Македонија
Мерки за воспоставување центри за административни услуги во сите општини во државата
Министерството за локална самоуправа денеска ја презентираше Анализата за воспоставување сервис-центри во сите општини, подготвена во соработка со УНДП.
Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, истакна дека е ова првиот чекор кон реализација на приоритетот за подобрување на испораката на административните услуги на локално ниво на стандардизиран начин, од едно место.
„Станува збор за голем проект што бара и големи финансиски средства, но и тесна соработка и координација меѓу двете нивоа на власт, меѓу надлежните институции, експертската јавност и, секако, со донаторската заедница. Нашата крајна цел е да се воспостават унифицирани центри за услуги во сите 80 општини, коишто ќе обезбедат ефикасен, економичен, едноставен и пред сѐ предвидлив пристап до услугата. Без чукање на различни врати, со точно утврдени рокови и сосема јасен патоказ за начинот на испорака на административната услуга од надлежност на локалната самоуправа. На овој начин значително ќе се подигне квалитетот во испораката на административните услуги на локално ниво, но и ќе се стеснe просторот за судир на интереси и корупција“, рече министерот Фазлиу.
„Императив за властите е да го трансформираат дизајнот и испораката на јавните услуги со користење на дигитални технологии во јавниот сектор. Денешната презентација на Анализата за центрите за услуги и веб- платформата Отворени за вас се примери на иновативни / технолошки решенија за модернизација во обезбедувањето јавните услуги“, рече постојаниот претставник на УНДП, Нарине Сахакијан.
Презентираната анализа за воспоставување центри за услуги содржи пресек на моменталните капацитети на општините. Во 17 веќе функционираат сервисни центри коишто биле воспоставени од донаторската заедница на почетокот на процесот на децентрализација, но и тие општини имаат потреба од надградба на системите, рече експертот Данчо Узунов.
Исто толку општини се изјасниле дека ова прашање им е приоритет, располагаат со административен простор, но немаат средства за реализација, десет општини изразиле интерес, но се изјасниле дека немаат ниту средства ниту соодветен простор, осумнаесет не го третираат прашањето за приоритетно, пред сѐ поради немањето сопствени финансиски и човечки ресурси, а исто толку не изразиле став.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Не е точно дека со ДУИ подготвуваме сценарио за бојкот на вториот круг на претседателските избори“, кажа Ковачевски
Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски кажа дека не е точно дека подготвуваат со ДУИ сценарио за бојкот на вториот круг на претседателските избори на 8 мај.
„Тоа не е точно, јас вчера имав многу јасна порака на митинзите во Сарај и Чучер Сандево. Ги повикувам сите гласачи масовно да излезат на 8 мај и да ги поддржат претседателскиот кандидат Стево Пендаровски и коалицијата За европска иднина на парламентарните избори. Да избереме и претседател и парламентарен состав, Македонија да продолжи на својот пат на европските инетеграции“, рече Ковачесвки.
Тој кажа дека никој не ги има гласачите под своја контрола за да ги наведува како да гласаат.
„Ја примивме пораката во првиот круг за сите грешки кои ги направивме минатите седум години. Очекуваме да ја добиеме поддршката во вториот круг. Нормално е дека нашето членство го повикавме на изборите. Свесни сме дека граѓаните испратија јасна порака до СДСМ, дека граѓаните укажаа на грешките. Работевме во услови на голема пандемија, енергетска и економска криза предизвикани од војната во Украина. Свесен сум за нивото на инфлација и цените. Се обидовме да ги зголемиме и платите и пензиите секој да се справи на најдобар начин со оваа криза. Знам дека тоа не беше доволно, знам дека треба повеќе. Во новата програма имаме и зголемување на платите и на пензиите и секако многу јасни мерки во однос на владеење на правото и борбата против корупцијата“, кажа Ковачевски.
Тој очекува во вториот круг поддршка од сите граѓани во Македонија.
Ковачевски кажа дека Пендаровски е граѓански кандидат и ја бара поддршката од граѓаните, а не од претседателските кандидат коишто не се пласирале во вториот круг.
„Имаме разговори со политичките партии на различни нивоа и ги повикувам сите да имаме масовна излезност на 8 мај. Да избереме претседател на државата со кој ќе имаме европска иднина и парламент што ќе носи храбри одлуки за државата за да го дадеме на граѓаните она што го заслужуваат“, рече лидерот на СДСМ.
Македонија
(Видео) Стојаноска: Време е да се обединиме сите околу тоа повеќе да не функционираме како до сега
„Во текот на вчерашниот ден направивме анализа од резултатите од првиот изборен ден на претседателските избори и истото покажува дека голем број на нашите сограѓани Албанци, Турци, Роми и Бошњаци го имаат дадено својот глас за нашиот претседателски кандидат Гордана Силјановска Давкова“, рече Дафина Стојаноска, носител на изборна единица 6.
„Во име на тоа, од срце им се заблагодарувам на сите мои сограѓани и ги повикувам истото да го направат да го направат и во вториот круг имено ВМРО-ДПМНЕ подава рака кон сите, време е, момент е да се обединиме сите околу тоа повеќе да не функционираме како до сега, туку да вложиме да инвестираме во вистинска слобода, вистинска благосостојба и вистински соживот особено за нас особено во шестата изборна единица. Време е заедно да се спротивставиме на криминалот и Македонија да ја направиме своја и горда“, изјави Дафина Стојаноска, носител на изборна единица 6.
Македонија
„Алкалоид“ добитник на „Патент на годината за 2023“ за иновативниот „Омепразол“ во течна форма
Иновативната формулација на „Алкалоид“ АД за лекот со додадена вредност „Омепразол“ во течна форма, готов за употреба, прва од ваков тип во светски рамки, е прогласена за „Патент на годината за 2023“ од Државниот завод за индустриска сопственост, во рамките на пригодното одбележување на Светскиот ден на интелектуалната сопственост – 26 април.
Меѓународната патентна пријава на „Алкалоид“ за „Oмепразол“ во течна форма беше поднесена на 17 април 2020 година, со опфат на голем број региони и земји, меѓу кои земјите од Европската Унија, САД, Канада, Кина, земјите од Евроазиската економска унија и други. Патентната пријава при Европскиот завод за патенти, чии ингеренции опфаќаат патентни активности во 39 земји во Европа, беше одобрена на 3 август минатата година и валидирана во триесетина земји, меѓу кои и Македонија.
Патентот на „Алкалоид“ АД ја заштитува течната фармацевтска дозна форма на „Омепразол“, која се базира на два посебни раствори содржани во двокоморско пакување, кое при отворањето автоматски ги меша двата раствора и така се добива готовиот течен омперазол за употреба. Овој препарат е наменет, пред сѐ, за третман на рефлуксен езофагитис и на гастроезофагеалната рефлуксна болест (ГЕРБ) кај малите деца кои не можат да голтаат таблети, како и кај возрасните пациенти кои имаат тешкотии со голтањето (пациети со дисфагија) и неможност за голтање (пациенти со поставени сонди за гастрично хранење и/или геријатриски пациенти).
Државниот завод за индустриска сопственост е основан на 1 декември 1993 година како самостоен орган на државната управа и е надлежен за вршење на работите во врска со стекнувањето и со заштитата на правата од индустриска сопственост кои опфаќаат патенти, индустриски дизајни, трговски марки и ознаки за потеклото на производите. Оваа институција триесетта година по ред традиционално организира активности во насока на афирмација на улогата на индустриската сопственост во поттикнувањето иновации и креативни творби.
ПР