Македонија
МЗ: Младите се на удар на четвртиот бран на пандемијата поради ниската стапка на вакцинација
Од Министерството за здравство наведуваат дека се намалува старосната граница на заразени од коронавирус кои развиваат тешка клиничка слика на болеста. Од таму наведуваат дека на удар на четвртиот бран се младите, а причина за сè поголемиот број заразени меѓу оваа популација е ниската стапка на вакцинација.
„Меѓу последните евидентирани хоспитализиции и смртни случаи предизвикани од компликации на Ковид-19 во земјава има сè повеќе млади лица, кои се на удар и во најголем ризик во четвртиот бран на пандемијата предизвикан од делта-мутацијата на вирусот. Ниската стапка на вакцинација во рамки на младите групи е она што, за жал, е причина сè поголем број заразени да бидат токму младите, кои доколку не се имунизирани можат да развијат тешка форма на болеста, која, пак, може да доведе до хоспитализација, а некогаш и до смртен исход“, велат од МЗ.
Од таму наведуваат дека недоволно високиот степен на имунизација, особено кај младата популација, е причина и за сè поголемиот број на хоспитализации во светски рамки.
„Потпирајќи се на природниот имунитет и добрата здравствена состојба, младите лица ја одбиваат или пролонгираат имунизацијата, со што се изложуваат на значително висок ризик од инфекција, а во случај на заразување сè почесто развиваат и тешки симптоми и компликации, бидејќи не се соодветно заштитени“, велат од МЗ.
Од Министерството посочуваат дека последните податоци од израелската ЕКМО-асоцијација покажуваат дека сите хоспитализирани, критично болни пациенти кои се приклучени на апарат за животна поддршка во земјата се помлади од 60 години и без примена вакцина. ЕКМО-технологијата (екстракорпорална мембранска оксигенација) во Израел се користи во особено критични случаи на коронавирус од почетокот на пандемијата, а во моменталниот, четврт бран на Ковид-19, од вкупно 31 невакцинирано лице приклучено на ЕКМО-апарат, петмина починале, сите под 60-годишна возраст.
Од друга страна, шест пациенти третирани со ЕКМО, кои ја надминуваат старосната граница од 60 години, а кај кои се евидентирани и други здравствени нарушувања, успешно закрепнале од инфекцијата со Ковид-19, бидејќи биле имунизирани четири до шест месеци пред хоспитализацијата.
Според претседателот на Асоцијацијата, Јигал Касиф, овие податоци се доказ дека невакцинираните пациенти страдаат од посериозни симптоми на Ковид-19, а младата популација која не е вакцинирана е особено подложна на развивање тешки симптоми од делта варијантата на вирусот.
„Здравствените работници во светски рамки се едногласни дека масовното ширење на делта-варијантата и големиот број инфицирани можат да се стават под контрола, доколку процентот на вакцинирано население се зголеми, особено меѓу младата популација каде што трансмисијата на вирусот е најголема. Вакцинацијата останува најефикасна заштита од заболување, развивање тешка форма на болеста, хоспитализација и смрт, а колективниот имунитет е единствениот начин да се победи пандемијата“, велат од МЗ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

