.
Маричиќ додаде дека уставните измени не се прават заради Бугарија, ниту пак заради некоја партија, туку за иднината на државата, за да Северна Македонија стане земја членка на ЕУ и дека планот на Владата е јасен, за да не се вратиме во чекалната, во којашто седиме последните 17 години.
„Ние сме го отвориле дијалогот и со опозицијата, не само со раководството туку индивидуално со секој пратеник на Собранието, и ќе направиме сè што можеме да им објасниме и да ги убедиме, ако не целата група, барем дел од нив дека ова е вистинскиот момент кога треба да се донесе одлука. Во спротивно ќе бидеме уште еднаш спречени на патот кон ЕУ, и тоа ќе биде на наша штета, нагласи вицепремиерот Маричиќ.
Тој изрази сигурност дека поголемиот дел од пратениците ќе успеат да ја разберат важноста на нивната позиција и одговорноста која ја имаат во донесувањето на овие одлуки, и дека има доволно време до ноември за да се добијат потребните седум-осум гласови кои недостигаат.
На прашањето за уставните измени и реакциите на јавноста и нивната непопуларност, како што тврди опозицијата, вицепремиерот Маричиќ рече дека има два аспекти одговорот на ова прашања, објаснувајќи дека тоа не е стандардна обврска од пристапните преговори со ЕУ, односно дека е билатерално барање на една земја членка, и другиот аспект поради фактот дека бевме уверени дека со затворањето на спорот со Грција ќе завршат пречките за нашите преговори со ЕУ.
„Влада направи тешки, но добри преговори со Бугарија и Франција за време на француското претседавање изминатата година, за да го направи овој т.н. Француски предлог, со кој сме овозможиле заштита на нашиот јазик и идентитет и ова сме го докажале во пракса, и овозможивме отворање на преговорите со ЕУ“, нагласи Маричиќ, додавајќи дека „како што поминува времето, луѓето разбираат дека не носат никаков ризик за македонскиот идентитет овие уставни измени“.
Во таа насока Маричиќ смета дека атмосферата е многу по различна од минатата година и дека реториката предизвикана од силната пропаганда инсценирана од Русија и од националистичките партии, со цел да ја намалат популарноста на ЕУ, е смирена.
„Ние се бориме со овој феномен, и во моментот сме започнале една јавна кампања, одејќи по градови, комуницираме и зборуваме со луѓето, дека ова нема на го загрози нашиот идентитет или нашата иднина, туку дека носи членство во ЕУ и дека уставните измени се најдобриот начин да го зачуваме нашиот идентитет и развој како просперитетна европска држава“, рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во интервјуто за Балканс Дебриф, претставено од Центарот за Европа на Атлантскиот совет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.

