Македонија
Марш во Битола во спомен на депортираните Евреи
По повод одбележувањето 75 години од депортацијата на македонските Евреи в недела, 11 март, во Битола ќе биде организирана комеморативна програма под покровителство на Владата и Интернационалниот марш на животот.
Државни делегации од Македонија и Израел, претставници на невладини организации, но и голем број потомци на битолски Евреи од Израел, Латинска Америка и САД, се приклучуваат во досега најмасовното одбележување во Македонија на депортацијата и уништувањето на еврејската заедница.
Како што најавија од Општина Битола, македонската делегација ќе ја предводи претседателот на Собранието, Талат Џафери. Комеморативното одбележување ќе почне во 11 часот пред Здравствениот дом „Д-р Хаим Абраванел”, со свечена програма и полагање цвеќе на спомениците на депортираните Евреи и на Естреја Овадија Мара.
„Со масовен Марш на животот, во кој ќе бидат вклучени над 2.000 лица, Битола до светот ќе испрати порака за мир и космополитизам. Програмата автентично ќе го долови депортирањето на Евреите пред 75 години. Кобниот момент ќе го најават сирени во 12 часот, по што маршот ќе тргне по Широк сокак сè до Железничката станица, каде што Евреите своевремено биле натоварени во вагони и пренесени до привремен логор во Скопје, а потоа до логорот на смртта Треблинка во Полска, каде што биле егзекутирани“, велат од Општината.
Во Паркот на живите сеќавања на Еврејските гробишта свечено ќе биде отворена Ерусалимската патека. На комеморативна церемонија ќе бидат поставени камчиња за сеќавање на 793 семејства од Битола – жртви на холокаустот. Камчињата ја симболизираат човековата маленкост пред Господ.
Во НУ Завод, Музеј Битола, во 15:15 часот светска премиера ќе има изложбата на музејот „Јад Вашем” од Израел – „Повеќе од должност – дипломати признати како праведници помеѓу народите”, под покровителство на Владата на Израел.
Организатор на комеморативните активности по повод 11 март е Општина Битола, во соработка со Здружението АРХАМ, носител на проектот за ревитализација на еврејското минато во Битола и уредување на Меморијален парк на живите на Еврејските гробишта во Битола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кренар Лога се повлече од Алијансата за Албанците и од сите партиски функции
Поранешниот министер за правда, Кренар Лога, објави дека се повлекува од партискиот живот и од сите функции што ги извршувал во Алијансата за Албанците.
Лога истакна дека ова не била лесна одлука, бидејќи во партијата вложил енергија, срце и душа. Тој се заблагодари на соработниците, членовите и активистите, наведувајќи дека во изминатите десет години запознал посветени луѓе и искрени пријатели.
Во објавата, Лога се извини на сите што можеби се почувствувале повредени од негов збор или однесување, нагласувајќи дека секогаш ги кажувал своите ставови без да ја пресметува цената.
Тој потсети дека бил генерален секретар, а потоа и потпретседател на Алијансата за Албанците, и им се заблагодари и на гласачите на Европскиот фронт и Националната алијанса за интеграција.
Лога зборуваше и за своето семејно и политичко потекло, опишувајќи ја средината во која израснал, обележана со притисоци и прогони во поранешниот југословенски систем.
Во пораката наведе дека Северна Македонија заслужува да биде слободна и еднаква држава за сите нејзини граѓани и повика на заедничка одговорност во градењето на земјата.
На крајот, Лога порача дека ќе остане меѓу граѓаните, но отсега на послободен и независен пат, како што рече, како солист што можеби ќе има тешкотии да игра сам, но ќе го направи тоа со слободен дух и со љубов кон луѓето.
Македонија
„Супорт Кочани“ ја реализира четвртата пратка компресивна облека, вредна 452.537 денари, за засегнатите од пожарот
Граѓанската иницијатива Support Kocani продолжува со поддршката за засегнатите лица од пожарот во Кочани и ја финализираше четвртата испорака на специјализирана компресивна облека. Новата пратка, која веќе е доставена до Општата болница во Кочани, претставува значаен чекор во обезбедувањето континуирана терапија и квалитетна рехабилитација.
Овој циклус на донации опфаќа 44 парчиња компресивна облека, изработени по индивидуални мерки за 14 пациенти, со вкупна вредност од 452.537 денари. Средствата се обезбедени исклучиво преку донации од граѓани, компании и поддржувачи од земјата и странство, што уште еднаш ја потврдува силната солидарност кон повредените.
„Поддршката што ја добиваме од заедницата ни овозможува континуирано да им помагаме на засегнатите и да обезбедиме навремена медицинска опрема. Особено им благодариме на компаниите Julius Zorn GmbH и Health 2000 за нивната соработка и професионална услуга,“ истакнуваат од Support Kocani.
Иницијативата и понатаму останува посветена на транспарентност и грижа за сите погодени од трагедијата, со цел да им се обезбеди постојана поддршка во процесот на заздравување.
Македонија
Свечено менување на државното знаме: децата прашуваа за работата на првата жена-претседателка
Во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се одржа церемонија на свечено менување на државното знаме на којашто присуствуваа деца од градинките „Весели цветови“ и „Срничка“ од Скопје, ученици од скопските основни училишта „Кузман Шапкарев“ и „Кузман Јосифовски Питу“ и деца и претставници на Здружението за образование и истражување „Несил“.
По завршувањето на свечениот чин, околу 230 деца во придружба на двасетина наставници и претставници, ги разгледаа просториите на Кабинетот. Младите посетители покажаа интерес за работата на претседателката. Ја прашаа: Какво е чувството да се биде првата жена – претседателка на државава? Дали е потешко да се биде претседателка или професорка? Како тече еден нејзин работен ден? Љубопитните гости пројавија желба да ги дознаат нејзините лични афинитети, како и интересните спомени од младоста.



Сиљановска-Давкова им предочи дека вршењето на политичката функција бара знаење, посветеност и култура на дијалог. Ги советуваше да учат, да размислуваат критички и да другаруваат.
Децата ѝ подарија цвеќе, албум на цртежи и благодарница на турски јазик.
Церемонијата на свечено менување на знамето се одржува секој втор петок во месецот, со учество на Баталјонот за почести при македонската армија и ја симболизира почитта кон знамето и државата.

