Македонија
МВР е подготвено за безбедно одржување на Самитот на ОБСЕ

Mинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го посети Штабот во рамки на Оперативната акција „ОБСЕ 2023”, со цел организирање, раководење и координирање на мерките и активностите за безбедно и непречено одржување на 30. Министерски Совет на ОБСЕ во Скопје, во текот на следните два дена, а на кој присуствуваат 74 високи странски делегации.
Началникот на Одделот за заштита на определени личности и објекти кој е носител на активноста, Александар Нацевски, го информираше министерот Спасовски дека службите ги преземаат сите потребни мерки и активности, дел од делегациите се пристигнати, а состојбата е редовна.
Тимови на СВР Скопје, Одделот за специјални полициски операции, Одделот за гранични работи, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, се на терен и постапуваат според планот.
Во оваа прилика Спасовски истакна:
„Повеќе од сигурен сум дека на најдобар начин ќе се прикажеме како служба и како држава. Огромни надежи се ставени на Северна Македонија. Ова е сериозен предизвик за службата и за државата. Многу е важно како нѐ перцепираат на ниво на меѓународна заедница. Вчера учествував на конференција во Брисел, во Европската Комисија, каде што оценката за МВР е во суперлативи за сите достигнувања, за професионалноста на полицијата, и тоа пред министри од целиот свет. Перцепцијата укажува на тоа дека Република Северна Македонија има сериозен кредибилитет и капацитет, меѓу другото и поради Самитот на ОБСЕ во Скопје. Тоа во дипломатијата се толкува како почеток кога сите седат на иста маса. Затоа одговорноста е уште поголема сѐ да помине во најдобар ред. МВР е подготвено за предизвикот”, рече министерот Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
АВМУ со осуда за заканите од Костадинов кон Латас

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги осудува заканите упатени кон новинарот Драган Павловиќ Латас од страна на градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов на социјалната мрежа „Фејсбук“.
„Политичарите и носителите на јавни функции, мора да бидат пример за достоинствена комуникација и да се воздржат од изјави што можат да поттикнат омраза во јавниот дискурс и да доведат до дела мотивирани од омраза. Апелираме да се почитува слободата на медиумите и новинарите, и доколку политичарите и носителите на јавни функции имаат забелешки на медиумските содржини да ги користат институционалните механизми за реакција“, велат од АВМУ.
Македонија
Јанев: Моторното одделение на МВР е целосно вратено во функција

Денеска директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, го посети моторното одделение при Одделот за обезбедување на личности и објекти во рамки на Бирото за јавна безбедност – состав од професионални, искусни и храбри полициски службеници.
При посетата директорот Јанев истакна дека нивната посветеност, долгогодишно искуство и дисциплина се од клучно значење, не само за безбедноста на патиштата и ескортното обезбедување на вип личности, туку и за пренос на знаење на помладите генерации преку обуки низ целата држава.
„До неодамна, оваа единица беше исклучена од редовни задачи за превенција и санкционирање на сообраќајни прекршоци. Но, со стартот на оперативната акција „Безбеден сообраќај“, негативната пракса е надмината, моторното одделение е целосно вратено во функција и повторно е присутно на терен во служба на законитоста, безбедноста и редот“, дециден беше директорот Јанев, укажувајќи им ја на колегите важноста на нивното континуирано и интензивно присуство во сите делови на државата, бидејќи видливоста на овие полициски службеници директно влијае врз зголемување на безбедноста и свеста кај учесниците во сообраќајот.
„Полицијата е горда на овие професионалци кои на две тркала секојдневно се грижат за животите на граѓаните и придонесуваат за развој на современа, одговорна сообраќајна култура, особено кај моторџиите, велосипедистите и корисниците на тротинети“, истакна Јанев.
Директорот ја потенцираше и обврската на секој полициски службеник, без исклучок, да биде активен чинител во заштитата на животите на граѓаните во сообраќајот.
„Секој полицаец мора да биде активен чувар на животите на сите граѓани, редот, јавниот интерес и во функција на заштитата на сообраќајната култура. Безбедноста на патиштата не е само техничка задача, таа е вредносна обврска што ја делиме сите, полицијата е првата линија на одбрана кога станува збор за сообраќајната култура“, заклучи директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев.
Македонија
Нема повредени лица во запалениот глисер во Охридското Езеро

Денеска во 10,30 часот, во полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“, пријавено е дека на пловен објект глисер кој бил во водите на Охридското Езеро, кај каналот „Студенчишта“, марка „Aquaviva 23“, сопственост на Н.С.(47) од Охрид, настанал пожар.
Од СВР Охрид велат дека повредени лица нема, а предизвикана е материјална штета на глисерот како и на други два глисери кои биле закотвени во негова близина.
„Врз запалениот пловен објект, веднаш интервенирале припадниците на езерската полиција, на сообраќајната полиција како и припадници на армискиот центар за обука на вода кои, од глисерот го отстраниле К.П.(24) од Охрид и со соодветна опрема за гасење, отпочнале со гасење на пожарот. Набрзо им се придружиле и пожарникарите од Територијалната противпожарна единица од Охрид со што е спречено натамошно ширење на пожарот а повикана е медицинска екипа од Итната медицинска помош“, велат од полицијата.
По насоки на јавен обвинител, на местото извршен е увид во присуство на полициски службеници, претставници од охридската капетанија на пристаништа. Глисерот е одземен за понатамошни вештачења.