Македонија
Меџити: Ова е чиста победа, изградена со доверба и љубов кон Чаир

Синоќа во општина Чаир Изет Меџити и неговиот тим ја прославија победата на локалните избори.
Меџити им се заблагодари на партиските структури, активистите и граѓаните кои стоеле покрај него во текот на целата кампања.
„Победата што ја постигнавме не е случајност, туку резултат на работа, посветеност и доверба што ја изградивме заедно. Тоа е победа на нашата структура и активистите, на луѓето кои беа присутни во секој дел од Чаир, кои ја претворија нашата енергија и визија во вистинска граѓанска победа“, изјави Меџити.
Тој додаде дека секој час работа, секој чекор и секој напор на неговиот тим имале смисла, затоа што оваа победа е изградена врз чисти вредности, со доверба и љубов кон Чаир.
„Од срце ви благодарам за истрајноста, посветеноста и довербата што ми ја укажавте. Денес повеќе од кога било чувствувам дека Чаир има тим кој не се предава, кој работи и победува заедно. Горд сум на вас, горд сум на нашиот Чаир“, рече Меџити.
Според него, победата во Чаир се смета за јасна порака од граѓаните за континуитет, работа и доверба за развиен и обединет Чаир.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) СДСМ: Дали со Британија е договорено отворање мигрантски кампови во Македонија

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, денеска на прес-конференција побара премиерот Христијан Мицкоски јавно да одговори дали за време на посетата на владината делегација во Велика Британија било разговарано за прифаќање мигранти и отворање мигрантски кампови во Македонија.
Кузеска изјави дека, според информациите што ги добиле од Британијапрашањето за мигрантите било во фокусот на средбите со британската влада, но од македонската страна досега нема официјални информации.
„Ова е јасен знак дека повторно се крие нешто од јавноста. Мицкоски одбил да разговара на оваа тема со медиумот Тајмс, а за македонската национална телевизија дал само штур одговор“, рече Кузеска.
Според неа, британската влада нуди стратешки инвестиции за земјите од регионот, но тие, како што наведе, доаѓаат во пакет со разговори за кампови за мигранти.
Кузеска потсети дека Мицкоски досега неколку пати јавно негирал постоење на каков било договор поврзан со мигранти, но, како што рече, новите информации од Лондон укажуваат на спротивното.
Македонија
Скопските лихвари им ги одземале имотите на оние кои не можеле да ја вратат позајмицата, каматата била и до 15 отсто месечно

Полицијата спроведе координирана акција на повеќе локации низ Скопје и приведе 11 лица осомничени за лихварство и перење пари, а уште едно лице, Б.К. (35), е недостапно за органите на прогонот.
Според истрагата, групата делувала од почетокот на 2022 година, организирана со јасна структура и улоги меѓу членовите. Деветмина од осомничените се сомничат дека давале пари на заем со незаконски високи камати, кои се движеле од 5 до 15 проценти месечно, а за секое задоцнување каматата дополнително се зголемувала.
Тие, како што наведува истрагата, ја искористувале тешката финансиска состојба на граѓани, барајќи од оштетените не само да ги вратат парите со камата, туку и да го предадат или заложат имотот што го поседуваат. Кога не можеле да ја исплатат позајмицата, жртвите биле принудувани да ги пренесат своите станови или деловни простории на имиња на осомничените.
Наплатата се вршела директно во готовина или преку банкарски сметки, односно средствата се уплатувале од сметки на оштетените на сметки на лицата вклучени во шемата.
Парите што биле прибрани на овој начин подоцна биле „испрани“ преку банки, сефови и фиктивни трансакции. Дел од средствата биле користени за куповина на недвижен и движен имот, а друг дел за финансирање на луксузен начин на живот.
Истрагата на Обвинителството и МВР утврдила дека осомничените се стекнале со противправна корист во висина од 125 милиони денари – сума добиена преку незаконското лихварство.
Против сите е поднесена кривична пријава за „лихварство“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“, а полициските тимови продолжуваат со активности за пронаоѓање на недостапниот Б.К. (35).
Македонија
(Видео) Димитриевски: Табакана нема да биде зграда, туку бесплатен паркинг за околните жители и парк со детско катче

Кандидатот за градоначалник на Куманово од редовите на Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, денеска уште еднаш најави нов уреден јавен простор во корист на граѓаните од оваа општина. На локацијата Табакана кај булеварот „Октомвриска револуција“, нема да се дозволи изградба на нова зграда, туку таму ќе никнат нов бесплатен паркинг за локалното население , како и парк со детско катче.
– Иако во минатото некој предвидел во Деталниот урбанистички план за оваа локација да се гради зграда, јас како иден градоначалник на Куманово нема да го дозволам тоа. Сите овие времени објекти ќе бидат дислоцирани, дополнително ќе биде изграден нов паркинг простор којшто ќе биде бесплатен за сите кои што живеат на во околината и дополнително детско катче и нови зелени површини,“ изјави Димитриевски.
Тој додаде дека е време да се стави крај на, како што рече, „урбано градежните групации“ кои сакаат да го урбанизираат, поточно бетонизираат секој слободен простор во Куманово.
– Мора да кажеме стоп на урбано градежните групации кои што сакаат да го урбанизираат секој простор во нашиот град со никнување на нови бетонски градби, рече Димитриевски.
Максим Димитриевски во својата видео порака побара од поддршка од граѓаните заа во вториот круг од изборите, што треба да се одржи на 2 ноември.
– Ве повикувам масовно да излезете и да ми дадете поддршка во вториот круг бидејќи Куманово заслужува да продолжи да расте, да се развива, а дојде времето да се средува и централното градско подрачје, конкретно булеварот Октомвриска револуција, негово пробивање, изградба на нов кружен тек и уште многу други содржини во централно градско подрачје, порача Димитриевски.