Македонија
Маричиќ: Граѓанскиот сектор ќе биде дел од преговарачкиот процес со ЕУ
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денеска одржа координативен состанок со претставниците на граѓанскиот сектор, пред кои го објасни процесот на скрининг и даде краток осврт на тековните активности на Секретаријатот за европски прашања во пресрет на подготовките за скрининг состаноците, кои започнуваат за три недели.
– Убеден сум дека граѓанските организации ќе дадат значаен придонес во спроведувањето на реформите и напредокот кон членството во ЕУ. Граѓанскиот сектор е признат партнер на Владата во овој процес. Ова партнерство и искрена соработка меѓу државниот и граѓанскиот сектор е еден од предусловите за успешно искористување на структурните фондови на ЕУ, рече вицепремиерот Маричиќ, додавајќи дека треба граѓанските организации да се подготвуваат и за учество, и за користење и поголема апсорпција на ЕУ фондови.
Вицепремиерот Маричиќ на состанокот со граѓанските организации отвори дискусија за модалитетот и начинот на кој претставниците на граѓанските организации ќе бидат вклучени во овој процес, за што дополнително ќе треба заеднички да се договорат и посочи дека Секретаријатот за европски прашања веќе има ангажирано и регионален експерт преку проектот Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија, кој би помогнал во дефинирање на соработката, поставувањето платформа за вклучување претставници на граѓанското општество во работните групи од самиот почетокот на пристапните преговори.
-Со отпочнување на неговиот ангажман, секако дека ќе бидете во блиска соработка за да може да се изнајде модел кој ќе биде во најдобар интерес на процесот. За време на целиот процес, Советот за соработка со граѓанските организации ќе биде мостот на комуникација, истакна Маричиќ пред претставниците на граѓанските организации.
Вицепремиерот Маричиќ продолжува со меѓуинституционалните координативните состаноци кои изминатите денови ги спроведува пред финиширањето на преговарачката структура, која следната недела треба да се усвои од страна на Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Милошоски на Конференцијата на претседатели на парламенти на земјите од ЈИЕ во Будимпешта
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, на 26 и 27 февруари ќе учествува на Конференцијата на претседатели на парламенти на земјите од Југоисточна Европа, која ќе се одржи во Будимпешта, во организација на Националното собрание на Унгарија.
Станува збор за традиционален меѓупарламентарен форум што се организира од 2004/2005 година и претставува значајна платформа за политички дијалог и парламентарна соработка меѓу земјите од Југоисточна Европа. Фокусот на конференцијата е насочен кон регионалната соработка, европската интеграција и заедничкото справување со актуелните политички, економски и безбедносни предизвици во регионот.
Во рамки на официјалната агенда, на 27 февруари ќе се одржи 12-тата Конференција на претседатели на парламенти, на која ќе учествуваат спикерите и шефовите на делегации од земјите на Југоисточна Европа, како и од земјите на Вишеградската група. Централна тема на првата сесија ќе биде „Состојбата на проширувањето во регионот на Југоисточна Европа“, додека втората сесија ќе биде посветена на „Економските инвестиции и енергетските поврзувања – предизвици и можности во регионот“.
На конференцијата се предвидени обраќања на високи претставници на земјата домаќин, како и на претставници на Европската унија и меѓународни организации, по што ќе следат дискусии и излагања на учесниците. Во завршниот дел е планирано усвојување на заедничка парламентарна декларација, како и билатерални средби меѓу делегациите.
„Собранието на Република Северна Македонија редовно учествува на оваа конференција, која претставува важен дел од напорите за унапредување на парламентарната дипломатија и зајакнување на европската перспектива на регионот“, пишува во соопштението.
Македонија
Предложени мерки за унапредување на правото на здравје на лицата со попреченост
Во Собранието се одржа настан на тема „Унапредување на правото на здравје за лицата со попреченост“, во организација на Интерпартиската парламентарна група (ИППГ) за правата на лицата со попреченост, во соработка со Зета – организација за попреченост и правда, Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености – Велес, Порака – Неготино и Еко – Живот – Кавадарци.
