Македонија
„Медијапул“: Десет незгодни прашања во врска со бугарското вето
Бугарскиот портал „Медијапул“ објави прашања до бугарската влада, кои се однесуваат на блокадата за Северна Македонија, со наслов „Десет незгодни прашања во врска со бугарското вето“.
1. Зошто Бугарија го предложи контроверзниот бизнисмен Јордан (Орце) Камчев за свој почесен конзул во Скопје и со тоа се поврза со корупциските скандали што го тресат западниот сосед. Прво, владата тивко го предложи најбогатиот Македонец за конзул, а потоа на истиот начин се откажа од неговата кандидатура, без да даде објаснување. Според локалните медиуми, Бугарија се обидела да го спаси Камчев од истрагата, а потоа дури и му дала обезбедување.
2. Зошто Бугарија не покажа конзистентна политика и не го иницира прашањето за јазикот на омраза и кражба на историјата пред да се приклучи Северна Македонија во НАТО на почетокот на оваа година? Така, Софија дозволи нерешените билатерални прашања да влијаат на алијансата. Нешто што стана исклучително видливо кога се зборува за бугарското блокирање на преговарачката рамка за членство на Северна Македонија во Европската Унија.
3. Зошто владата дозволи да се потпише договорот за соседство со Скопје иако претходно беше критикуван од експерти и од пратеници поради недостиг на контролни механизми? Дали Министерството за надворешни работи има доволно подготвени експерти за Северна Македонија за да формулираат јасни позиции (вклучително и без фактички грешки)?
4. Како беа избрани членовите на историската комисија од бугарска страна и зошто владата ги изолира поумерените историчари и јавни личности од формирањето на бугарската позиција?
5. Зошто премиерому т го препушти дијалогот со Скопје на министерот за одбрана Красимир Каракачанов, чиј ресор како заменик-премиер не е надворешна политика и дали тој не му направи услуга во предизборни цели?
6. Дали Бугарија ја потцени темата покажувајќи последните три години неконзистентна политика кон Северна Македонија, вклучително и несогласување во тонот меѓу министрите и премиерот?
7. Зошто беше дозволено Бугарија да се најде во европска изолација? Бугарија очекуваше дека нејзините барања ќе се вклучат во преговарачката рамка на Северна Македонија, но тоа не се случи, иако другите земји членки беа свесни за желбата на Софија. Партнерите во ЕУ не ги разбираат бугарските мотиви за вето, особено поради фактот дека Софија беше главниот поддржувач на европската перспектива на регионот и ја направи оваа кауза приоритет на своето прво претседателство со Советот на ЕУ во 2018 година.
8. Дали бугарската влада стана сојузник со проруската опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, која ги користи билатералните односи против Владата на Зоран Заев и во голем степен е одговорна за јазикот на омраза кон Бугарија?
9. Дали постои стратегија во бугарската влада за да се поправи штетата во однос на довербата и односот на обичните македонски граѓани кон Бугарија?
10. Зошто Бугарија си дозволи да се претвори во нова Грција за Северна Македонија, а Атина да го чува нивното небо и да нарачува вакцини на европско ниво за оваа држава?
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре врнежи од дожд а на планините снег
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса утре попладне, во текот на ноќта и во недела ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 25 l/m²). Локално ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во понеделник во текот на ноќта и во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег. Утре ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен, а во недела од северозападен правец.
Во Скопје, од утре од попладневните часови до недела ќе има повремени врнежи од дожд, со услови за појава на грмежи. Утре ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен, а во недела од северозападен правец. Во вторник се очекуваат нови врнежи од дожд, кои на повисоките делови од котлината ќе преминуваат во снег.
Македонија
Ѓорѓиевски: Започна реконструкцијата на улицата ,,Лазар Трповски” во Чаир
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски заедно со градоначалникот на општина Чаир, Изет Меџити, го означија почетокот на реконструкцијата на улица „Лазар Трповски“, една од најзначајните сообраќајни артерии во овој дел од градот. Овој проект е клучен за обезбедување поголема безбедност, ред и ново достоинство за граѓаните на Чаир, посочуваат од Град Скопје.
„Станува збор за целосна реконструкција со нов асфалт на двете коловозни ленти, изградба на стандардизирани тротоари, велосипедски патеки од двете страни, уредени паркинг-простори и современ систем за јавно осветлување. Со ова се става безбедноста на прво место за сите учесници во сообраќајот, вклучително возачи, пешаци и велосипедисти. Улицата „Лазар Трповски“, која во минатото беше позната како критична точка за сообраќајни незгоди, добива инфраструктура по европски стандарди која обезбедува јасна сигнализација, подобрена прегледност и функционални решенија што одговараат на реалните потреби на граѓаните.
Градот Скопје продолжува со инфраструктурните инвестиции и до крајот на годината ќе започне постапката за целосна реконструкција и проширување на булеварот „Цветан Димов“, кој секојдневно го користат повеќе од 100.000 граѓани и кој поврзува неколку скопски општини. Овој проект ќе овозможи трајно решение за метежот и небезбедноста, ставајќи крај на долгогодишниот сообраќаен хаос на оваа делница“.
Македонија
Манасиевски: Обвинителката Кадриу сведочи дека Филипче немал ниту елаборат за струја за модуларната болница во Тетово
Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција изјави дека, според сведоштвото на поранешната обвинителка Лејла Кадриу, поранешниот министер за здравство Венко Филипче ја составувал техничката спецификација за модуларната болница во Тетово, без да изготви елаборат за електрична енергија, а трагичниот пожар можел да биде спречен.
„Кадриу потврдува дека работата е забошотена. Таа била повикана вечерта на трагедијата да учествува во истрагата, а потоа дошол и Јовевски со свои обвинители, за кои таа вели дека имале обврска да ја држат истрагата под контрола“, рече Манасиевски.
Тој додаде дека, според Кадриу, модуларните болници биле изградени од панели со пурпена кои чинеле 5–6 евра по метар, додека пожароотпорните панели со камена волна чинеле околу 17 евра.
„Сите модуларни болници чинеле околу 300.000 евра, а за нив биле обезбедени 30 милиони евра од Светската банка. Каде се тие пари – нема одговор. Можеби се наоѓаат во некоја акција во индиска авиокомпанија, стан во Дубаи или фирма во Бугарија“, изјави Манасиевски.
Тој истакна дека трагедијата со 14 загинати во Тетово можела да биде избегната.
„За жал, трагедијата во Тетово во која загинаа 14 наши сограѓани, можела да биде и спречена доколку Филипче потпишал минимум технички спецификации и ако направил елаборат за електрична енергија, со кои не би дошло до спој во електричната енергија и доколку панелите биле малку поскапи и подобри, можеби и ќе се избегнел пожарот. Но, Филипче по се изгледа алчен за парите, искористил минимум од обезбедените средства. Згора на се, ова можеби би било спречено и доколку Филипче ја прифател понудата на тогашниот медицински директор во тетовската болница, кој понудил сместување на КОВИД пациенти, на двата спрата кои биле слободни во истоимената болница каде тие биле оставени така празни. Филипче ова го одбил поради тоа што овие модуларни болници морале да бидат изградени“, рече Манасиевски.
Во изјавата, Манасиевски тврди дека вистинските виновници не се зад решетки, а дека „оние кои нуделе други решенија сега се осудени само на три години“.
„Вистинскиот виновник денес води политичка партија во опозиција“, заврши тој, најавувајќи нови информации утре, вклучително и околу тоа зошто обвинителката Кадриу била суспендирана.

