Македонија
Метеоролозите најавуваат снег и во Скопје, максималната температура ќе биде до 6 степени

Времето утре, сабота – 30 ноември, ќе биде претежно облачно и постудено со повремени врнежи, кои во западните и јужните делови ќе бидат поројни и обилни (над 50 л/м2). На планините врнежите ќе бидат од снег од 40 до 50 сантимери, на повисоките места од 10 до 30, а во некои пониски места од дожд и снег и ќе се формира помала снежна покривка.
Во југоисточните делови ќе бидат само од дожд. Ќе дува умерен, а на планините силен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 4, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени.
Во Скопје облачно со повремени врнежи од дожд и снег, а на околните планини од снег. Ќе дува умерен ветер од северен правец кој краткотрајно ќе засилува. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Во деновите од викендот ќе има повремени врнежи, кои во западните и јужните делови ќе бидат поројни и обилни (над 60 l/m2). На планините врнежите ќе бидат од снег од 40 до 50 см, на повисоките места од 10 до 30 см, а во некои пониски места од дожд и снег и ќе се формира помала снежна покривка. Во југоисточните делови ќе бидат само од дожд. Ќе дува умерен, а на планините силен северен ветер. Потоа до средината на следната седмица времето ќе биде стабилно со магла по одделни котлини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Падот на Индексот на Репортери без граници се должи на ширење на лажни вести, главната фабрика за тоа е СДС

Падот на Индексот на Репортери без граници се должи главно на ширење на лажни вести и дезинформации. Главната фабрика за лажни вести и дезинформации, во отсуство на конструктивни политики се СДС и Венко Филипче, за што како партија имаат и осудителни пресуди за тоа, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Пример за лажна вест е последното соопштение и прес-конференција. Тие тврдат дека министри давале неколку илјади евра за ручеци, а во суштина и институциите демантираа кажувајќи дека се работи за исплати кон ресторански оператор за услуги за храна кои ги користат и плаќаат вработените од министерствата. Борбата против лажните вести е заедничка одговорност на сите општествени фактори. Потсетуваме дека СДС е главниот финансер и мецена на лажните вести и тој полусвет кој оваа партија го одржува. Тоа е последица и на отсуството на политики и предлози кои ќе бидат конструктивен фактор во општеството“, се наведува во соопштението.
Според ВМРО-ДПМНЕ, СДС е синоним за неспособност, предавства и криминал.
Македонија
Падот за шест места е сериозен показател за негативниот тренд во демократското управување, велат од ДУИ за извештајот на „Репортери без граници“

Падот на Македонија за шест места на најновиот индекс за слобода на медиумите на „Репортери без граници“ претставува сериозен показател за негативниот тренд во демократското управување и односот кон критичкото мислење во земјава, велат од ДУИ.
Деталната анализа, според нив, укажува на сериозни слабости, од политичкиот контекст и правната рамка, до економските притисоци и безбедносната состојба на новинарите.
Загрижувачки е, истакнуваат од партијата на Ахмети, што во извештајот јасно се детектира постоење на одредени паралелни медиумски системи, директно поврзани со политички и економски центри на моќ, кои влијаат врз уредувачката политика и ја поткопуваат довербата на граѓаните.
„Наместо да гарантира институционална независност, Владата избра да го продлабочи клиентелизмот преку нови механизми за влијание, вклучително и рекламирање на јавните институции во приватни медиуми, што повторно го отвора прашањето за транспарентност и фер третман на медиумската сфера“.
ДУИ ја потсетува Владата дека односот кон медиумите е директен одраз на зрелоста на една демократија.
„Наместо селективна поддршка и политички погодни уредувачки пристапи, неопходна е поддршка на професионалните стандарди, независноста на јавниот сервис, заштита на новинарите и институционална подготвеност да се одговори на критичкото известување со отчетност, а не со притисоци“.
ДУИ, како што посочуваат, останува доследна на ставот дека слободата на медиумите е основен столб на правната држава и ќе ги поддржи сите процеси што водат кон медиумска транспарентност, плурализам и професионализација, согласно европските стандарди кои ги стремиме.
Македонија
Левица: Економијата расте на хартија, сиромаштијата расте во реалноста

Додека власта си мери економија во проценти, народот мери со празни паричници и недостижна потрошувачка кошничка. Додека од една страна Мицкоски и неговите министри секојдневно зборуваат за позитивни трендови и раст на економијата, од друга страна зголемената сиромаштија, ниските плати и растечките цени не претставуваат позитивен тренд за работникот, пензионерот, студентот, велат од Левица.
Според оваа партија, инфлацијата и понатаму го јаде животниот стандард. ММФ, потсетуваат, прогнозира инфлација од 3,4% за оаа година.
„Невработеноста кај младите останува проблем број еден. Растот е со намалена надворешна побарувачка, трговската несигурност на ЕУ дополнително се заканува на извозот. Светска Банка во најновиот извештај прогнозира раст на македонската економија од само 2,6%, што е најмал раст во Западен Балкан за оваа година, а е далеку од амбициозната владина прогноза од 3,7%, која министерката за финансии ја нарекува реална“.
Левица бара економија по мерка на граѓаните, не на елитите.
„Системска поддршка на домашното производство наместо потпирање на странски компании со државни субвенции. Намалување на ДДВ за основни продукти и електрична енергија. Зголемување на минималната плата на 500 ева. Системска помош за сиромашните и невработените, наместо лажна слика за раст“.