Македонија
МВР бара казни за Ганиу и Касами, поведени постапки – го прекршиле Законот за употреба на знамето и химната
Министерството за внатрешни работи до надлежните Основни судови поднесе барања за поведување на прекршочна постапка против Општина Чаир и Општина Тетово и градоначалниците на овие општини Висар Ганиу и Билал Касами.
„За време на официјалната посета на косовската делегација на нашата држава, предводена од претседателот на косовската влада, Албин Курти, при организираниот пречек на 11 август на улицата „Ферид Мурати“ во Скопје и на Градскиот плоштад во Тетово, не е постапено согласно Законот за употреба на грбот, знамето и химната на Република Северна Македонија. Односно за време на манифестациите организирани по тој повод не е интонирана државната химна и не е поставено државното знаме на Република Северна Македонија, со што е сторен прекршок по чл.30 од истиот закон“, велат од МВР.
Од тука додаваат дека продолжуваат со потрага по лицето кое на една од манифестациите вееше знаме на голема Албанија и по негово пронаоѓање против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Партиите од албанскиот политички блок, вклучувајќи ги и владејачките ДУИ и Алијанса на Албанците – не се оградија, ниту извинија од чинот кој се толкува и како територијална претензија кон други држави.
Кабинетот на премиерот Димитар Ковачевски реагираше и побара одговорност, но не и Владата. „Макфакс“ побара став од владината прес-служба, кој е заедничкиот став на сите министри кои се дел од Владата. Оттаму, добивме игнорирање и молк.
Извинувања за знамето со спорната иконографија нема ниту од Билал Касами, од кого „Макфакс“ побара низа одговори во саботата. Молк и од Висар Ганиу. Единствен став на Касами беше карањето со Владата, но ни збор не кажа и за спотот со песна „Добредојдовте во Албанија“ со која го пречека Албин Курти во Тетово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мојсоска: Усеини уништува антифашистичко наследство додека СДС и ДПМНЕ молчат
Од локацијата кај познатата Бела куќа на ул. ,,Димитар Влахов” бр. 9 во Охрид, од каде бескруполозно беше тргната плочата од НОБ, Носителот на ИЕ5 и Генерален секретар на Левица, Јована Мојсоска истакна:
,,Овој културен објект беше уништен од страна на локалниот шериф, Нефи Усеини. Плочата на АСНОМ каде пишува за осудените антифашисти од страна на бугарскиот окупатор, беше тргната пред месец дена. Од градоначалникот Пецаков нема никаква реакција додека се уништува антифашистичкото наследство од страна на поранешниот функционер на ДУИ”.
Мојсоска се наврати кон 2019 година кога беа силни обвинувањата на ВМРО – ДПМНЕ кон Усеини. Според Мојсоска, наспроти тоа, се испоставува дека коалицијата ДПМНЕ – ДУИ сега е уште посилна, благодарение на заедничките бизнис – интереси.
,,Ќе потсетам дека во 2019 година, токму ВМРО-ДПМНЕ обвинуваше дека Усеини го тероризира Охрид. За жал, Охрид го губи својот автентичен изглед, иако за овој објект има Решение за уривање. Институциите молчат, молчи и Министерството за култура кое е раководено од социјал-демократите”, додава Мојсоска за криминалот на поединците и молкот на институциите.
Јована Мојсоска како Носителот на ИЕ5 и Генерален секретар на Левица, порачува:
,,Затоа на 8 мај, да заокружиме број 5, за да ставиме ред во безредието и закон во беззаконието!”
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: ДУИ се обидува да поткупува гласачи дури и во верски објекти, залудни сценарија, секако ќе одат во опозиција
ДУИ се обидува да поткупува гласачи дури и во верски објекти, залудни сценарија, секако ќе одат во опозиција, велат ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
– Функционери на ДУИ се забележани дури и во места како Виница, Кочани, Берово, Делчево каде во верски објекти со полицајци се обидуваат да поткупуваат гласачи. Со ова се обидуваат да освојат голем резултат, мислејќи дека така ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да седне со нив, но се лажат. ДУИ оди во опозиција и со тоа треба да се помират. Залудно е и полнењето кутии. Примерите кои се нотирани во Липково, не им помогнаа во првиот круг, нема ниту сега во вториот. Времето кога го купуваа гласот на народот завршува. Време е Македонија да ја вратиме на народот. Македонија повторно твоја, – додаваат од партијата.
Македонија
СДСМ: Глас ЗА СДСМ на 8 мај е глас за слобода, демократија и европска држава
Гласот ЗА СДСМ на 8 мај е глас за слобода, демократија и европска држава, за чување на темелите на државноста, демократските вредности, внатрешната кохезија, стабилни етнички односи, безбедна и европска иднина на Македонија, велат од СДСМ преку соопштение.
– СДСМ ја врати слободата, ја врати државата на вистинскиот пат. Директна потврда дека со СДСМ се почитуваат демократските и европските вредности е последниот извештај на „Репортери без граници“, според кој Македонија е на 36-тото место и најдобро позиционирана во регионот, по слободата на медиумите. Во 2016 година бевме на дното, рангирани на 118-то место. Тогаш слободно кажаниот збор се казнуваше, медиумите беа цензурирани, граѓаните беа манипулирани. Враќање на режимот на ДПМНЕ во најава, би значела сигурна блокада на Македонија и внатрешни етнички тензии, што би и нанело огромна штета на иднината на државата. Преголема моќ за десничарска партија како ДПМНЕ која воопшто не е променета, ќе претставува сериозна закана од враќање на заробена држава, поделби, уцени и закани. Затоа е важно граѓаните да излезат на 8 ми мај масовно и да гласаат, заедно со СДСМ да не дозволат враќање назад, – додаваат од партијата.