Македонија
Маричиќ: Интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ ќе ги отфрли сите нон-пејпери
Министерот за правда, Бојан Маричиќ, во онлајн вклучување на настанот „Регионална агенда 2020-2030“, кој се одржува деновиве во Херцег Нови – Црна Гора, порача дека ако Западен Балкан стане дел од ЕУ, тогаш може да се отфрлат сите нон-пејпери и идеи за прекројување на границите.
„Северна Македонија претрпе многу поради условите за пристапување на ЕУ, помина најмногу време во чекалната на ЕУ, направи многу храбри политички чекори, после декада на заробена држава. Кредибилитетот на ЕУ мора да зајакне, за да не се отворат сите мировни договори на Балканот и да не се дискутираат различни нон-пејпери кои се многу ризични. Најмалку што можевме да очекуваме е старт на преговорите со ЕУ“, истакна Маричиќ.
Министерот истакна дека подобрата соработка на земјите од Западен Балкан во областите економија, образование и животна средина значително ќе им помогне на државите економски да зајакнат и да се доближат до европските стандарди, но дека сепак процесот на проширување е клучен за брза интеграција на Западен Балкан во ЕУ.
„Не сакаме да се чувствуваме како сцена од филмот „Бескраен ден“, кога стануваме секое утро и секој ден е исто – сакаме напредок и убедени сме дека ги заслужуваме. Почетокот на преговорите со ЕУ значително ќе влијае на темпото на реформите, а нашите граѓани ќе може тоа да го почувствуваат особено во областа на владеењето на правото“, порача Маричиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по влажни коловози. Слаб снег провејува на планинскиот премин Стража кој во мометот не се здржува на коловозот. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на Плетвар и Пресека, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Бутел, Ѓорче Петров и Аеродром денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од ул. бр. 2 во с. Љубанци. (Општина Бутел)
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од ул. бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од улиците со бр. 1 и бр. 9 во с. Долно Лисиче. (Општина Аеродром)
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локални врнежи од дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места претежно во западните и северните делови од снег. Ќе дува слаб до умерен северозападен, а наместа во западните делови повремено засилен западен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 5, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег. На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а во петок повторно ќе има врнежи од дожд и снег.

