Македонија
Матурантите по 13. пат го одиграа квадрилот
На плоштадот „Македонија“ денеска се одржа „Матурската парада 2019 “, а матурантите од Скопје точно напладне, заедно со своите врсници од повеќе градови од земјава и од Европа, по 13. пат го одиграа танцот „квадрил“ на звуците на штраусовата опера „Лилјакот“. „Матурската парада“ ја отвори градоначалникот Шилегов.
„Драги матуранти, со завршувањето на средното образование Вие затворате едно важно поглавје во вашите животи, поглавје во коешто убеден сум, имајќи во предвид како полека ги подобруваме условите во нашите училиштата, е период во којшто сте се стекнале со знаење за понатамошната иднина. За наша и ваша среќа за првпат навистина можеме да и кажеме на Eвропа дека сме дел од неа, јас сум убеден дека и вашите врсници од 25 различни земји од Европа за првпат ве чувствуваат и како дел од неа. Сакам да ви пожелам на сите да имате успешно лето и да имате успешни уписи, а знаењата и искуствата коишто ги стекнавте во изминатите 4 години во средните училишта ќе ви помогнат од ден на ден да бидете подобри и поблагородни луѓе и да градите убави односи со луѓето околу вас“, им порача Шилегов на матурантите.


На „Матурска парада” во Скопје учествуваа околу 1.000 ученици од 22 средни училишта во Скопје, како и матуранти од средни училишта од Охрид, Струга, Струмица, Гевгелија и од Валандово.
Пред започнувањето на танцот „квадрил“, матурантите тадиционално положија заклетва за ненасилство и толеранција.
Организатори на годинешнава Матурска парада се Дирекцијата за култура и уметност на Скопје во соработка со танцовиот клуб „Ритам плус“, а покровител на манифестацијата е Градот Скопје. Поддржувач на оваа традиционална манифестација е Делегацијата на Европската унија во Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

