Македонија
Маричиќ: Позитивниот модел на мултикултурализам во Северна Македонија е пример за регионот и европска вредност за која цврсто се залагаме
Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, се обрати на денешната конференција посветена за жените Ромки и патнички.
За почеток, во изјавата Маричиќ истакна дека основните принципи на програмата на коалицијата што ја предводи овaa Влада е стратешката определба да гради општество еднакво за сите.
„Определба на оваа Влада е да се работи на една од најранливите групи, а тоа се Ромите, група што заслужува особено внимание, група што е една од столбовите на нашиот мултикултурен модел. Затоа е важно како Влада сѐ што правиме и планираме да правиме да биде во правец на подобрување на интеграцијата на Ромите во општеството. Само така може да градиме кохезивно општество со континуиран економски и одржлив развој, во кое граѓаните, без разлика на која етичка група припаѓаат, да се чувствуваат еднакви, вклучени со еднакви можности за личен развој.
Вицепремиерот Маричиќ ја потврди силната политичка волја за целосна имплементација на стратегијата за вклучување на Ромите и жените Ромки како посебна категорија.
„Во оваа насока, заеднички работиме на подобрување на благосостојбата на Ромите, квалитетот на живот и нивна интеграција во македонското општество, а преку него и во поширокото европско семејство.
Само така ќе ги оствариме целите од стремежот да градиме кохезивно општество и општество со континуиран економски и севкупен одржлив развој, во кое граѓаните, независно на која етничка заедница и припаѓаат, се чувствуваат безбедно и имаат еднакви можности за личен развој и напредок“.
„Определени сме да ги следиме и сите европски препораки. Важно е политичкото учество на граѓаните Роми во донесувањето одлуки што се поврзани со унапредувањето на положбата на Ромите во Северна Македонија. Овој позитивен модел што го применува нашата земја е пример во регионот и пошироко“, рече Маричиќ.
За решавање на приоритетните прашања за граѓаните Роми, ги ставивме во функција ресурсите од централниот буџет и донаторските средства. Сите овие политики даваат видливи резултати и тие се нотирани и во извештајот на ЕК за напредокот на земјата.
Маричиќ во таа насока ги спомна законодавните активности за зајакнување на превенција од кривични дела на расизам и за унапредување на правото на Ромите до пристап до правдата преку механизмот на бесплатната правна помош.
„Ги донесовме измените на Законот за матичната евиденција, на Законот за пријавување на местото на живеење и Законот за личната карта и со тоа го отворивме патот кон решавање на сите познати случаи на бездржавјанство и исполнување на меѓународните обврски на државата“.
„Во извештајот на Европската комисија се констатира дека прекинувањето на бездржавјанството може да има значително позитивно влијание врз засегнатите Роми и општеството како целина. Постигнат е одреден напредок, за нас се прифатливи сите укажувања за натамошни напори за целосно унапредување на инклузијата и на заштитата на Ромите“.
„Овие цели за еднакви права и достоинствен живот за сите, се, пред сѐ, желба да ја јакнеме инклузивноста во македонското општество затоа што тоа е патот до успешна, заедничка Република Северна Македонија, дом за сите, достоен член на Советот на Европа, но и иден член на Европската Унија до 2030 година“.
На конференцијата учество зедоа и Бјорн Берге, заменик-генералниот секретар на Советот на Европа, министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, и други високи претставници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за пушење следната недела пред Владата – фазната имплементација не значи одложување, појаснува Министерството за здравство
Министерството за здравство соопшти дека останува целосно посветено на донесување и имплементација на Законот за заштита од пушење, согласно законските рокови.
Во моментот, како што велат од Министерството, се финализира анализата на пристигнатите коментари од јавната расправа на ЕНЕР, како и ставовите доставени од засегнатите страни, институциите и бизнис заедницата, по што следната недела финалната верзија ќе биде доставена до Владата.
„Потенцираме дека овие усогласувања не ја менуваат суштината на законот. Целите остануваат јасни и непроменети: спречување на започнување со пушење кај младите и создавање генерации без никотинска зависност, заштита на работниците и граѓаните од пасивно пушење во затворени јавни и работни простории.
Во однос на наводите за „фазна имплементација“, појаснуваме дека тоа не значи одложување на неговата имплементација по усвојувањето во Собранието. Законот ќе стапи на сила по неговото донесување согласно законските рокови. Фазноста се однесува на начинот на примена во почетниот период, при што првата фаза ќе биде со засилен надзор, информирање и опомени. Целта е институциите, угостителите, и граѓаните да се адаптираат, да добијат јасни упатства и поддршка, а културата на почитување на правилата да се изгради одржливо на долг рок“, велат од Министерството.
Се додава дека остануваат отворени за комуникација и навремено информирање на јавноста за секој следен чекор од процесот.
Македонија
Герасимовски: Го чуваме редот и јавниот простор во Центар, 86 казни за непрописно паркирање за три дена
Комуналните инспектори и комуналните редари на општина Центар претходната недела изрекоа вкупно 86 казни за непрописно паркирање на јавни и зелени површини, од кои досега 24 се платени.
Контролите се фокусирани на подрачјата на Дебар Маало и Градски ѕид, каде најчесто се евидентираат вакви прекршоци. Засилените контроли ќе продолжат и во наредниот период, известуваат од општина Центар.

На секое непрописно паркирано возило се остава известување за сторен прекршок, а казната изнесува 50 евра, согласно Законот за комунални дејности и Одлуката за комунален ред на Општина Центар. Доколку прекршочниот платен налог се подигне и се плати во рок од осум дена, сторителот има можност да плати половина од износот на изречената казна.
„Редот мора да се почитува, а безбедноста на пешаците и заштитата на јавниот простор се наши приоритети. Апелирам до сите граѓани да ги почитуваат законите и прописите за сообраќај и комунален ред, за да имаме уредна, безбедна и хумана средина за сите,“ рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Општина Центар ги повикува граѓаните да ги почитуваат законите и прописите за сообраќај и комунален ред, со цел заштита на пешаците и јавниот простор.
Македонија
За една недела отстранети 653 кубни метри отпад во Скопје
Во текот на изминатата седмица, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа 653 кубни метри непрописно одложен отпад на територијата на градот Скопје.
ЈП Комунална хигиена-Скопје повторно интервенираше и на булеварот Никола Карев (Пластичарска улица), каде што беа подигнати приближно 60 кубни метри мешан комунален отпад од три помали диви депонии.
Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје минатата недела врачи 32 записника за лица и правни субјекти затекнати при непрописно одлагање отпад. Најголем број на записници се изготвени во скопската општина Чаир.