Настанот имаше за цел отворање институционален дијалог за унапредување на пристапот до здравствени услуги, подобрување на системските решенија и зајакнување на соработката помеѓу законодавната и извршната власт и граѓанскиот сектор, при што беа презентирани и наодите од анализата за предизвиците со кои се соочуваат семејствата на лицата со попреченост, како и можните решенија поврзани со нивниот медицински третман, со цел обезбедување еднаков и достоинствен пристап до здравствена заштита.
Претседателот на ИППГ за правата на лицата со попреченост, Никола Мицевски, истакна дека правото на здравје е фундаментално човеково право, нераскинливо поврзано со правото на живот и заштитата на човековото достоинство. Уставот гарантира здравствена заштита за секој граѓанин, што претставува обврска институциите континуирано да го унапредуваат системот и да обезбедат еднаков, квалитетен и навремен пристап до здравствени услуги за лицата со попреченост. Собранието останува отворено за предлозите и искуствата на граѓаните со цел носење одржливи и инклузивни решенија.
Во активна дискусија присутните имаа можност да ги искажат предизвиците со кои се соочуваат при остварувањето на правото на здравје, како и предизвиците со кои се соочуваат институциите и другите чинители во оваа област. Беше нагласена потребата од континуирани реформи во здравствениот систем, унапредување на законската рамка, обезбедување финансиска одржливост на услугите и воведување механизми за следење на спроведувањето на политиките.
Како предложени мерки за унапредување на правото на здравје на лицата со попреченост се:
· Ортопедските помагала кои се обезбедуваат на товар на Фондот за здравствено осигурување, да бидат целосно усогласени со индивидуалните потреби на лицата со попреченост, да овозможуваат избор и да бидат со подобар и проверен квалитет, во согласност со современите медицински и технолошки стандарди;
· Адаптација на здравствените установи на сите нивоа на здравствена заштита со цел обезбедување целосна физичка, сензорна и комуникациска пристапност за лицата со попреченост, во согласност со принципите на универзален дизајн;
· Воведување задолжителна, континуирана обука за здравствените работници за работа со лица со различни видови на попреченост, со фокус на пристап базиран на човекови права, достоинство, недискриминација и информирана согласност.
· Унапредување на системот „Мој термин“, со воведување механизми за приоритетно закажување за лицата со попреченост, особено за лица со попреченост кои имаат потреба од поголема поддршка, хронични состојби.
„Настанот се одржа во клучен момент – кога се подготвуваат измените на Законот за здравствена заштита и претставува значаен чекор кон градење поинклузивен здравствен систем, заснован на еднаквост, пристапност и почитување на човековите права. На истиот беа донесени заклучоци во насока на унапредување на правото на здравје за лицата со попреченост“, се наведува во соопштението од Собранието.
Македонија
Петрушевски: Тужбата за клевета нема да го испере Заев, стојам зад секој кажан збор
Тужбата за клевета нема да го испере Заев, ниту ќе ја сокрие вистината, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, по тужбата од поранешниот лидер на СДСМ, Зоран Заев поднесена против него и против Жан Митрев.
„Завршија времињата кога од позиција на власт се нарачуваа пресуди, се вршеа притисоци врз обвинители и судии, и се замолчуваа оние што поставуваа прашања. Денес институциите мора да работат по закон, а не по телефон. Јас стојам зад секој јавно изнесен збор и подготвен сум аргументите со Заев да ги соочиме пред судот и пред јавноста. Судницата не е средство за заплашување, туку место каде се утврдува вистината“, вели Петрушевски.
Тој додава дека денес никој не е над законот. „Ниту поранешен премиер, ниту актуелен пратеник. Но, наместо Заев да се обидува преку тужби да ја замолчи критиката, нека одговори на суштинските прашања што кои ја интересираат јавноста. А вистината секогаш излегува на виделина“, вели пратеникот.

