Македонија
Милевски: Пописот не е политика, туку потреба да донесуваме одговорни одлуки
„Сите сме свесни дека простор за одложување на пописот нема и сите треба да покажеме максимална посветеност и одговорност оваа статистичка операција да се спроведе согласно стандардите на Еуростат, затоа што само така податоците ќе ни бидат од корист. И покрај обидите за политизација на пописот уште пред да започне, секој добронамерник и одговорен граѓанин на оваа држава има обврска да го почитува законот и да овозможи пописот да се спроведе на најдобар можен начин“, рече министерот за локална самоуправа, Горан Милевски на средбата што се одржа со градоначалниците во Собранието организирана од страна на Државен завод за статистика, наменета за Пописот на населението, домаќинствата и становите, 2021.
Според него согласно Законот, на единиците на локалната самоуправа им е дадена голема одговорност: обезбедување на простории за работа на комисиите на пописните реони, предлагање на членовите на пописните комисиите, а претседатели на комисиите ќе бидат секретарите на општините каде што е седиштето на пописниот реон.
„Пред сите нас е огромна одговорност, затоа што како носители на високи јавни функции сме исклучително свесни што значи за една држава да нема спроведено попис 19 години. Да обезбедиме пристап до јавните услуги-здравство, образование, социјална заштита, за сите граѓани, да го планираме развојот и изградбата на комуналната и на социјалната инфраструктура согласно потребите, патишта, водоводи, училишта, детски градинки. Да создадеме услови бизнис заедницата да може да ги донесува одлуките врз основа на реални податоци за расположливите ресурси“, порача Милевски.
Тој појасни дека во текот на минатата година министерството за локална самоуправа ја подготвуваше Стратегијата за регионален развој, која сега е во собраниска процедура, а во подготовката на документот беа вклучени експерти од сите клучни области, сите министерства кои што спроведуваат развојни програми, сите градоначалници како членови на Советите на планските региони, Центрите за развој и други надлежни институции. Биле направени темелни секторски анализи за мапирање на состојбите и за изведување на проекции за наредните 10 години. Главен и единствен проблем била релевантноста на статистичките податоци, кои се стари речиси 20 години. Според него за овој документ немало време да се чека пописот, а и тоа би значело неколку годишно стагнирање на развојот на планските региони и на општините, а новата Стратегија е услов за подготовка на регионални развојни Програми и проекти од планските региони и од општините кои што се финансиираат со средства од Буџетот.
„Без овие документи овие средства ќе останат нереализирани со што губиме сите, а најмногу граѓаните. Компромисот беше да обезбедиме континуитет со подготовка на Стратегијата врз основа на податоците со кои што располагаме, а по пописот целосно да ја ажурираме. Го направивме тоа што моравме, затоа што имаме одговорности кои што произлегуваат од закон. Имаме одговорности и пред Европската Унија и донаторската заедница во користењето на нивните средства. Никој не ви дава да трошите средства ако преку прецизни индикатори не ја прикажете моменталната состојба и резултатот кој што сте се обврзале да го постигнете. И се доведуваме во ситуација да се објаснуваме и да бараме одложување, а главен аргумент ни е пописот за кој сме се обврзале дека ќе го спроведеме оваа година“, појасни Милевски.
Тој порача дека е нужно што поскоро, преку успешно спроведен попис, државата да обезбеди објективни и целосни статистички податоци врз основа на кои што ќе го планира сопствениот развој и развојот на општините и на планските региони, а државата да има квалитетни податоци за поголема апсорбција на средства од ИПА инструментот на ЕУ и од други донатори.
„Треба да покажеме дека сме организирана држава која што може да спроведе попис и да обезбеди бази на податоци без кои што не можеме да зборуваме за интеграција во Европската Унија, без кои не можеме да креираме одговорни политики како земја членка на НАТО. На секој разумен човек му е јасно дека натамошното одложување би било крајно неодговорно, а штетата огромна и ненадоместлива и за државата и за граѓаните. Ние не смееме да си го дозволиме тоа. Не ни е целта да се пребројуваме, туку да знаеме точно кој е потенцијалот на оваа држава, за да можеме да донесуваме рационални одлуки во интерес на сите граѓани“, рече Милевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Касами: Собранието го разреши раководството на партијата, важен чекор кон спојување на ВЛЕН во еден субјект
Централното собрание на Движењето Беса со мнозинство гласови ја одобри одлуката за распуштање на Централното претседателство на Движењето Беса, во продолжение на процесот започнат за спојување на ВЛЕН во еден субјект, објави на социјалните мрежи лидерот на движењето Беса, Билал Касами.
