Македонија
Мизрахи: Разрешени 9 од вкупно 14 економски директори во клиничките болници, за другите пет се очекуваат законските предлог-измени
Економските директори во клиниките беа воведени пред 17 години. Во 2006 година скопскиот Клинички центар беше поделен на 32 клиники, со 56 директори и 142 члена на управни одбори, што се покажа како дисфункционално, неодржливо и скапо решение, рече Рашела Мизрахи, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ.
„Денес е десетти ден од формирањето на новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а веќе предвидената мерка, која беше и изборно ветување од програмата ‘Платформа 1198’ од страница 120, почна да се реализира, и таа гласи:
Укинување на економските, односно организациските директори на клиниките, а со цел укинување на дуализмот и лоцирање на одговорноста, како и пренасочување на средствата за подобрување на здравствените услуги и инфраструктура и зголемување на транспарентноста и отчетноста.
Имено, во согласност со оваа предвидена мерка и реформа, до сега се разрешени 9 од вкупно 14 економски директори во клиничките болници.
Овие 9 досегашни в.д. директори не се повеќе на таа функција, а за другите 5 директори очекуваме од Владата да пристигнат во Собранието предлог-измените на Законот за здравствената заштита, со кои ќе се исполнат законските услови за нивно разрешување и укинување.
Со оваа мерка ќе добиеме оптимизација на здравствениот систем, зајакнување на јавното здравство, подобрување на функционалната организација елиминирајќи ги врзаните потписи и сивата зона на одговорност во рамките на здравствените установи. Истовремено, ќе се намалат непотребните трошоци, а ќе се рационализираат административните трошоци преку пренасочување на средствата во сериозно потребната здравствена екипираност, континуирана едукација на кадрите и набавка на нова медицинска опрема. Ова ќе придонесе кон целосно подобрување на здравствената внатрешна и надворешна инфраструктура и здравствени услуги за сите граѓани.
Здравствената нега е од витално значење за сите нас во одредено време, но јавното здравство е од витално значење за граѓаните во секое време“, изјави Рашела Мизрахи, пратеничка на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

