Македонија
Маричиќ потпиша рамковна спогодба за превод на европското законодавство на македонски јазик
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денес потпиша рамковна спогодба за превод на европското законодавство на македонски јазик со седум економски оператори.
„Едно од клучните обележја на Европската Унија отсекогаш била нејзината повеќејазичност и ние, со денешното потпишување на оваа рамковна спогодба, со здружени сили ја докажуваме нашата заложба да придонесеме кон успешно објавување на правото на ЕУ на македонски јазик во ‘Службениот весник на Европската Унија’“, истакна Маричиќ во обраќањето по повод потпишувањето на рамковната спогодба за превод.
Тој нагласи дека процесот на преведување на европското право на македонски јазик се одвива без прекин бидејќи и по отворањето на преговорите со Унијата и почнувањето на скрининг-процесот, земјата паралелно мора да работи на усогласувањето на националното законодавство со правото на ЕУ.
„Успехот на скринингот и неговото времетраење во голема мера зависи од усогласувањето, односно процесот на преземање и примена на acquis“, рече Маричиќ посочувајќи дека овој услов за членство е идентичен за сите земји кандидатки, а произлегува од правниот систем на ЕУ, кој одредува дека сите официјални јазици на земјите членки се и официјални јазици на Унијата и дека сите јазични верзии на правните акти се оригинални и еквивалентни.
Вицепремиерот Маричиќ истакна дека добар и квалитетен превод значи правилно транспонирање и имплементирање на законодавството на Европската Унија, а истовремено македонскиот јазик ќе ужива статус на еднаков и официјален јазик на Унијата кога нашата држава ќе стане нејзина полноправна членка.
Изминатата година од страна на внатрешните ресурси со кои располага Секретаријатот за европски прашања, заедно со ангажираните надворешни лица, беа преведени, јазично ревидирани и лекторирани вкупно 17.322 страници, што претставува показател на една успешна приказна, која мора и треба да продолжи.
Оваа година Секретаријатот за европски прашања (СЕП) склучи рамковна спогодба со 7 економски оператори за превод на европското законодавство, кои вкупно имаат 110 преведувачи и 35 лектори. Во согласност со оваа рамковна спогодба, ќе се врши превод од англиски и француски на македонски јазик, истите текстови јазично ќе се ревидираат и лекторираат. Понатаму, пакетите се испраќаат во СЕП и нашиот сектор – Сектор за подготовка на националната верзија на правото на ЕУ – врши внатрешна контрола на доставените материјали. Оваа година има предвидено вкупно 20.000.000 денари со ДДВ за усогласување хармонизација со европската правна рамка и се очекува превод, јазична ревизија и лектура на над 15.000 авторски страници.
Правото на ЕУ претставува инструмент за успешна интеграција, но неговото усвојување е услов, а не предмет на преговарање со Унијата. Оттука, преводот на правото на ЕУ претставува наша обврска, која мора да биде извршена со највисок квалитет и да се одвива континуирано. Македонскиот јазик ќе ужива статус на еднаков и официјален јазик на Унијата кога нашата држава ќе стане нејзина полноправна членка. Преводот на правните акти на ЕУ мора да соодветствува со стандардите на македонскиот јазик, а сепак да го одразува духот на евро-жаргонот, со што ќе се обезбеди збогатување, но и заштита на самиот јазик, а тоа бара интензивна работа, особено во годините што доаѓаат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Минчев на јавна расправа во Собранието: Одговорност, мерит и јасни правила за високото раководство во администрацијата
Министерот за јавна администрација Горан Минчев денеска се обрати на јавната расправа во рамки на Комисијата за политички систем при Собранието на Република Македонија, посветена на Предлог-законот за високата раководна служба во органите на државната управа и фондовите.
Во своето обраќање, Минчев истакна дека реформата на високата раководна служба претставува клучен сегмент од сеопфатната реформа на јавната администрација и дел од пошироката реформска агенда насочена кон изградба на професионална, стабилна и отчетна државна администрација.
