Македонија
МЗШВ склучи договори за концесија на рибите за рекреативен риболов за шест акумулации

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска ги потпиша договорите за доделување концесија на рибите за организирање рекреативен риболов за 6 рекреативни зони, односно акумулации. Овие договори се дел од трите постапки за доделување риболовни концесии кои беа донесени со одлука на Влада. Во оваа постапка беа опфатени 19 риболовни води, односно 6 риболовни ревири и 13 рекреативни зони, од кои денеска се потпишаа шест договори. Станува збор за акумулациите Стрежево, Козјак, Мантово, Паљурци, Мавровица и глобочица.
Инаку, Владата годинава донесе одлуки за започнување три постапки за доделување концесија на рибите за организирање рекреативен риболов во кој беа опфатени 47 риболовни води од кои 28 за риболовни ревири (реки) и 19 рекреативни зони (акумулации).
Од нив, во првата постапка беа опфатени 17 риболовни реки и три акумулации, за коишто во јуни годинава се склучија 14 договори. Со втората постапка се опфатени 19 риболовни води, од кои денеска се потпишаа шест договори за акумулации.
Третата и последна постапка е во тек и во истата се опфатени 10 риболовни води. Во оваа постапка покрај доделувањето концесија за организирање рекреативен риболов на 5 риболовни ревири и 3 рекреативни зони, започната е и постапка за доделување концесија за вршење стопански риболов на двете риболовни подрачја Охридско Езеро и Дојранско Езеро, за што до крајот на месец јануари следната година се очекува да склучат договорите. Јавното отворање на понудите од третата постапка беше на 24 овој месец. По евалуацијата на понудите ќе се поканат сите понудувачи кои имаат доставено комплетни и прифатливи понуди да учествуваат на електронска аукција.
Критериумот за избор и на оваа постапка како и не претходните две е највисокиот понуден концесиски надоместок. По завршувањето на оваа постапка, следната година се предвидува започнување нова постапка со којашто ќе се опфатат сите риболовни води за кои во постапките од 2018 година немаше заинтересирани понудувачи или немаше доставено прифатливи понуди. Владата најави дека ќе се заземе за што побрзо реализирање на оваа активност во 2019 година, со што на големиот број рекреативни риболовци ќе им се овозможи непречено да излезат на риболовните води, а на концесионерите преку заштита и порибување на водите да ја остварат и целта на концесијата – трајно користење на рибите преку одржлив развој, односно нивна заштита, зачувување на загрозените видови, како и нивната разновидност, старосна структура и бројност.
Согласно со Законот за рибарство и аквакултура, рибите од риболовните води за организирање рекреативен риболов се доделуваат на користење по пат на концесија за период од шест години. Основна цел на доделување на концесијата на рибите е создавање услови за организирање рекреативен риболов, односно овозможување на вршење заштита и користење на рибите преку планско експлоатирање на одржлив начин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ со повик до партиите да го поддржат законот за ветинг

ДУИ упати повик до сите политички партии да го поддржат предлог-законот на ДУИ за ветинг.
Според партијата, процесот на ветинг е неопходен и клучен за да се изгради довербата на граѓаните во правдата, институциите и државата.
„Нашиот став е јасен и непроменлив: им упатуваме повик на сите парламентарни политички партии да го поддржат предлог-законот на ДУИ за ветинг со меѓународен надзор, еден сеопфатен и бескомпромисен процес што ќе ја врати довербата на граѓаните во правосудството и институциите, го повторуваме нашиот одамнешен став за истрага против сите политички партии, без исклучок, за периодот од изминатите 33 години, бараме проверка и контрола на потеклото на имотот на сите носители на јавни функции во последните 33 години: министри, пратеници, градоначалници, директори, судии, обвинители – сите, без исклучок; ја потенцираме потребата од длабoка истрага на процесот на приватизација, кој во многу случаи служеше како основа за создавање на недопирливи олигарси. Ова темно поглавје не смее да остане нерасчистено. Правдата не се мери со изјави, туку со конкретни одлуки, бараме исто така истрага за дејствувањето на безбедносните служби на државата, како и за функционерите кои биле дел од тие служби од 1945 година наваму: ОЗНА, УДБ-а, СДБ, ДБК, УБК, АНБ“, изјави потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми.
Според него, ова не е само политички проект, ниту пак стара заложба на ДУИ, туку услов за правда и за поправедна иднина за сите граѓани.
Македонија
Отворена нова градинка „Верверичка“ во Кисела Вода

Во населбата 11 Октомври Згради во општина Кисела Вода денеска беше отворена новата градинка „Верверичка“, како дел од ЈДГ „Весели Цветови“.
Градинката е изградена во финансиско партнерство помеѓу Општина Кисела Вода и Комерцијална банка, која со донација од 6 милиони придонесе за реализација на овој проект, вреден над 14 милиони денари.
Новата градинка се простира на површина од 525 м², располага со 6 занимални, 4 воспитни групи и јасли, и овозможува згрижување на 125 деца. Оваа инвестиција директно ја решава проблематиката со недостиг на места во градинките.
Со отворањето на денешниот објект, изградбата на уште две градинки кои се во тек, претходно отворените две градинки и петте градинки кои беа доградени, во моментот во Кисела Вода, за прием чекаат само 20-тина дечиња, велат од Општина Кисела Вода.
Македонија
Кривична пријава за градоначалникот на Кичево – дозволил дива депонија во населена зона во градот

Полицијата поднесе кривична пријава против градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „несовесно работење во службата “ и „загрозување на животната средина и природата со отпад “.
Според информациите од СВР-Охрид, тој, постапувајќи несовесно при извршување на своите законски обврски и не вршење должен надзор, од 2020 година, дозволил да биде формирана дива депонија на повеќе илјади квадратни метри во населена зона во Кичево.
Дехари давал задолженија на вработени секојдневно да складираат, оставаат или расфрлаат отпадни материи, односно со нив да постапуваат на начин со кој се менува квалитетот на воздухот, почвата, водата или водотекот, во мера што може да ги влоши условите за живот на луѓето или животните и растенијата со што го загрозил нивниот опстанок.