Македонија
Меџити најави зајакнат мониторинг на загадувањето со нова опрема и технологии
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, при посетата на Централната лабораторија на Министерството, истакна дека ќе се спроведува зајакнат мониторинг на загадувањето на воздухот со нова опрема и технологии.
Лабораторијата е опремена со напреден инструмент ICP-MS во вредност од 160.000 евра, финансиран од УНОПС, кој ќе овозможи прецизна анализа на тешки метали во почва, вода и воздух. Исто така, успешно е завршен процесот на реакредитација, при што лабораторијата доби нова четиригодишна акредитација, која опфаќа 20 аналитички методи, вклучително и мерење на бучава во животната средина и анализа на отпадни води.
„Во рамки на проектот ‘ЕУ за чист воздух’, лабораторијата е опремена со напреден уред ICP-MS во вредност од 160.000 евра, финансиран од УНОПС, кој овозможува прецизна анализа на тешки метали во почва, вода и воздух“, нагласи Меџити.
Тој исто така информираше дека инсталацијата на опремата и обуката на персоналот ќе се реализираат во текот на месец септември, оценувајќи го овој чекор како значаен напредок кон зголемување на техничките капацитети и подобрување на квалитетот на еколошките податоци.
Меџити додаде дека во наредниот период, Лабораторијата ќе добие акредитација за нови методи, со што дополнително ќе се зајакнат нејзините капацитети.
Централната лабораторија на Министерството за животна средина и просторно планирање е клучна институција во системот за заштита и управување со животната средина во земјава и служи како техничко и научно тело за исполнување на законските и стратешките задачи за мониторинг на загадувањето и заштита на еколошките компоненти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