„Реформата на високата раководна служба не е техничка интервенција во законодавството. Таа е политичка одлука од највисок ранг и одраз на државничка зрелост и одговорност“ нагласи министерот, додавајќи дека начинот на уредување на највисоките управувачки позиции директно влијае врз квалитетот на владеењето, стабилноста на институциите и довербата на граѓаните.
Посочи дека со предложеното законско решение првпат се воспоставува кохерентна и унифицирана рамка за именување, мандат, оценување и разрешување на високите раководители, вклучително и директорите, државните секретари, замениците и членовите на управните одбори.
„Принципот на мерит, кој со години го споменувавме во декларативна форма, со овој закон станува системско правило. Воведуваме појасни критериуми, јавен повик, структурирана селекција и рангирање, со јасна обврска процесот да биде транспарентен и сеопфатен“ истакна Минчев.
Во однос на улогата на извршната власт во процесот на избор, министерот нагласи дека задржувањето на конечната одлука кај Владата е во согласност со уставниот поредок и принципот на политичка одговорност.
„Во парламентарна демократија, одговорноста не може да биде апстрактна. Таа мора да има јасен носител. Ова не е отстапување од мерит-системот, туку негово институционално усогласување со демократската легитимност“ посочи министерот.
Посебен акцент беше ставен и на реформата на управните одбори, со намалување на нивниот состав на три члена, како и на ограничувањето на институтот „вршител на должност“ кој со новото законско решение станува строго временски ограничен механизам.
„Овој закон не создава привилегии, туку поставува одговорности. Тој не концентрира моќ без контрола, туку ја поврзува моќта со отчетност и резултати“ истакна министерот, додавајќи дека целта е воспоставување функционална држава во која секој носител на одлуки јасно знае како е именуван и пред кого одговара.
Македонија
(Видео) Костадиновска-Стојчевска до Алиу: Зошто се кратат пари за пациентите со ретки болести чиј живот е донесен во опасност
Пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, на денешната собраниска седница упати прашање до министерот за здравство, Азир Алиу, кое се однесуваше на кратењето на буџетот за програмата за ретки болести, за 180 милиони денари или околу 3 милиони евра, прашувајќи што ќе преземе за да ја исправи неправдата кон пациентите чиј живот е донесен во опасност.
„Бројот на пациенти со ретки болести расте, а буџетот се намалува. Средствата за програмата за ретки болести се намалени за 180 милиони денари (околу 3 милиони евра). Тоа се огромни пари. Минатата година, Министерството за здравство за болните од ретки болести издвоило 1 милијарда и 260 милиони денари, а сега се предвидени 1 милијарда и 80 милиони денари“, рече таа.
Како што додаде, за државната каса тоа можеби е само бројка.
„За пациентите – тоа е терапија што може да доцни, лек што може да недостига и неизвесност што секојдневно го нагризува нивното здравје.
Лекарите дополнително предупредуваат дека процедурите за набавка на одредени лекови се долги и макотрпни, а во многу случаи пациентот нема време за чекање.
Регистарот за ретки болести брои 1093 пациенти, од кои 260 се починати, а 180 со цистична фиброза добиле посебно финансирање надвор од програмата.
Од вкупно евидентираните, 240 се деца до 14 години. Многумина од нив со години чекале точна дијагноза, минувајќи низ погрешни третмани, скапи испитувања и психолошки исцрпувачка неизвесност. Ако правото на здравје е универзално, тогаш мора да важи и за оние чија болест е ретка. Зашто ако е ретка дијагнозата, ретко скапоцен е и човечкиот живот“.
Државата, додаде пратеничката, не може да им гарантира третман на овие пациенти со вакви буџетски кратења и директно ги загрозува. Оценува дека ова е неправда.
