Македонија
Маричиќ: ЕУ е и ќе биде најважниот политички и мировен проект
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, во рамки на Преспа форумот за дијалог, во текот на вториот ден од Конференцијата со свое обраќање ја отвори сесијата насловена: „Западен Балкан – управување во турбулентни времиња“ на која ја потенцираше важноста на кредибилноста на ЕУ, перспектива за сите земји од регионот, согласно нивниот напредок во внатрешните реформи.
„ЕУ одсекогаш била и ќе биде најважниот политички и мировен проект. Ако тоа не беше случај, воопшто немаше да збруваме за украинските перспективи, за придружување на сите држави од источното партнерство. Затоа, важно е да се има на ум дека ЕУ е сè уште многу повеќе политички и мировен проект, отколку само економски или проект на заеднички пазар“, истакна Маричиќ додавајќи дека политиката на проширување е во криза и затоа неопходен е јасен план за проширување за Западниот Балкан.
Вицепремиерот рече дека е потребен подинамичен процес на пристапување којшто ќе овозможи на општествата и на нашите граѓани поголемо дружење и социјализирање, многу повеќе за да нè подготви за членството.
„Слушнавме за идеите за фазно пристапување, нешто кое ќе го направи процесот на пристапување многу подинамичен и покорисен за кандидатите и можеме да прифатиме дека тоа навистина ни е потребно што е можно поскоро“, посочи Маричиќ.
Панелисти на оваа сесија беа Доника Гервала, МНР на Косово, Алеш Хмелар, ЗМНР на Чешка, Меги Фино, ЗМНР на Албанија, Ангелина Ајхорст, директор за ЗБ во ЕЕАС, Габриел Ескобар, специјален претставник на САД за ЗБ, Стјуарт Пич, Специјален претставник на ОК за ЗБ, Мануел Сарацин, специјален претставник на Германија за ЗБ, Јоханес Ајгнер, специјален претставник на Австрија за ЗБ, додека преку видео порака се обратија Пјеро Фасино, претседател на Комисијата за надворешни работи на Италијанскиот парламент, и Клеман Бон, државен секретар за европски прашања во Министерството за Европа и надворешни работи на Република Франција.
Во фокусот на дискусијата беше влијанието на најновите геополитички настани врз интеграцијата на Западниот Балкан во ЕУ, политичката волја да се оди над стерилната дихотомија меѓу европската перспектива и кредибилен процес на пристапување на земјите од регионот, потребата за надминување на геостратешка „неодлучност“ на ЕУ,, како и додадената вредност која земјите од регионот ја дават на Унијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

