Македонија
МЗ,УНИЦЕФ и СЗО: Да се дејствува за да се спречи можна зараза со морбили
Министерот за здравство, Беким Сали, на денешната заедничка прес-конференција со претставничката на УНИЦЕФ, Патриција Ди Џовани, и стручното техничко лице на СЗО за имунизација, Горан Кочински, ги презентираше најновите податоци за опфатот со редовните вакцини за деца, нагласувајќи дека навремената заштита е клучна, особено за новороденчињата и децата од предучилишна возраст. Информираше дека иако изминатиот период поради пандемијата со Ковид-19 здравствениот систем се соочуваше со бројни предизвици и во дел од вакциналните пунктови се врши и вакцинација против ковид, паралелно се одвива и редовната вакцинација, согласно Календарот за имунизација.
-Податоците покажуваат дека во текот на 2020 години се бележи исклучително низок опфат со МРП-вакцината, 63% за прва доза и 68,5% за втората доза, на национално ниво. Министерството за здравство и здравствените установи, кои спроведуваат вакцинација, во напорите за засилување на вакцинацијата успеаjа да го зголемат опфатот во 2021 година, така што за прва доза МРП-вакцина тој изнесува 70,4%, а за втората доза 80,4 отсто. За разлика од 2020 година кога во неколку општини се евидентира опфат под 50%, во 2021 година опфат под 50% се бележи само во Куманово. Во 2021 година највисок опфат со прва доза МРП се бележи во Прилеп 98%, Кочани 95,5, како и во други градови, изјави Беким Сали, министер за здравство.
Сепак, овој опфат е далеку од потребниот процент од 95% вакцинирани лица за постигнување на колективен имунитет и заштита во заедницата. Најнизок опфат, во споредба со сите други вакцини, бележи вакцината против мали сипаници, рубеола и заушки. Малите сипаници се едно од најзаразните респираторни заболувања кои можат да доведат до тешки, понекогаш и трајни компликации од типот на пневмонија, оток на мозокот, хоспитализација и смрт. Особено се опасни за деца под 5 години.
-Иако најновите стапки, од 2021 година, ветуваат подобрувања во споредба со 2020 година, ова не е доволно добро. Најалармантен е националниот опфат со вакцината против мали сипаници, рубеола и заразни заушки (МРП1) за деца на возраст од 12 месеци, што изнесува 70,4% на национално ниво и втората доза на МРП-вакцината, наменета за деца на возраст од 6 години, која е 80,4% на национално ниво. Овие стапки се значително пониски од опфатот во 2018 година (МРП1 – 74,8% и МРП2 – 93,8%) кога земјата се соочи со епидемија на мали сипаници, која предизвика 4 смртни случаи на деца на возраст од 5,5 до 13 месеци, сите невакцинирани со МРП-вакцината. Ниските стапки на рутинска имунизација предизвикуваат загриженост дека појавата на епидемија на морбили е можна и не смееме да чекаме да се случи за да реагираме, изјави Патриција Ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ.
Постои одредена резерва кон МРП-вакцините, која е резултат на агресивните дезинформации кои беа побиени со аргументи. Исто така, иако пунктовите за имунизација беа достапни за време на пандемијата Ковид-19, имаше одредени проблеми што придонесоа за намалени стапки во текот на 2020 година. На пример, затворањето на училиштата доведе до доцнење во организирањето на систематските здравствени прегледи и групната имунизација, ресурсите се пренасочија кон задоволување на потребите на вакцинацијата против Ковид-19.
-Пандемијата на Ковид-19 претставува суров потсетник дека заразните болести предизвикуваат страдање и смрт. И покрај тоа што борбата против пандемијата сè уште не е завршена, важно е да се потсетиме дека какво било нарушување на имунизацијата, макар и за краток период, носи моментален ризик по заедницата и особено по децата од болести што може да се спречат со вакцини. Кога ќе се пропуштат рутински вакцинации, расте ризикот од епидемии, изјави Горан Кочински, стручно техничко лице на СЗО за имунизација.
Во пресрет на Светската недела на имунизацијата, Министерството за здравство и УНИЦЕФ почнуваат национална кампања со која се потсетуваат граѓаните за потребата да обезбедат заштита за нивните деца од заразните болести што се јавуваат во детството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тополова-Исајловска: Криминалот врз културното наследство остава трајни последици
Јавното обвинителство е една од клучните институции-потписнички на двата меморандуми за разбирање, чија цел е зајакнување на институционалните капацитети за справување со кривични дела против културното наследство и животната средина.
Настанот го означи успешното завршување на твининг проектот помеѓу Италија и Република Северна Македонија,финансиран од Европската Унија со средства од Инструментот за претпристапна помош – ИПА.
