Македонија
Маричиќ: Со новиот буџет финансиски и кадровски се зајакнува судството
Министерот за правда Бојан Маричиќ во обраќањето на презентацијата на „Функционалната анализа на основните судови и планот за подобрување на основните судови во РСМ“, која ја изработи Центар за правни истражувања и анализи, со поддршка на британската aмбасада, кажа дека во буџетот за следната година се планираат повеќе финансиски средства за судовите. Со тоа финансиски и кадровски ќе се зајакне правосудството и треба да биде следено од ефикасни и квалитетни судски постапки, смета Маричиќ.
„Доказ за нашата заложба и влог во правосудството е и буџетот за судство предвиден за 2022 година, кој е за 6,5 отсто повисок во споредба со минатата година. Покачување на платите во судството за 15 отсто за сите вработени, вклучувајќи ја и администрацијата. Ќе се зголемуваат и човечките капацитети, со потребни кадри каде што има недостиг во судските инстанци ширум државата“, потенцираше Маричиќ.
Инаку, во говорот на настанот министерот за правда го изрази своето задоволство од досегашната соработка со британската амбасада, наведувајќи ги како партнери и силни поддржувачи на искрената заложба на оваа Влада во спроведувањето на реформската агенда. Функционалната анализа на 27-те основни судови, заедно со веќе изработената Функционална анализа на Министерството за правда, претставува заокружување на процесот на подготовка на функционални анализа за сите правосудни институции во државата. На настанот присуствуваа претставници од основните, апелациските и управните судови во земјава, Врховниот суд, Судскиот совет и Академијата за судии и јавни обвинители.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

