Македонија
Маричиќ: Со прогресивна визија и план Западен Балкан е сѐ поблиску до ЕУ
Секретарот за меѓународна соработка на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Бојан Маричиќ, заедно со лидерот Димитар Ковачевски и потпретседателката, Бисера Костадиновска-Стојчевска учествуваа на Самитот на лидери од Западен Балкан и Групата на социјалисти и демократи (S&D) во Европскиот парламент.
Денеска во Виена, Групата на социјалисти и демократи (S&D) во Европскиот Парламент ги обедини сите прогресивни лидери од регионот и ЕУ и низ плодна дискусија направи тековен преглед и анализа на случувањата во Европа, од кои произлезе јасна порака дека пристапувањето на Западен Балкан во ЕУ бара напори и силна заложба за процесот на проширување на ЕУ да се активира.
-Проширувањето сѐуште е најуспешната политика на ЕУ и инвестиција во стабилноста и просперитетот на европскиот континент, но тоа треба да се потврди со интеграцојата на земјите од Западен Балкан, вели Маричиќ.
Самитот беше насловен „Проширување за Западен Балкан СЕГА – за граѓански, демократски и мирољубиви општества“ ги обедини на едно место лидерите на прогресивните левичарски партии од Југоисточна Европа, како и раководството на парламентарната група на Партијата на европските социјалисти во Европскиот парламент.
Лидерите од Западен Балкан истакнаа дека очекуваат проширувањето да се базира на реформски евроентузијазам и ќе биде веродостоен и предвидлив, а пред сѐ фер.
Маричиќ од Самитот вели дека со социјалдемoкратите од регионот и ЕУ ќе работат на забрзување на евроинтеграцијата на регионот и дека ќе успеат во тоа.
Друга тема на која лидерите и европратениците разменаа мислења е соработката на прогресивните сили во справувањето со предизвиците кои ги предизвика руската агресија врз Украина.
-Заедно, преку блиска соработка со нашите партнери, групата S&D, ќе продолжиме да работиме на градење на заедничка прогресивна перспектива за ЕУ и предизвиците кои ги наметна новата геополитичка ситуација, рече Маричиќ.
На крајот од Самитот беше организирано потпишување на заедничка Декларација со која лидерите ќе се заложат за интензивирање на соработката што ќе придонесе за побрзо членство на земјите од Западен Балкан во Европската Унија.
-Со потпишување на политичката Декларација на Самитот на Групата на социјалисти и демократи и лидерите од Западен Балкан, поставуваме јасна и предвидлива агенда за проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан, посочува Маричиќ.
Според секретарот за меѓународна соработка, Маричиќ, социјалдемократите од регионот делат исти вредности со европските социјалдемократи, кои се поттик заеднички да дејствуваат и да соработуваат за реализација на членството во ЕУ, како најдобра опција за реформирање и подобрување на општеството и животот на граѓани.
-Следниот период мора да се продолжи по ова позитивна траекторија и се движиме напред. Сега е клучно да се задржи политичкиот моментум, посочува Маричиќ, додавајќи дека и во пристапните преговори со ЕУ, можеме и понатаму да сметаме на силната поддршка на социјалдемократска група во Европскиот парламент.
Лидерот на СДСМ, Ковачевски, беше еден од панелистите на тема „Иднината на проширувањето на Европската унија во светло на заклучоците од Самитот во Тирана“, заедно со лидерите од регионот, Џукановиќ, Курти, Коњевиќ, Никшиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали – Џанел: Холандската поддршка значајна за реформите и евроинтеграцијата
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со амбасадорката на Кралството Холандија, Озлем Џанел.
На средбата се разговарало за европската интеграција, спроведувањето на Реформската агенда и билатералната соработка. Министерот Сали нагласил дека членството во ЕУ останува стратешки приоритет, како и целосната усогласеност со Владеење на правото.
Било дискутирано и за уставните измени како предуслов за отворање на кластерите, како и за напредокот во рамки на Кластерот „Темелни вредности“. Воедно било истакнато дека третото барање за исплата на средства е доставено навремено, со значителен напредок во реформските чекори.
„Двете страни ја потврдија подготвеноста за понатамошно продлабочување на соработката во областа на реформите и владеењето на правото“, соопштија од Министерството.
Македонија
ССМ: Ако газдите не се одважат да дадат дел од колачот на работниците, ќе бидеме приморани секојдневно да бидеме на улица
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денес напладне ги блокираше стопанските комори во Скопје кои одбиваат да се согласат минималната плата да се големи на 600 евра, а сите останати да се зголемат за 100 евра. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, од улица им кажа на газдите во коморите, за кои смета дека избркале цели семејства надвор од државата, дека се оставени да бидат единствени виновници што не се покачува минималната плата.
„Владата веќе кажа дека се договарала со своите вработени, па ги остави газдите да бидат виновни за идниот генерален штрајк и во јавниот и во приватниот сектор“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
Им порача на газдите дека понудата за зголемување на минималната плата е се уште на маса, но нема да остане уште долго оти следниот пат ќе се појават со генерален штрајк. Кажа дека во неработен ден ќе организираат голем работнички протест со организиран превоз за работниците, за да се даде шанса на секој работник да им се придружи.
Претседателот на ССМ Трендафилов објасни дека пред коморите, исто како и пред Собранието, се појавиле со само 21 работник оти толку бара законот, но да немало такво ограничување тој кажа дека бил подготвен за застане сам за да ги заштити работниците да бидат сликани и снимани.
Потпретседателот на ССМ, Иван Пешевски, кажа дека се подготвени секојдневно да им бидат пред очи и на пратениците и на газдите.
„Доколку газдите не се одважат дел од колачот да го дадат на работниците кои во минатото им го овозможиле тој профит, ќе бидеме приморани секојдневно да бидеме на улица со нив, со блокади со шатори и секој еден ден да ги потсетуваме дека повеќе за тие плати нема да работиме“, рече потпретседателот на ССМ, Пешевски.
За вторник следната недела ССМ најави блокада на Владата, пред повторно да преминат на нов голем работнички протест и генерален штрајк.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, денес кажа дека блокадите и протестите на ССМ имаат политичка заднина и во деновите што доаѓаат на македонската јавност ќе и покаже како лицата кои блокираат се поврзани со опозицијата.
Македонија
Кривична пријава против поранешен директор на „Водовод“ – Кочани за местење тендер од 1,4 милиони денари
Полицијата поднесе кривична пријава против A.К.(44), поранешен директор на Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ – Кочани, З.Г.(53), вработен во претпријатието, Б.А.(64), исто така, вработен во претпријатието и против З.Ј.(55) поранешен вработен во јавното претпријатие, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Второпријавениот, како претседател на Комисија за спроведување на јавна набавка, и трето и четвртопријавените, како членови на Комисија за спроведување на јавна набавка, во текот на 2021 година постапиле спротивно на одредбите на Законот за јавни набавки и спровеле постапка за јавна набавка на стоки – средство за превентивна санација од пожари на Градската депонија, при што составиле и усвоиле тендерска документација која содржела спецификација за продукти кои не постоеле на пазарот со цел да ја ограничат конкуренцијата меѓу економските оператори и фаворизирање на правно лице од село во општина Могила.
Првопријавениот, иако бил должен да увиди дека постапката не е спроведена согласно Законот за јавни набавки, донел Одлука за избор на најповолен понудувач и во име на КЈП „Водовод“ Кочани склучил договор со што му овозможиле на операторот да се стекне со противправна имотна корист од 1.406.306 денари.

