Македонија
Мециновиќ: Енегријата е очигледна, одиме во втор круг
„Енергијата е очигледна. Луѓе, одиме во втор круг! Таму ќе разговараме за многу нешта затоа што во првиот круг противкандидатите ќе бегаат од дебати. Но, во втор круг нема каде да избегаат и ќе се сретнеме конечно. Ние во мандатот ќе се залагаме за градскиот превоз, за загадувањето на градот, за зајакнување на претпријатијата и преку тоа создавање на функционални јавни претпријатија кои сите услуги ќе ги даваат на задоволително ниво. Утре продолжуваме понатаму, по улиците, онаму каде што патот ќе нè однесе. На улиците ги промовираме нашите спотови кои се цензурирани. Ова движење не е запрено, тоа станува сè поголемо од ден на ден,“ изјави Амар Мециновиќ, пратеник и кандидат за градоначалник на Скопје од редовите на Левица.
Мециновиќ заедно со кандидатот за градоначалник на Аеродром, Марјан Димитриев и советниците за Град Скопје и Општина Аеродром одржаа средба со граѓаните.
„На терен сме, лице в лице со народот – ја слушаме секоја мака и секој предлог. Нашата сила е токму во народот, а нашата визија е чиста, праведна и современа општина и град по мерка на жителите,“ порачаа од партијата.
Димитриев, кој во Аеродром влегува со амбициозна програма, пред граѓаните потенцираше:
„Денес сме тука да ја претставиме нашата програма. Дел од приоритетите се чиста и здрава општина, да ставиме крај на загадувањето и конечно да го решиме паркинг просторот. Аеродромци се спремни за победа, така што морам да кажам – доаѓа нашето време.“
Од Левица нагласуваат дека нивната цел е да го вратат Скопје и Аеродром во рацете на народот – преку транспарентно и одговорно управување во интерес на сите граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Чаир и Карпош
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, дел од корисниците од ул. 1550 место викано Гериз во индустриска зона Визбегово, општина Бутел;
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од ул. Стојна Стевкова, како и дел од корисниците од ул. 393 во населба Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од ул. Блаже Биринчето, општина Карпош.
Македонија
Сончево со умерена локална облачност: температурата до 14 степени
Сончево со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -1, а максималната ќе достигне од 7 до 14 степени.
Во Скопје, во утринските часови во делови од котлината ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и тивко со мала облачност. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во петок ќе се задржи стабилно и потопло време со услови за појава на утринска магла по котлините. Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност и повремени локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање.
Македонија
Грипот ја однесе првата жртва: почина 75-годишна жена
Вирусот на грипот ја однесе првата жртва оваа зима. Седумдесет и петгодишна жена починала пред три дена на Клиниката за инфективни болести. Пациентката имала повеќе коморбидитети и не била вакцинирана против грип.
Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 25 пациенти со компликации од грип, oд кои повеќето се возрасни лица со хронични заболувања и невакцинирани од грип.
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, пред неколку дена кажа дека пикот се очекува да биде во втората половина од овој месец и првата половина од февруари.
„Со враќањето на децата во училиште очекуваме дека и бројот на лица коишто ќе бидат заболени од грип или заболувања слични на грип може да биде зголемен“, рече Андоновска.
Институтот за јавно здравје препорачува оние коишто не се заболени да избегнуваат колку што е можно некакви собири или да престојуваат во простории или трговски центри каде што има голем број на луѓе, да избегнуваат контакт со веќе заболени лица или оние што ќе пројават некакви симптоми на кивање и кашлање. Често да се мијат раце со обичен сапун и вода, да се проветруваат просториите, да се почитуваат здрави животни навики – редовна хидратација со течности односно вода, лесна храна, витамини, минерали.