„Собранието на Движењето оцени дека треба да се отвори патот за структурирање на ВЛЕН и ја донесе оваа одлука врз основа на мораториумот за партиски активности од страна на субјектите што го сочинуваат ВЛЕН.
Во оваа прилика, Собранието ме овласти мене како претседател да продолжам со разговорите за иднината на ВЛЕН, давајќи поддршка на спојувањето во еден субјект, со решение што го почитува принципот на правда и го слуша гласот и волјата на гласачите на ВЛЕН и сите Албанци“, соопшти Касами.
На состанокот на Собранието, како што вели, била дискутирана и работата на функционерите на Движењето Беса во Владата.
„Членовите на собранието ја поддржаа мојата изјава дека Беса има капацитет за многу повеќе работа отколку што е сработено досега.
Анализата на работата на функсионерите ќе продолжи во наредните денови, додека наодите ќе бидат одразени во идната реконструкција на Владата.
Движењето Беса верува дека позициите во Владата се средство за наша најдобра и најефикасна служба на сите граѓани, а особено на Албанците, и сите идни одлуки ќе бидат засновани на овој принцип“, додава Касами.
Македонија
Од утре Мицкоски во Минхен на безбедносната конференција: во фокусот, геополитичката стабилност и улогата на Македонија како столб на стабилност во Западен Балкан
Oд утре (петок) премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ќе биде во неколкудневна посета на Сојузна Република Германија, каде ќе присуствува на 62-та Минхенска безбедносна конференција.
Во рамки на конференцијата, Мицкоски ќе оствари серија билатерални средби со европски лидери, високи претставници како и челни луѓе на меѓународните безбедносни организации.
Во фокусот на разговорите ќе бидат геополитичката стабилност на регионот, нагласувајќи ја улогата на Македонија како столб на стабилноста во Западен Балкан и активен придонесувач во НАТО алијансата.
Исто така премиерот Мицкоски на средбите и состаноците ќе ја реафирмира позицијата на државата за неопходноста од предвидлив и фер пат кон полноправно членство во ЕУ, без наметнати билатерални пречки.
На маргините на конференцијата, предвидени се средби со високи претставници на Европската Унија како и со шефови на влади и држави.
Македонија
Филипче да каже зошто со Заев дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и кој и колку профитирал, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Филипче жестоко се обидува да го одбрани својот ментор Заев и поврзаноста на луѓето блиски до СДС во последниот скандал со запленетата марихуана, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче и кланот Заеви, Македонија ја претворија во Балкански „нарко-центар“, каде наместо медицинска се произведувала марихуана за црниот пазар. Запленетите 40 тони марихуана, директно водат до фирми блиски до Заев и Филипче.
Венко Филипче е без кредибилитет. Нема афера и скандал, а тој и Заев да не се вплеткани. Филипче и Заев се синоним за криминал, корупција, импровизации, нетранспарентни одлуки и контроверзи. Филипче е човекот кој го уништи здравствениот систем во државата“.
Македонија во време на владеењето на СДС, додаваат од владејачката партија, Зоран Заев и Венко Филипче, наместо строго контролирано производство на канабис за медицински цели, беше претворена во балкански нарко центар за шверц на марихуана на црниот пазар.
Според нив, факт е дека темелите на бизнисот за марихуана ги постави владата на Зоран Заев во 2020 година, додека Филипче беше министер за здравство.
„Владата на СДС делела лиценци на фирми поврзани со Зоран и Вице Заев, а резултат на тоа, денес се тони дрога и сериозни безбедносни последици за државата.
Факт е и дека околу 70 проценти од запленетата дрога деновиве е на фирма во сопственост на луѓе на Заев.
Медицинската марухуана била параван за организиран криминал во огромни размери“.
Прашуваат, зошто Заев лично се интересирал за случајот со петте тони марихуана запленети во Србија?
„Зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и колку профитирале?
Дали измените на правилникот се донесени по конкретна насока од Заев, и дали со нив се отворил простор за можни злоупотреби и незаконска трговија?
Одговорност мора да има“.

