Македонија
МВР: ВМРО-ДПМНЕ да престане да шири лаги со цел да ја дискредитира полицијата
Министерството за внатрешни работи апелира до ВМРО-ДПМНЕ да престане да пласира лаги, чија цел е дискредитирање на полицијата.
„На денешната прес-конференција преку лицето Наум Стоилковски беа пласирани лаги за наводна поврзаност на МВР со бегство на лицето Наим Самиу, иако и Стоилковски би требало да знае дека надлежен за определување мерка притвор е единствено – судот.
Значи, наместо да шири лаги за МВР, упатувајќи небулозни прашања на погрешна адреса, Стоилковски прашањата треба да ги упати до надлежниот суд. А фактите говорат дека полицијата постапи по сѐ што е донесено како одлука од судот.
Токму по поднесена кривична пријава од страна на СВР Тетово на 16 август 2023 година, на Самиу му бил определен активен притвор, а на 29 септември 2023 година од страна на Основниот суд Тетово мерката активен му е заменета со мерка куќен притвор. Покрај ова, ја известуваме јавноста дека против Самиу досега се поднесени 15 кривични пријави за вкупно 30 кривични дела, потоа 4 прекршочни пријави, како и едно писмено известување до ОЈО Тетово. Уште еден доказ кој ги демантира лагите на Стоилковски.
Апелираме до партијата ВМРО-ДПМНЕ да престанат да шират лаги. За работењето на МВР сведочат резултатите, намалениот криминалитет и големата доверба која полицијата ја има кај граѓаните“, велат од МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