“Кривичните дела во овие области се карактеризираат со високо ниво на сложеност. Тие често вклучуваат организирани структури, прекугранични активности, финансиски интереси и значителна материјална штета. Последиците од ваквите дела, за разлика од други форми на криминал, во голем дел се трајни – уништеното културно добро или деградираната животна средина речиси никогаш не можат целосно да се обноват. Затоа, покрај националните механизми, од суштинско значење се и инструментите на меѓународна правна помош, размената на информации и оперативната соработка, како со институциите од регионот, така и со институциите од Европската Унија”, истакна при потпишувањето на меморандумите В.Д. Јавниот обвинител, Анита Тополова Исајловска.
Целта на проектот, во чија реализација беа вклучени италијанските Карабинери со специјална експертиза, беше зајакнување на националните капацитети за спречување, истражување и борба против кривични дела поврзани со културното наследство и животната средина во согласност со стандардите и најдобрите практики на ЕУ.
Меѓуинституционалната соработка беше зајакната преку структурирани механизми за координација, што резултираше со потпишување на двата Меморандуми за разбирање со кои се воспоставуваат национални мултиинституционални платформи за заедничко дејствување против криминалот со културното наследство и животната средина.
Македонија
СДСМ: Корупцијата цвета, Македонија на ниво на Буркина Фасо и Танзанија според Транспаренси
СДСМ обвини дека корупцијата во Македонија „цвета“, повикувајќи се на Извештајот на Транспаренси за 2025 година, според кој, како што наведуваат, земјата е на ниво на Буркина Фасо и Танзанија.
Од партијата тврдат дека граѓаните „секој ден гледаат дека во Македонија цвета корупцијата поради криминалот на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ“.
Во соопштението се наведува дека „161 тендер се доделени на една фирма, 51 тендер за омилената фирма на ВМРО преку општините, 9 милиони евра за фирма само со двајца вработени, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта“.
СДСМ ги споменува и петте тони дрога преку граница, оценувајќи дека се случил „најголемиот нарко-скандал во регионот со дрога од Македонија која била шверцувана во Србија“.
Според партијата, „наместо реформи во правосудството, власта презема целосна контрола врз судството и обвинителството и носи закони кои не се согласно препораките на ЕУ“.
„Нема борба против криминалот и корупцијата туку има обиди за заштита на криминалците од врвот на власта“, наведуваат од СДСМ.
Во соопштението се додава дека „сè тоа ја става Македонија во групата на земји како Буркина Фасо и Танзанија, според Извештајот на Транспаренси за 2025 година“.

„Македонија го има својот Мадуро кој ја води земјата кон намерна изолација од ЕУ за може слободно да се спроведува грабежот зад грбот на граѓаните“, додава СДСМ.
Македонија
(Видео) СДСМ ја напушти седницата откако предлогот за минимална плата од 600 евра не се најде на дневен ред
Пратениците на СДСМ ја напуштија седницата во Собранието откако владејачкото мнозинство одби предлог-законот за минимална плата да биде ставен на дневен ред. Во меѓувреме пред Собранието се одвиваше блокадата организирана од Сојузот на синдикати за зголемување на минималната плата на 600 евра и на другите плати за 100 евра.
„Не може моето право како координатор или пратеник од опозицијата да е послабо од правото на кој било пратеник на власта“, нагласи координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, повикувајќи го претседателот на Собранието, Африм Гаши, да образложи зошто предлогот за зголемување на минималната плата не се стави на гласање, и пред пратениците, и пред граѓаните кои го блокираа Собранието.
Спасовски појасни дека СДСМ го поднел предлогот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата на 31 јануари, со што бил исполнет условот точките поднесени до крајот на минатиот месец да бидат ставени на седницата.
„Дополнувањето односно поправањето на текстот, според собранискиот Деловник, не значи повторно поднесување“, рече Спсовски. Според него, барањето на синдикатите минималната плата да се зголеми на 600 евра или 36.960 денари е реална основа и постои можност за обезбедување финансиски средства.
„Има можност, само треба политичка волја да се излезе на барањето на работниците“, додаде Спасовски, потсетувајќи дека кога владата на СДСМ го почнала мандатот, минималната плата била 8.600 денари, а кога завршил 22.400 денари.
СДСМ остро реагираше на одлуката на претседателот на Собранието, истакнувајќи дека постапката создава двојни стандарди.
„Не може да имате двојни стандарди во однос на поднесување на законски текстови. Ако ги извадите стенограмите, ќе видите на колку седници реагирам дека се ставаат на дневен ред предлози доставени до почетокот на седницата, но само ако предлогот е од ВМРО-ДПМНЕ“, рече Спасовски.
По едночасовната пауза, пратеничката група на СДСМ одлучи да не учествува во продолжението на седницата, нагласувајќи дека „оваа пракса уште повеќе го руши дигнитетот на Собранието и ги става пратениците во подредена улога едни наспроти други“.

