Македонија
МВР: Ристиќ беше однесена во психијатриска болница затоа што одбиваше алкотест
Од Министерството за внатрешни работи излегоа со официјално соопштение во врска со случајот со актерката Ирена Ристиќ во кое се вели дека синоќа околу еден часот по полноќ, во близина на Владата на Република Македонија, 43-годишната актерка по потекло од Охрид, заедно со 32-годишниот В.Р. од Скопје, го нарушиле јавниот ред и мир викајќи на висок тон, со дрско и непристојно однесување.
„Двајца полициски службеници им се доближиле и ги предупредиле за нивното однесување. Во тој момент, лицата почнале да ги омаловажуваат и навредуваат полициските службеници. И.Р. и В.Р. биле приведени во Полициската станица Центар за понатамошна постапка, поради сторени прекршоци против јавниот ред и мир. Кај лицето В.Р. (32) било утврдено дека е под дејство на алкохол, по извршено алкотестирање“, се наведува во соопштението.
Како што информираат од МВР, Ристиќ одбивала да ѝ биде извршено алкотестирање и поради тоа била однесена во Ургентен центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“ за да ѝ биде земена крв и урина за анализа за присуство на алкохол.
Таму, исто така, одбила да даде крв, по што била однесена во ЈЗУ Психијатриска болница – Скопје, со цел добивање мислење од стручно лице врз основа на надворешните манифестации и симптоми на лицето.
По тоа, актерката била вратена во Полициската станица Центар и во 4:30 часот била ослободена.
„На В.Р. му беше извршено алкотестирање и тој потпиша записник за присуство на алкохол во крвта, по што беше ослободен во 3:35 часот“, се објаснува во соопштението.
Од полицијата соопштуваат дека против Ирена Ристиќ ќе бидат поднесени прекршочни пријави по член 4 (кој на јавно место со карање, викање или непристојно и дрско однесување го нарушува јавниот ред и мир ќе му се изрече глоба во висина од 100 до 400 евра во денарска противвредност) и член 13 (кoj омалoважува државен орган, односно омаловажува или навредува службено лице на државен орган или друга институција која врши јавни овластувања во вршење на службата ќе му се изрече глоба во висина од 600 до 800 евра во денарска противвредност. Ако службено лице од став 1 на овој член е полициски службеник на сторителот ќе му се изрече глоба 600 до 900 евра во денарска протввредност).
Против 32-годишниот скопјанец В.Р. ќе бидат поднесени прекршочи пријави по член 4, член 6 (Кој на јавно место се оддава на пијанство или во пијана состојба го нарушува јавниот ред и мир ќе му се изрече глоба во висина од 100 до 400 евра во денарска противвредност) и член 13 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

