Македонија
Меџити: Нов дијагностички центар и нова медицинска опрема на Клиниката за пулмологија
Министерот за здравство, Фатмир Меџити, утрово беше во посета на Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија по повод отворање нов дијагностички центар и набавка на нова медицинска опрема во вредност од 16 милиони денари, обезбедени од Министерството за здравство.
„Денеска сме во посета на Универзитетската клиника за пулмологија по повод отворањето нов дијагностички центар, со кој пациентите значително побргу ќе бидат дијагностицирани, а со тоа и побргу третирани. Овој дијагностички центар е опремен со нова медицинска опрема во вредност од 16 милиони денари, средства обезбедени од Министерството за здравство.
Опремата се состои од столб со бронхоскоп со соодветен монитор, процесор и извор на светло, како и ЕБУС (ендобронхијален ултразвук со бронхоскоп). Особено е значајно што со отворањето на овој центар двојно ќе се зголеми бројот на бронхоскопии и ЕХО-прегледи што ќе се вршат на оваа клиника.
Значајно е што е обезбеден ЕБУС-апаратот, кој овозможува да се дијагностицираат метастатски лимфни јазли. Апаратот за оваа намена со кој располагала Клиниката бил веќе стар и дотраен.
Новиот дијагностички центар е опремен и со дигитален РТГ-апарат и со апарат за компјутерска томографија. За адаптација на овој простор се извршени реконструктивни зафати во вредност од 10 милиони денари.
На крајот, сакам да упатам честитки до раководството на установата за одличната соработка и континуираното унапредување на условите за пациентите“, изјави Меџити.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претежно облачно, попладне и кон крајот на денот повремен дожд
Променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини врнежи од дожд и снег. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно, попладне и кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер што ќе услови до недела релативно високи температури. Од недела попладне ќе започне да дува северен ветер и температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
Магла на неколку патни правци, слаб снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег на Попова Шапка без задржување на коловоз. Намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 100 метри, Стража до 80 метри и кај Крушево до 30 метри, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Силен земојтрес почувствуван во Македонија
Силен земјотрес беше почувствуван вечерва во 22:05 часот во Македонија.
Според информациите на ЕМСЦ, потресот бил регистриран во Косово, на 15 километри од Тетово, со магнутуда од 4,6 степени.
Земјотресот бил на длабочина од 5 километри.
Засега нема информации за штети.

