Македонија
Менталното здравје на младите – да ги препознаеме емоциите, а не да ги потиснуваме
Менталното здравје на младите станува сè поважно прашање во македонското општество. Според Светската здравствена организација, здравјето не значи само отсуство на болест, туку состојба на физичка, ментална и социјална благосостојба. Денес, младите се соочуваат со многубројни притисоци – училишни обврски, очекувања, социјални мрежи, економска несигурност и потребата да се пронајдат себеси во свет кој бргу се менува.
Сите овие фактори често предизвикуваат емотивни состојби, кои младите не секогаш знаат како да ги препознаат, именуваат или изразат. Тагата, стравот, вознемиреноста, лутината или чувството на празнина се појавуваат како тивки знаци дека нешто не е во ред. Наместо да бидат слушнати и разбрани, тие чувства често се потиснуваат, што со време може да доведе до анксиозност, депресија или самоповлекување.
Факти што не смееме да ги игнорираме
Според истражувања на УНИЦЕФ и Националната стратегија за млади:
29 % од младите имаат умерени до потешки симптоми на депресија;
42 % доживуваат симптоми на анксиозност;
57 % од девојчињата на 15 години често чувствуваат тага или вознемиреност;
Половина од младите имаат емоционална чувствителност и чувство на плашливост,
а 44 % избегнуваат непријатни спомени и чувства.
Овие бројки се повик на итна реакција не само на здравствените институции туку и на училиштата, семејствата и н аопштеството во целина.
Емоциите како прв сигнал
Препознавањето на емоциите е првиот чекор кон заштита на менталното здравје. Младите треба да научат дека секоја емоција има своја порака:
Тагата зборува дека нешто ни недостига;
Лутината дека нешто ни е неправедно;
Стравот дека ни треба сигурност;
Срамот дека сакаме да бидеме прифатени;
Радоста дека нешто е вредно да се сподели.
Учењето да ги именуваме и изразиме чувствата е основа на емоционалната писменост – вештина што се стекнува преку разговор, доверба и поддршка, а не со казна, споредба или омаловажување.
Семејството – најважниот простор за разбирање
Родителите се првата линија на поддршка, но често се чувствуваат беспомошно. Тинејџерските години носат бурни промени – и физички и психолошки0- а многу родители не се подготвени да ги препознаат сигналите зад повлеченоста, раздразливоста или бунтовноста на своето дете.
Наместо осуда, младите имаат потреба од слушање, смирување и разговор. Семејството мора да биде место каде што е дозволено да се каже „тешко ми е“, „страв ми е“ или „не се снаоѓам“.
Затоа е неопходно да се вложи во едукација и поддршка за родителите – советувалишта, програми за развивање емпатична комуникација и разбирање на адолесцентната психа. Родителите треба да знаат дека не мора да имаат одговор на сè – доволно е да бидат присутни, трпеливи и отворени.
Во нашето општество сè уште постои стигма поврзана со менталното здравје. Младите се плашат дека ќе бидат осудени или неразбрани. Но секое дете и секој млад човек има право на разбирање, поддршка и безбедност.
Потребно е училиштата и заедниците да станат место каде што е нормално да се зборува за чувства, а не да се кријат зад исмејување и осуди. Преку разговори, уметност, групни активности и едукативни програми младите може да научат како да се справуваат со емоциите наместо да се борат против нив.
Менталното здравје не е привилегија – тоа е право.
Емоциите не се слабост – тие се јазикот на нашата внатрешна сила.
Секој млад човек заслужува да биде слушнат, разбран и поддржан.
Здружението „Биди човек“ ќе продолжи да работи на создавање култура на разбирање и грижа, каде што менталното здравје се негува, а емоциите се прифаќаат како дел од човечкото искуство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
До 5 февруари пријавување за субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 февруари 2026.
-Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, но и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата. Студентите кои ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација, електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, соопшти МОН.
Условите и критериумите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк се достапни на линкот https://mon.gov.mk/mk-MK/konkursi-i-stipendii/konkursi-mon/javen-povik-za-ostvaruvanje-na-pravoto-na-subvencioniran-studentski-obrok-za-akademskata-20252026-godina
-За поддршка при аплицирањето, контактирајте преку е-пошта: [email protected] Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови, информира Министерството за образование и наука.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар – Стража – Кичево
Забраната за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Стража – Кичево се укинува од 14.30 часот, соопшти ЈП „Македонијапат“. Забраната беше воведена денеска од 9.40 часот во двата правца на патот поради врнежи од снег.
