Македонија
Меџити на прва средба со новата постојана координаторка на ООН, Рита Колумбија
Денес, првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, оствари прва средба со новата постојана координаторка на ООН, Рита Колумбија.
Теми на состанокот беа двете претстојни конференции на страните на конвенциите за биолошка разновидност и за климатски промени, како и други прашања од заеднички интерес, за кои министерот Меџити информира за текот на подготвителните и за активностите што претстојат.

Министерот Меџити се заблагодари за досегашната соработка, а постојаната координаторка Колумбија ја потврди подготвеноста на имплементирачките агенции на ООН за уште поголема вклученост во спроведувањето на политиките за здрава животна средина. Таа ја нагласи приоритетноста на областа од аспект на идниот рамковен договор за соработка со Владата на Република Северна Македонија за периодот 2026 – 2030.
Двете страни се сложија за потребата од синхронизиран пристап во програмирањето на програмите на ООН со националните приоритети за повеќе димензионалност на проблематиката и потребата од интегрирање на политиките за здрава животна средина во другите секторски политики, со цел намалување на негативното влијание од климатските промени и влијанието врз биолошката разновидност.
Постојанaта координаторка на ООН, Колумбија, во неколку наврати ги потенцира тимската работа, искуството и знаењето како препознаена вредност на Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

