Македонија
МВР контра Синдикатот: Полицајците ќе добијат нова униформа и чизми
Министерството за внатрешни работи ги отфрла како неточни тврдењата изнесени на прес- конференцијата на претставниците на Независниот полициски синдикат за наводното неспроведување на активностите за набавување на нова опрема за полициските службеници.
„Точно е дека претходното раководство на МВР десет години не набавувало униформи, но веднаш по доаѓањето на новото раководство на МВР, беа преземени мерки за решавање на овој проблем. Со планот за јавни набавки на Министерството за внатрешни работи, за 2018 година предвидени се 18 постапки за набавка на униформа и делови на униформа, кои Одделот за општи и заеднички работи при МВР ги има започнато во согласност со процедурите за набавка соодветно на видот на постапките“, соопшти МВР.
Според нив, во изминатиот период била извршена набавка на: комплет униформа за припадници на ЕСЗ за урбани средини, како и комплет униформа за рурални средини; ремени за сите полицајци, комплет униформа за воздухопловниот персонал.
„Исто така, потпишани се договори за набавка на зимска опрема (панталони, здолништа, кожени ракавици, како и наменски ракавици за сообраќајната полиција и слично), која ќе биде испорачана до крајот на овој месец, како и дел од опремата (џемперите). Постапките за набавка на високи специјални чизми и маици за припадници на МВР се во тек и треба да завршат до крајот на годината.
Покрај ова, во интерес на задоволување на итните потреби од основна униформа за 1.200 припадници на полиција со статус помлад полицаец, кои поради затекнатите претходни состојби, односно недостиг од униформи, ја користат работната униформа од обуките, во итна постапка беа набавени по 1.200 пара/парчиња маици со куси ракави, кошули, кратки јакни, вратоврски и опасачи, а во текот на наредните денови се чека испорака на чевли и панталони по што оваа опрема ќе биде поделена на нововработените полицајци“, се додава во соопштението.
МВР потсетува дека покрај овие тековни активности за комплетно опремување на полициските службеници, течат и активностите за инфраструктурно и техничко подобрување на условите за работа на полициските служби за што јавноста во повеќе наврати беше детаљно информирана.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

