Македонија
Меџити: Улицата „Максут Садик“ пред завршување, значајна инвестиција за Чаир
Денес, првиот Заменик премиер и воедно кандидат на коалицијата ВЛЕН за градоначалник на општина Чаир, Изет Меџити ги следеше работите за реконструкција на улицата „Максут Садик“ во Чаир, значаен инфраструктурен проект кој го поврзува овој дел на општината со булеварот „Никола Карев“ и со Универзитетот „Мајка Тереза“, каде што наскоро ќе се изгради современ универзитетски кампус.
Станува збор за инвестиција од околу 220.000 евра, која се реализира со поддршка на Владата во рамки на Програмата за инфраструктурни проекти во општините за 2025 година.

„Денес сум тука заедно со вас за да го следиме напредокот на реконструкцијата на улицата ‘Максут Садик’. Оваа улица не е само обична сообраќајница, туку важна артерија која го поврзува овој дел на Чаир со булеварот ‘Никола Карев’, со Универзитетот ‘Мајка Тереза’, каде што многу скоро ќе никне модерен универзитетски кампус. Ова е инвестиција од околу 220.000 евра, која се реализира со поддршка на Владата во рамки на Програмата за инфраструктурни проекти во општините за 2025 година“, изјави Меџити.
Работите, како што тој истакна, се одвиваат со брзо темпо и проектот се очекува да заврши за две недели.
„Ова значи дека жителите од ова населба, а особено ромската заедница, која со години чекала подобри услови за движење, конечно ќе добијат инфраструктура каква што заслужуваат“.
Меџити додаде дека овој проект не се однесува само на асфалтирање, туку и на конкретна посветеност кон заедницата.

„За мене ова е повеќе од асфалт и нова улица. Ова е потврда дека кога Владата и општината ќе застанат заедно, резултатите стигнуваат до луѓето. Ова е пример за тоа како конкретни дела ја менуваат секојдневната реалност“, нагласи тој.
Меџити уште еднаш го потенцираше своето лично залагање за развојот на општината.
„Како човек кој целиот свој живот го поминал во Чаир, добро ја знам секоја улица и секој проблем. Мојата посветеност е јасна: да обезбедиме нови инвестиции, нови услови и нова енергија за Чаир. Ова е само почеток. Чаир има потенцијал, има сила и ќе го има развојот што го заслужува“, оцени Меџити.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

