Македонија
МВР утврди неправилности: забавниот парк со панорамско тркало во Карпош ќе биде отстранет
Постапувајќи по допрен глас дека во Скопје, на подрачјето на општина Карпош, поточно пред спортскиот центар „Борис Трајковски“, без соодветни документи и потребни дозволи се поставени реквизити за забавен парк, меѓу кои и панорамско тркало, полицијата излезе на самото место и презема конкретни соодветни мерки и активности од делокругот на својата надлежност и овластувањата.
„Од страна на инспекциските служби поведена е постапка за констатираните неправилности по што ќе бидат преземени конкретни мерки во насока на нивно отстранување, престанување со вршење на активноста, како и дислоцирање на реквизитите“, информираа од МВР.
За случајот викендов алармира Град Скопје, од каде што беше истакнато дека фирмата „Дизниленд реквизити“ од Чаир, регистрирана пред само еден месец, без соодветни документи и дозволи, без потребна документација, која гарантира безбедност, монтира панорамско тркало и други реквизити во Карпош пред „Борис Трајковски“.
„Град Скопје во рамките на своите надлежности изврши надзор, презема мерки и го казни правното лице, но тој сепак насилно продожува да работи. Ги повикуваме надлежните институции и апелирам да постапат во најкус можен рок бидејќи се доведува во прашање безбедноста на децата и на сите други посетители поради практицирањето на ваквото самоволие“, повикаа од Градот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Центар, Сопиште и Бутел
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 07:30 до 15:00 часот, корисниците на блокот на згради од булеварот Партизански Одреди бр.17 кон улица Максим Горки, општина Центар.
· во периодот од 07:45 до 15:30 часот, корисниците на селата Јаболци, Ново Брезница, Патишка Река, Држилово, Малчиште, Црн Врв, Елово, Осинчани, Карст с.Јаболци Викендици Држилово, Сателитски Центар, Ново Брезница, Рудпроект, Јаболци, Патишка Река, општина Сопиште.
· во периодот од 08:30 до 10:30 часот, корисниците на улицата Тале Христов, Поликлиника ВФВ и Објектите околу ВРВ Поликлиник, општина Бутел.
· во периодот од 09:00 до 12:00 часот, дел од корисниците на улицата Елисие Поповски – Марко бр.21,47 и други корисници во непосредна близина, општина Центар.
Македонија
Делови од Центар и Аеродром денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска:
– поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на улицата Франклин Рузвелт бб, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, односно потегот од Орце Николов до Благој Давков, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.
– поради промена на вентил во шахта ф-2“ на улицата Венијамин Мачуковски бб, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица, општина Аеродром.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Утрото претежно ведро и студено, преку денот сончево со мала до умерена облачност
Утрото претежно ведро и студено, преку денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 4, а максималната ќе достигне од 15 до 20 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на стабилно и суво време. Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на магла или ниска облачност. Поради разведрувањето утринската температура наместа ќе се спушти под нулата, а дневната ќе бележи тенденција на благ пораст.

