Македонија
Меѓународeн ден против хомофобијата, трансфобијата и бифобијата
Меѓународниот ден против хомофобија, трансфобија и бифобија, 17 Мај, кој оваа година во светот се одбележува со мотото „Сојузништва за солидарност“, Интерпартиската парламентарна група за правата на ЛГБТИ-лицата ја изразува својата солидарност со ЛГБТИ-луѓето што преживеале разни видови стигматизација, дискриминација и насилство.
Меѓу другите партнери што го одбележуваат овој ден се и пратениците од Интергрупата за правата на ЛГБТИ-луѓето во Европскиот парламент, кои дале поддршка и честитале за формирањето на Интерпартиската група за правата на ЛГБТИ-луѓето во Собранието на Република Македонија.
„Како пратеници во Европскиот парламент кои се посветени на одбрана и унапредување на правата на ЛГБТИ-луѓето во ЕУ и пошироко, среќни сме што и нашите колеги го прават тоа. Македонија деновиве испишува историја со тоа што е првата земја во Западен Балкан која основала ваква група. Ова е силна и многу потребна порака дека ЛГБТИ-граѓаните треба да се еднакви со своите сограѓани во Македонија“, се вели во писмото со честитки од ЛГБТИ-групата на Европскиот парламент.
Од ЛГБТ-заедницата во Македонија велат дека и покрај остварениот важен напредок за правата на ЛГБТИ-лицата, нотиран и во извештајот на Европската комисија, сепак тие се соочуваат со сериозни предизвици.
„Дискриминацијата и насилството врз ЛГБТИ-луѓето сè уште се присутни и затоа не само што најостро го осудуваме говорот на омраза, насилството и дискриминацијата врз ЛГБТИ-луѓето во Македонија туку и во согласност со нашите надлежности активно работиме за подобрување на законската регулатива. Поднесовме амандмани на Законот за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги за додавање сексуална ориентација и родов идентитет како дискриминациски основи, со што експлицитно ќе се забрани медиумските услуги да содржат програми што поттикнуваат или шират дискриминација, нетрпеливост и омраза“, велат од таму.
Целта, како што велат, е преку позитивни промени да се овозможи заштита од говор на омраза, насилство и дискриминација и развој на инклузивно општество што еднакво го почитува секој поединец, без разлика на која било различност, вклучително и различната сексуална ориентација и родов идентитет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.
Македонија
Дожд и облаци утре, постудено на почетокот на следната седмица
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени, најавува УХМР.
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

