Македонија
МВР: Трајковски ќе го добие решението за суспензија по боледувањето

Министерството за внатрешни работи реагира по изјавата на Орце Ѓорѓиевски, од ВМРО-ДПМНЕ, кој денеска рече дека на позицијата началник на СВР Штип се наоѓа Љупчо Трајковски, против кого била поднесена кривична пријава за криумчарење на мигранти.
Од МВР велат дека Трајковски не извршува работни задачи и е на боледување, а во моментов вршител на должност- раководител на СВР Штип е помошник началникот. По боледувањето, на Трајковски ќе му биде врачено решението за времено отстранување од работа.
„Најостро ги демантираме лагите и дезинформациите што на денешната прес конференција ги искажа политичката партија ВМРО-ДПМНЕ , а во врска со статусот на полицискиот службеник Љ.Т., кој токму од МВР, односно во истрагата на Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во содејство со Обвинителството за организиран криминал и корупција е осомничен за сторено кривично дело.
По добиено писмено одобрение од надлежното Обвинителството, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, поведе постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и наложи истиот да биде суспендиран до завршување на дисциплинската постапка. Љ.Т не извршува работни задачи поради користење боледување, а во моментот вршител на должност- раководител на СВР Штип е помошник началникот кој работните задачи ги извршува согласно законот. Веднаш штом ќе биде затворено боледувањето, односно Љ.Т ќе се појави во просториите на СВР Штип, решението за времено отстранување од работа односно суспензија, како што налагаат законските прописи, ќе му биде врачено. Значи, ова е само уште една во низата невистини што ги шири оваа политичка партија“, велат од МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Даниловски алармира: Глувците во Скопје шират ризик од болести, преминат е Рубиконот, потребна е итна интервенција

Епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски предупреди дека Скопје се соочува со закана за јавното здравје, повикувајќи на итна, координирана интервенција на сите надлежни институции.
Тој потсети дека неодамна дете било каснато од глушец во училишен двор во чија близина имало насобран отпад, што, според него, е „црвена линија што не смееше да се премине“. „Преминат е Рубиконот. Нема назад“, порача Даниловски.
Епидемиологот предупредува дека во услови на постојано натрупан отпад и недоволна дератизација, градот станува биолошки резервоар на зарази.
„Купиштата ѓубре создадоа идеални услови за развој и размножување на глувци и стаорци – познати преносители на сериозни заразни болести: лептоспироза, хантавирус, па дури и бубонска чума. Тие болести се пренесуваат преку урината, изметот, плунката и болвите на глодарите. Познато е дека стаорците се размножуваат според експоненцијална прогресија: во период од само 18 месеци еден пар може да даде повеќе од еден милион потомци. Тоа е биолошки факт. Експоненцијалниот модел претпоставува неограничени ресурси како храна, вода и простор. Таа претпоставка во Скопје е исполнета!“, напиша Даниловски.
Додава и дека историјата нè потсетува дека неконтролираното ширење на глодари може да има катастрофални последици. Во Средниот век, меѓу 1347 и 1352 година, како пример во таа насока, бубонската чума („црната смрт“) однесе од 75 до 200 милиони животи – речиси половина од населението на Европа.
Повика на најитна, координирана интервенција на сите надлежни институции – по потреба и со прогласување вонредна состојба на делови од територијата на градот. Првенствено заради дезинфекција, дезинсекција, дератизација и отстранување на ризикот по јавното здравје.
„Во медицината постои еден етички принцип – Primum non nocere („пред сè, не прави штета“). Тој принцип мора да важи и надвор од медицината: за сите професии и институции што имаат допир со граѓаните. Причините – организациски, политички или финансиски – стануваат ирелевантни кога се доведува во прашање здравјето и безбедноста на децата и граѓаните.“ нагласи тој.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Арсовска да каже која одлука за „Комунална хигиена“ не била изгласана од нашите советници

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата реагираше на тврдењата на градоначалничката Данела Арсовска, која утрово на социјалните мрежи напиша дека одговорноста за состојбата со ѓубрето низ Скопје е кај кадрите на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН во Советот на Градот и управниот одбор на ЈП „Комунална хигиена“.
Од партијата велат дека сите одлуки предложени од Арсовска и поврзани со претпријатието биле усвоени од страна на советниците на ВМРО-ДПМНЕ, и ја обвинуваат градоначалничката дека „измислува“ криза за политичка корист.
„Советниците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата гласаа за сите одлуки предложени од страна на Арсовска, а кои беа поврзани со ‘Комунална хигиена’. Апелираме да каже која одлука врзана со тековното работење на претпријатието не е изгласана од советниците?“ стои во реакцијата.
Од партијата додаваат дека тезата на Арсовска дека проблемот е намерно создаден е „површна, неточна и нелогична“.
„Зошто ВМРО-ДПМНЕ во сред изборна кампања би го ставило Скопје во ѓубре, ако се знае дека товарот и негативата ќе одат на сметка на ВМРО-ДПМНЕ? Арсовска треба да одговори зошто не се собира ѓубрето и што се прави со парите кои граѓаните уредно ги плаќаат“, наведуваат од партијата.
Тие побараа да се испита и кривичната одговорност на надлежните за хаосот со сметот, оценувајќи дека зад него стои „тајна коалиција која четири години ја поддржуваше Арсовска“.
„Ова го прави некој што сака да наштети на ВМРО-ДПМНЕ во изборна кампања. Ќе дојде крајот на ова и ќе има одговорност“, се вели во реакцијата.
Во објавата претходно, Арсовска обвини дека Советот не презел мерки за нормално работење на претпријатието, ниту ги разрешил управниот и надзорниот одбор на „Комунална хигиена“ кое е составено од кадри на ВМРО-ДПМНЕ и Влен, и надлежно за носењето на сите одлуки поврзани со работата на претпријатието.
Македонија
Мециновиќ прифати дебата на Телма телевизија

Амар Мециновиќ, кандидатот за градоначалник на Град Скопје од редовите на Левица, утрово на социјалните мрежи сподели дека прифатил покана за дебата на телевизија Телма.
„Добро утро Скопје, дебата на Телма за следниот четврток.
Со задоволство ја прифаќам поканата на телевизијата Телма за учество во дебатата за главниот град со мојот противкандидат.
Во духот на демократијата и витешката борба, сметам дека сите дебати се добродојдени“, напиша тој на социјалните мрежи.