Забрана за сообрачај на камиони и автобуси од 9.20 часот е воведена за камиони и автобуси на патниот правец крак Шипковица – Попова Шапка и од 5.45 часот за тешки товарни возила на патниот правец крак Маврово – Дебар.
Како што информира ЈП „Македонијапат“, врнежи од снег има во Крушево, на Попова Шапка и во Маврово и на планинските превои Стража, Пресека, Буково и Ѓавато.
Македонија
Премиерот се пожали дека ССМ не сакале да потпишат колективен договор со кој платата на администрацијата ќе се зголеми за 40 проценти
ССМ не сакаше да го потпише колективниот договор со кој платата на администрацијата ќе се зголеми за 40 проценти во период од четири години, односно до април 2028 година, под услов во колективниот договор да се избрише делот кај што стојат платите и во тој период да репреговараат. Тоа го повтори денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по настанот на Економскиот факултет при УКИМ организиран од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност „Еразмус+“ истакнувајќи дека ССМ не сакал да се откаже од општиот колективен договор што претходно го потпишал, а чија важност престанала.
Тој појасни дека ако просечната плата е 30.000 денари, сега во април за мартовската плата ќе имало нивелирање за минималната плата, која ќе се зголеми.
– Да претпоставиме дека таа ќе се зголеми за 1.500 денари. Тогаш овие 30.000 денари плус 1.500 денари зголемени за 8 проценти ќе дадат збир X парички. В година, април 2027, тие X парички повторно ќе се зголемат за минималната плата, да претпоставиме дека ќе биде повторно 1.500 денари. Тој збир X плус тие 1.500 денари ќе се зголемат за нови 8 проценти и ќе добиеме У парички. Третата година, 2028, во април овие У парички повторно ќе се зголемат за минималната плата од 1.500 денари и сето тоа ќе се зголеми повторно за 8 проценти и ќе добиеме Z парички. Овие Z парички ќе бидат за минимум 40 проценти повеќе од 30.000 денари – рече Мицкоски.
Го повтори условот за потпишување на овој договор, а тоа, според него, е во колективниот општ договор, делот кај што стојат платите, да се избришат и во периодот од три години да го репреговараат.
– Доволен период имаме од три години да постигнеме договор. А во меѓувреме, имаме колективен договор, имаме 95 отсто од вработените што се дел од одговорностите на Владата, која е работодавач и со тоа Владата со своите вработени си ги регулирала односите до 2028 година. И со тоа ние сме завршиле. Значи, остануваат сега уште овие 7.787 вработени од вкупната државна администрација – истакна Мицкоски.
Тоа, додаде, ССМ не сакал да го потпише.
– Велеа вака, „како сега ние ќе се откажеме од општиот колективен договор во тој дел кога ние сме го подпишеле со Тренчевска“. Јас велам, вие не се откажувате. Важењето на општиот колективен договор е престанато. Во завршните и во преодните одредби стои дека „тој останува во важност до носење друг“. А ние, ако го избришеме делот на платите, кој е дел од општиот колективен договор и е збунувачки, може да се толкува вака и така, ќе се повикаме на овој нов грански договор, што ќе го потпишеме со гранските синдикати за државната администрација – рече Мицкоски.
Според него, периодот од три години е доволен да преговараат за тој дел од општиот колективен договор.
– И во рок од тие три години ќе преговараме дел, што ќе биде повторно дел од општиот колективен договор. И тие тоа не го прифаќаат. Како, велат, ние сега сме го подпишале тој договор, како сега ние самите себе ќе си се бришаме. Тоа не е мој проблем. Јас нудам решение. Ако ние не сме доволно зрели како општество за помалку од три години да не потпишеме, тогаш не сме зрели ни за држава. Ама јас мислам дека сме зрели – истакна премиерот.
ССМ денеска ја повика Владата в понеделник да го потпишат колективниот договор, со кој, како што велат, ги зголемува платите на вработените за 40 проценти и наместо во 2028 година, да почне од февруари 2026 година. За следната недела најавија блокади, а останува и одлуката за генерален штрајк доколку не се зголемат платите.

