Македонија
Маркетите ќе мораат да ги објавуваат на интернет цените на производите
Маркетите отсега ќе мораат да ги објавуваат на интернет цените на производите, со најновите измени на Законот за заштита на потрошувачите коишто беа усвоени денеска во Собранието.
Законот беше поднесен од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, со цел, како што беше потенцирано, подобра информираност на потрошувачот и олеснување на споредливоста на цените.
Со тоа, големите, средните и малите трговци, кои вршат дејност на трговија на мало, со шифра 47, во согласност со националната класификација на дејности, се должни на својата веб-страница да ја објават одделно за секој свој продажен објект тековната продажна, односно единечната цена во моментот на објавување на секоја стока што ја нудат за продажба.
Усогласување на цените ќе се врши на дневна основа, а при објавувањето на цените, ќе се применуваат одредбите од овој закон за означување на цените.
Со објавувањето на цените на интернет се очекува зголемување на транспарентноста, потрошувачите да имаат лесен пристап до информациите за цените, како и фер конкуренција. Трговците ќе бидат еднакво обврзани да ги почитуваат овие одредби, а потрошувачите да бидат заштитени од нефер практики, како што се скриените трошоци или нејасните цени.
Деновиве беше објавено дека законот е имплементиран во Израел, Италија, Франција и во Хрватска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 40 l/m² за 24 часа) со услови за појава на невреме со грмежи и силен ветер. Преку денот ќе дува умерен, повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 13 до 19 степени.
Во Скопје, променливо облачно, со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Во недела ќе се задржи променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Поради продор на постудена воздушна маса на повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Во понеделник и вторник утринските температури значително ќе опаднат. Нови локални врнежи од дожд се очекуваат кон средината на следната седмица.
Македонија
Севдаил Демири и Ресул Шабани добитници на наградата „22 ноември“
Утре во Кристалната сала на Собранието на Република Северна Македонија, во 11:00 часот, Одборот за доделување на државната награда „22 Ноември“ ќе ја додели државната награда за признание на луѓе од политичкиот, културниот и општествениот живот во Република Северна Македонија, кои дале свој придонес во унапредување на меѓучовечкиот соживот и меѓусебното разбирање меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери во Република Северна Македонија.
Добитници на наградата „22 Ноември“ за 2025 година се проф. д-р Севдаил Демири, истражувач, публицист и поет, и Ресул Шабани, писател.
Македонија
Единствена Македонија: Уставниот суд се мајтапи со народот
Единствена Македонија најостро реагира на денешното соопштение на Уставниот суд со кое на отворена сцена се мајтапат со народот пишувајќи дека судијката Добрила Кацарска е судијка со интегритет, самостојност и независност, велат од партијата.
„А што може да се очекува од еден Уставен суд кога сите уставни судии се дојдени во овој суд по линиии кои немаат никаква врска со знаење, способност и достигнување. Цела Македонија знае дека Добрила Кацарска дојде во Уставниот суд преку непристоен и срамен пазар – наменска осуда на лицата за 27 април во замена за функција во Уставниот суд. Добрила Кацарска е дел од поблемот и решението е во нејзиното бркање од судот со што ќе се раскине со темното минато. Цела Македонија знае дека марионетата Зоран Заев ја испорача ветената награда до Добрила Кацарска со претседателско место во Уставниот суд за успешно завршената работа за наменската осуда на македонските патриоти како што се Вилијам Михајловски Гајда и останатите за 27 април на затворска казна од два века затвор“, се наведува во соопштението од Единствена Македонија.
Од таму велат дека изборот на Кацарска за судијка во Уставниот суд ја потврдува и поразителната вистина дека Македонија се држи на линијата на темното минато кога за нарачани судски одлуки следувала награда за судски функции.

