Македонија
Маричиќ: Вреди да вложиме напори за да успеат уставните измени, секоја друга опција би била полоша
„Јас сум оптимист дека овие уставни измени ќе се случат. Сè уште работиме на планот А а тоа е успешно спроведување на уставните измени, доколку опозицијата остане и не ги гласа тогаш последиците ќе бидат долгорочни, и тоа внатрешни и надворешни. Мислам дека така ќе го загубиме моментумот, ќе го изгубиме статусот од земја којашто преговара во земја којашто е далеку од преговорите како што се Босна и Херцеговина и Косово. Северна Македонија беше предводник на овој процес кој го започна уште во 2001 година и со добивање на кандидатскиот статус во 2005 заедно со Хрватска. Затоа сметам дека ова е нешто за кое вреди да се бориме и да вложиме напори за да успееме, затоа што секоја друга опција би била полоша“, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ за поткастот „Балканс Дебриф“.
Маричиќ додаде дека уставните измени не се прават заради Бугарија, ниту пак заради некоја партија, туку за иднината на државата, за да Северна Македонија стане земја членка на ЕУ и дека планот на Владата е јасен, за да не се вратиме во чекалната, во којашто седиме последните 17 години.
„Ние сме го отвориле дијалогот и со опозицијата, не само со раководството туку индивидуално со секој пратеник на Собранието, и ќе направиме сè што можеме да им објасниме и да ги убедиме, ако не целата група, барем дел од нив дека ова е вистинскиот момент кога треба да се донесе одлука. Во спротивно ќе бидеме уште еднаш спречени на патот кон ЕУ, и тоа ќе биде на наша штета, нагласи вицепремиерот Маричиќ.
Тој изрази сигурност дека поголемиот дел од пратениците ќе успеат да ја разберат важноста на нивната позиција и одговорноста која ја имаат во донесувањето на овие одлуки, и дека има доволно време до ноември за да се добијат потребните седум-осум гласови кои недостигаат.
На прашањето за уставните измени и реакциите на јавноста и нивната непопуларност, како што тврди опозицијата, вицепремиерот Маричиќ рече дека има два аспекти одговорот на ова прашања, објаснувајќи дека тоа не е стандардна обврска од пристапните преговори со ЕУ, односно дека е билатерално барање на една земја членка, и другиот аспект поради фактот дека бевме уверени дека со затворањето на спорот со Грција ќе завршат пречките за нашите преговори со ЕУ.
„Влада направи тешки, но добри преговори со Бугарија и Франција за време на француското претседавање изминатата година, за да го направи овој т.н. Француски предлог, со кој сме овозможиле заштита на нашиот јазик и идентитет и ова сме го докажале во пракса, и овозможивме отворање на преговорите со ЕУ“, нагласи Маричиќ, додавајќи дека „како што поминува времето, луѓето разбираат дека не носат никаков ризик за македонскиот идентитет овие уставни измени“.
Во таа насока Маричиќ смета дека атмосферата е многу по различна од минатата година и дека реториката предизвикана од силната пропаганда инсценирана од Русија и од националистичките партии, со цел да ја намалат популарноста на ЕУ, е смирена.
„Ние се бориме со овој феномен, и во моментот сме започнале една јавна кампања, одејќи по градови, комуницираме и зборуваме со луѓето, дека ова нема на го загрози нашиот идентитет или нашата иднина, туку дека носи членство во ЕУ и дека уставните измени се најдобриот начин да го зачуваме нашиот идентитет и развој како просперитетна европска држава“, рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во интервјуто за Балканс Дебриф, претставено од Центарот за Европа на Атлантскиот совет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Да излеземе да гласаме, за да не можат да не’ уценуваат никогаш повеќе
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва порача дека изборите се финална одлука за тоа дали Македонија ќе биде вратена назад на народот или ќе остане киданапирана во рацете на стотина луѓе.
„Да ја отфрлиме апатијата и цинизмот и наместо тоа да ја прифатиме моќта на нашиот колективен глас да донесе значајни промени. Заедно надминавме безброј предизвици, преживеавме бури и напредувавме со непоколеблива решителност. И сега, додека стоиме на прагот на новото поглавје во приказната на нашата нација, да го искористиме овој момент со храброст и со одлучност. Пријатели, браќа и сестри, Нашата победа е на дофат. Но, не е доволно само да веруваме во подобро утре. Мора да дејствуваме. Мора да се мобилизираме. Мора да гласаме. За да немаат можност да нѐ уценуваат никогаш повеќе! Ве повикувам да излезете на избори со гордост и со одлучност“, порача Мицкоски.
