Македонија
Маричиќ од Стразбур: На ЕУ ѝ се потребни јасен план и стратегија за проширување
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ учествување на панел дискусијата во рамки на Европскиот самит во Стразбур, на тема „Дали Европа ќе ги преживее кризите?“, на кој рече дека само обединета, одлучна, со јасен план и стратегија ЕУ ќе успее да ги надмине предизвиците со кои се соочува во моментот.
– Новата реалност која ја живееме и ние и ЕУ бара конкретни чекори и одлуки кои ќе нè прават поединствени и ќе нè водат напред. Само со правилни одлуки и јасен стратешки план за проширување Европската Унија ќе ги надмине сегашните предизвици, рече Маричиќ.
На панелот се отвори дебата за кредибилитетот на ЕУ и влијанието во земјите на Западен Балкан, особено последните години, како последица од пасивноста на политиката на проширување, на која вицепремиерот Маричиќ одговори дека довербата на граѓаните во Европската Унија е најважна и мора да се работи да ја вратиме, потенцирајќи дека анкетите говорат за пад на поддршката за членство на Северна Македонија во ЕУ и дека постои неверување дека ќе станеме членка во кој било момент.
На истото прашање, Каролине Ештадлер, федералната министерка за ЕУ и Устав на Австрија рече дека проширувањето не е прашање на брзина, туку на кредбилност на ЕУ и дека долго време настрана беше држена политиката на проширување, нагласувајќи дека Австрија останува поддржувач на интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ.
Канцеларот на Австрија, Карл Нехамер, рече дека е за голема почит и поздравување чекорот што го направи Северна Македонија и што ги започна преговорите со Унијата.
– Ние сме мостот со Западен Балкан и треба уште поинтензивно да се посветиме на него. Напредок мора да има во земјите од регионот. Ќе биде долготраен процес, но мора да им докажеме дека сме заинтересирани за нив, рече Нехамер.
Вицепремиерот Маричиќ на панелот говореше и за важноста од членството во НАТО, која се потврдува во овие денови на војна на тлото на Европа и кога земји како Финска и Кралството Шведска чекаат да станат дел од најголемиот воен сојуз.
– Направивме голема жртва за членство во НАТО и ги потврдивме нашата искрена намера и решителност во исполнувањето на стратешките цели на државата. Покажавме во овие моменти дека сме и доверлив партнер на ЕУ со 100% усогласеност со надворешната политика на ЕУ. Сега очекуваме и ЕУ да биде прва во поддршката и помошта со справувањето со кризите, истакна Маричиќ.
Вицепремиерот Маричиќ рече дека единствена опција за нашата земја е Унијата која сè уште е најдобриот мировен, политички и економски проект за целиот континент.
– Немаме подобра опција. Сè уште е мировен проект, инаку не би го поставувале денеска прашање дали Украина треба да биде дел од Европската унија. Западен Балкан, исто така, беше турбулентен регион. Но со влегувањето во ЕУ, ќе биде запечатена темата за нашиот просперитет, безбедност и стабилност, додаде вицепремиерот.
На панелот заедно со Маричиќ учествуваа и Никола Беер, Заменик претседателката на Европскиот парламент, Петер Лаунски-Тиефентал, Генерален секретар на Министерстото за надворешни работи на Австрија, Лилиана Павлова, заменик претседателка на Европска инвестициска банка и Марко Штуцин, Државен секретар за европски работи и меѓународно право на Словенија.
На маргините на Европскиот самит, Маричиќ оствари средби со еврокомесарот за буџет и администрација, Јоханес Хан, со генералениот секретар на Министерстото за надворешни работи на Австрија, Лаунски-Тиефентал и Александар Симурдиќ, директор на Фондот за европски прашања на АП Војводина.
Европскиот самит се одржува по 18-ти пат оваа година, од 23-ти до 25-ти октомври 2022 година, а годинава темата е Европа и мир: „Визии за Европа: Очекувања и реалност“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче да каже зошто со Заев дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и кој и колку профитирал, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Филипче жестоко се обидува да го одбрани својот ментор Заев и поврзаноста на луѓето блиски до СДС во последниот скандал со запленетата марихуана, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче и кланот Заеви, Македонија ја претворија во Балкански „нарко-центар“, каде наместо медицинска се произведувала марихуана за црниот пазар. Запленетите 40 тони марихуана, директно водат до фирми блиски до Заев и Филипче.
Венко Филипче е без кредибилитет. Нема афера и скандал, а тој и Заев да не се вплеткани. Филипче и Заев се синоним за криминал, корупција, импровизации, нетранспарентни одлуки и контроверзи. Филипче е човекот кој го уништи здравствениот систем во државата“.
Македонија во време на владеењето на СДС, додаваат од владејачката партија, Зоран Заев и Венко Филипче, наместо строго контролирано производство на канабис за медицински цели, беше претворена во балкански нарко центар за шверц на марихуана на црниот пазар.
Според нив, факт е дека темелите на бизнисот за марихуана ги постави владата на Зоран Заев во 2020 година, додека Филипче беше министер за здравство.
„Владата на СДС делела лиценци на фирми поврзани со Зоран и Вице Заев, а резултат на тоа, денес се тони дрога и сериозни безбедносни последици за државата.
Факт е и дека околу 70 проценти од запленетата дрога деновиве е на фирма во сопственост на луѓе на Заев.
Медицинската марухуана била параван за организиран криминал во огромни размери“.
Прашуваат, зошто Заев лично се интересирал за случајот со петте тони марихуана запленети во Србија?
„Зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и колку профитирале?
Дали измените на правилникот се донесени по конкретна насока од Заев, и дали со нив се отворил простор за можни злоупотреби и незаконска трговија?
Одговорност мора да има“.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сали-Варнс: нагласена посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс.
На средбата беше истакната важноста на стратешкото партнерство меѓу земјата и Соединетите Американски Држави, како и континуираната американска поддршка за демократските и развојните процеси.
Соговорниците разговараа за клучната улога на регионалната стабилност како предуслов за мир и одржлив развој.
Сали ја нагласи посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем, оценувајќи ги овие чекори како суштински за зајакнување на владеењето на правото, зголемување на транспарентноста и подобрување на услугите за граѓаните.
Двете страни ја реафирмираа подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната соработка.