Македонија
Владата нама да купува нов авион: ќе се повлечеме од набавката и ќе се молиме да останеме живи, вели Мицкоски
Владата се откажа од набавка на нов авион на што се одлучи оти стариот е дотрајан и претставува голем трошок за одржување. Премиерот Христијан Мицкоски денес кажа дека ќе се повлечат од набавката откога увиделе дека опозицијата не се стои на зборот дека нема да ја напѓаат Владата за набавка на нов авион, на што се согласил лидерот Венко Филипче и на формалните и на неформалните средби.
„ Авионот е сѐ уште во возна состојба, можете да поразговарате и со лицата кои го управуваат. Токму тие иницираа да се обидеме да обезбедиме средства за да набавиме нов воздухоплов. Гледам дека од опозицијата се создава оваа тема иако на една од оние лидерски средби, формални и неформални што сум ги имал со претседателот на СДСМ тој беше многу јасен и рече дека ‘за ова не треба да се критикува Владата’ и дека тие нема да ја критикуваат Владата бидејќи утре ќе биде друга Влада, а воздухопловот ќе се користи и за хуманитарни причини. Гледам дека не си стојат на зборот и ние ќе се повлечеме од таа набавка и ќе се молиме да останеме живи. Доколку се урнеме некаде и доколку починеме тогаш претпоставувам дека ќе им стане јасно на сите дека оваа дебата за некоја идна влада и за некои идни премиери е вишок и дека е беспредметна“, рече премиерот Мицкоски.
Тој објасни дена не трипати, туку четирипати го користел владиниот авион и секогаш службено патувал наспроти обвинувањата од опозициата дека и на одмор на Јадранско море заминал со него. Кажа и дека секогаш патува сам, со некој од обезбедувањето откога утрово СДСМ праша со кого бил во авионот.
„Еднаш на покана на унгарскиот премиер, господинит Виктор Орбан, имав билатерална средба во Будимпешта. Натаму патував со комерцијален лет до Виена поради тоа што еден од екипажот кој управува со воздухоловот имаше приватни обврски и не беше во состојба да ме однесе до дестинацијата. За назад дојдоа по мене, ме зедоа бидејќи имав итни, неодложни состаноци во Скопје. Тоа беше билатерална средба, а билатералната средба и мојот престој таму го искористив и да настапам на настан. Вториот пат бев исто така на покана на нашата сестринска партија и настан кој тие го организираа во Белград, тогаш отидов и се вратив, тоа не е споменато во јавноста, сакам и ова да се забележи. Патувам сам и дел од луѓето кои се мое обезбедување. Третиотпат бев до Хрватска со комерцијален лет на Кроација ерлајнс до Сплит, на покана на хрватскиот претседател, господинот Зоран Милановиќ. Имав работна вечера и мојот годишен одмор кој што требаше да трае три дена го продолжив за еден ден, да трае четири дена. Бидејќи го испуштив авионот повратно со комерцијален лет да се вратам во Скопје, а следниот ден имав неодложни обврски, владиниот воздухоплов дојде, ме зема од аеродромот во Сплит и ме донесе во Скопје. Четвртиотпат бев сега, заедно со шефот на мојот кабинет и со мојот советник за надворешни рбаоти, амбасадорот Марковски до Тирана во еден павец и од Тирана до Скопје во втор правец и еве веднаш сега ви најавувам дека на почеток на јуни најверојатно ќе го користам владиниот воздухоплов до Подгорица, во истито ден да се вратам назад бидејќи не би сакал да останам повеќе од еден ден поради неодложните обврски кои ги имам во Владата“, во детали објасни премиерот Мицкоски.
Изминатиов период опозицијата во многу наврати ѝ забележа на Владата дека троши пари за авион место за зголемување на платите, за училипта и болници.
Владата во 2005 година, по авионската несреќа во која загина поранешниот претседател Борис Трајковски, го купи авионот „лирџет 60“ за околу 11 милиони евра. За потребата од нов авион Службата за општи и заеднички работи во Владата зборува речиси една деценија, а како галвен аргумент за тоа ги наведува честите и скапи дефекти.