Како што додаде, сите сме свесни во каква состојба е државата и што се случува околу нас. Оправдано, вели Мицкоски, многумина од вас велат ја изгубивме државата, затоа што гледаат дека институциите не функционираат, ја препознаваат корупцијата која е широко распространета, знаат дека политичарите не мислат на нив, туку само на себе.
„Тоа мора да престане. Мора да престанат разочарувањата и поделбите.Затоа што, има само една Македонија. Нема социјал-демократски планини, и вмро-вски реки, нема градови и села на дуи, или на алијанса и беса, или алтернатива, нема езера на левица или на Знам, тоа е една единствена Македонија. Нема социал-демократска или вмровска Македонија. Има само една Македонија. И ова е говорено многупати претходно но никој ништо не превзел. И се додека тоа не го сфатиме сите, и одговорно се однесуваме кон тоа, затоа што е крајно време, и ова е ми се чини и нашата последна шанса, се до тогаш, не е можен просперитет. Мора да сфатиме дека има само една Македонија и сите сме нејзин составен дел и дека таа не е ништо без нас и ние без нејзе, и дека од тоа каква е и каква ќе биде, зависат нашите животи и животите на идните генерации“, порача Мицкоски.
Македонија
Сиљановска-Давкова до младите: Не бегајте од Македонија, на 9 мај ќе почне нова демократска македонска историја
На 8 мај мора да ја повторите лекцијата од 24 април. Да научат како се однесува народот. Мора да им одржиме лекција дека народот легитимира, народот делегитимира. На овие избори се случува чудо, не доаѓаат само реки од народ од Македонија, туку и нашите Македонци од странство. На младите им порачувам, не бегајте од Македонија, не одете си! На 9 мај ќе почне нова демократска македонска историја. Ќе имаме нова одговорна власт, порача на митингот во Прилеп, кандидатката за претседателка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска-Давкова.
„Немојте да дозволите оние кои повикуваат на бојкот да ви го суспендираат избирачкото право. Тоа е ваше! Излезете и гласајте! Така ставате камче во новиот темел на демократска Македонија! Надежта ја гледам секој ден на лицата на младите, кај возрасните! Знаат дека се ближи ново време, ново македонско доба во која улога ќе имаат сите без оглед на припадноста. Времето на знаење, ум, креација доаѓа! Вие го направивте правиот избор на 24 април. Не се сомневам дека нема да го бојкотирате она што е ваше, избирачкото право. Сигурна сум дека ќе го направите вистинскиот избор на 8 мај. А потоа, заедно ќе го славиме Денот на победата над фашизмот. Тој ден ги обедини сите и повторно сите ќе не обедини. Ама сега за повисоки цели. За право и правда! За држава каква што заслужувате! Ве молам размислете, ние немаме друг избор. Македонија! Македонија вечна! Македонија сме ја наследиле, ќе ја оставиме на идните поколенија! Македонија горда! Како што се гордеам јас на Ченто, да се гордеете вие на вистинските чекори што сте ги направиле на 24 април и на 8 мај“, порача Давкова.
Македонија
Таравари: Ветувам дека кога ќе ја формираме Владата ќе трчаме уште посилно отколку во кампањата
„Со верба ветувам дека јас и сите челници на ВЛЕН кога ќе ја формираме Владата ќе трчаме уште посилно отколку во кампањата“, ова беше првото јавно ветување што Арбен Таравари го даде на големиот митинг во Тетово, додавајќи дека по 8ми мај нема да им биде удобно во кожните фотелји, туку ќе работат уште повеќе за сите.
Таравари нагласи дека иако имал многу понуди од Али Ахмети, тој избрал да биде со народот.
„Не сакам да се задржам многу. Оваа кампања беше незаборавно искуство за мене! Најдов пријатели и тим како ВЛЕН, видов и предавство од некои, кај кои како и кај секој предавник останува само сенка, но во повеќето најдов многу верба и храброст! Имав многу понуди од Али Ахмети, понуди на кои некои мои сопартијци не можеа да одолеат… но јас избрав да бидам ти. Горд сум што го направив овој избор и нека ни е Среќна Победата!“ – истакна Таравари.
Убеден во победата, Таравари рече дека Историската промена ќе остане запаметена како Револуција на светлата.
„Сега сè започна со некои светла од мобилни телефони, кои се палеа дури и кога режимот викаше дека ги гаси светилките на народот… овие светилки се спротивставија… се зголемија и денес тие се светлината на слободата што ја дигнаа земјата на нозе! Сега ги поканувам моите колеги од ВЛЕН на сцената и сакам сите да се фотографираат со вашите светла и да знаат сите дека оваа Историска промена ќе биде запаметена како Револуција на светлата. Господ да ве благослови!” рече Таравари во своите завршни зборови пред илјадници граѓани во Тетово.