Македонија
МВР го објави регистарот на напади врз новинари
Министерството за внатрешни работи на својата веб-страница постави линк до регистарот на напади врз новинари, кој води до страницата на Здружението на новинарите на Македонија, каде што е објавен регистарот. Овој регистар прикажува случаи на повреди на правата на новинари, со детали за видот на нападот, локацијата, статусот на пријавата и постапката.
„Безбедноста на новинарите за Министерството за внатрешни работи е еден од врвните приоритети и во изминатите години интензивно се работи на ова поле, а видливи се и резултатите од ваквата посветеност. Меѓу другото, беше одредена и контакт-точка, што многу придонесе за побрзо и поефикасно расчистување на случаите што се поврзани со новинарите. Се разбира, во координација со ЗНМ, Министерството за внатрешни работи продолжува да работи на ова поле“, велат од МВР.
Од таму информираат дека формирањето на националниот комитет за заштита на новинарите претставува меѓуресорско тело, комбинација од владини институции и невладини организации, меѓу другото, поврзани во новинарската фела. Процесот на формирање е во тек и по неговото финализирање, една од примарните задачи ќе биде носењето национален акциски план за заштита на новинарите. Ова е процес, кој се спроведува во рамките на кампањата на Советот на Европа, Safety of Journalists, во координација со националната контакт-точка.
Од МВР велат дека координацијата помеѓу полицијата, Обвинителството и новинарските организации е на високо ниво и тоа многу придонесува за брзо и ефикасно решавање на случаите што се однесуваат на новинарите.
„Ваквата соработка треба да продолжи и во наредниот период со цел понатамошно ефикасно расчистување на каков било случај на напад врз медиумски работник. Водејќи се од мотото – секогаш може подобро – полицијата, Обвинителството и новинарските организации во голема мера во блиска иднина ќе ја зголемат и подобрат веќе постојната висока меѓусебната соработка“, велат од Министерството.
МВР апелира до сите новинари, доколку се соочат со закани, вербални или физички напади или друг вид притисок, веднаш да ги пријават случаите. Министерството за внатрешни работи е обврзано да ги санкционира сторителите и да го заштити правото на јавноста за слободно информирање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патниот правец Удово – Валандово
Сообраќајот на патниот правец P1105 – Удово – Валандово, кој поради излевање на Калковска Река беше во прекин, е нормализиран, извести АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 05:25 часот и се пренасочуваше на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Македонија
Сиљановска-Давкова учествува на Светскиот самит на владите во Дубаи
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска престојува во работна посета на Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, по повод учеството на Светскиот самит на владите.
Претседателката ќе биде главна говорничка на сесија посветена на демографските промени. Таа ќе говори за перспективата на државава во однос на демографските промени и нивните импликации врз националниот развој.
Сиљановска-Давкова ќе учествува на Глобалниот форум за владини регулативи и правда, како и на Светскиот самит на лауреати, што се одржува за прв пат во пресрет на Светскиот самит на владите, со вклучување на носители на Нобеловата награда и водечки научници во дебатите за креирање политики.
Предвидени се повеќе билатерални средби на Сиљановска-Давкова со учесници на самитот.
Централна тема на настанот е „Обликување на влади на иднината“.
Светски самит на владите е глобален форум што поврзува шефови на држави и влади, меѓународни организации, експерти, претставници од приватниот сектор и други креатори на политики со цел да се промовира глобална соработка, иновации и решенија за идни предизвици на светско ниво. Самитот ги истражува најновите трендови и најдобрите практики во управувањето, технологијата, одржливиот развој и други клучни области за подобрување на животот на луѓето ширум светот.
На годинешното издание на самитот е најавено учество на над 35 шефови на држави и влади, повеќе од 150 владини делегации и околу 6.000 учесници.
За време на работната посета на ОАЕ, претседателката Сиљановска-Давкова ќе биде придружувана од министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Македонија
Утрово најстудено на Попова Шапка
Утрово најстудено на Попова Шапка каде што се измерени -7 степени, -4 било во Берово и Mаврови Анови, -3 во Kрушево, -2 во Крива Паланка, -1 во Тетово, Виница, 0 во Скопје-Петровец, Скопје-Зајчев Рид, Штип, Прилеп, 1 во Охрид, Претор, Битола, Велес, Кавадарци, 2 Демир Капија, Струмица, 3 Гевгелија.
Количина на врнежи за изминатите 24 часа до 07 часот во (l/m2)
26 Гевгелија, 20 Демир Капија, 17 Струмица, Mаврови Анови, 15 Kрушево, 13 Скопје-Петровец, Попова Шапка, 12 Кавадарци, Пожаране, 10 Берово, Велес, Ѓуриште, 9 Тетово, Битола, 6 Скопје-Зајчев Рид, Штип, 5 Виница, 3 Претор, Прилеп, Тополчани, 2 Крива Паланка, Пожар-Радовиш, 1 Охрид.
Висина на снежна покривка до 07 часот во (cm)
50 Попова Шапка, 14 Маврови Анови, 5 Берово, 2 Ѓуриште.
Времето денеска
Променливо облачно со повремен локален дожд и снег со слаб интензитет, претежно во северозападните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Максималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9 степени.
Во Скопје, претежно облачно со слаб променлив ветер. Максималната температура ќе достигне до 6 степени.

