Македонија
Милевски: По 30 години во Домот на културата во Св. Николе се постави инсталација на систем за греење и ладење
Со инсталацијата на системот за греење и климатизација во кино салата и помошните простории во Домот на културата „Крсте Мисирков“ во општина Свети Николе се создадоа дополнителни соодветни просторни услови за одржување и посетување на културно-уметнички и образовни програмски активности, со цел задоволување на потребата од надоградување на културниот дух на граѓаните.
„Министерството за локална самоуправа инвестира и во областа на културата. Преку целосното спроведување на планираните проектни активности во вредност од 8.571.524 денари, Домот доби соодветни просторни услови каде во иднина културните работници ќе можат да ги надоградуваат своите драмски, литературни, музички, фолклорни и филмски потенцијали и капацитети, како и да го промовираат својот талент преку размена помеѓу други културно-уметнички и едукативни организации во и надвор од регионот. По завршуваше на пандемијата се надеваме дека ќе продолжат културните настани како што се одвиваа и претходно. Очекувам општината и во иднина да предлага проекти кои ќе се од добробит за граѓаните во Св. Николе“, рече министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.
Исто така се намали потрошувачката на електрична енергија и заштеда на финансиски средства, кои понатаму може да се пренаменат кон додатно унапредување и издигнување на културните навики на населението.
„Ова е еден значаен проект за жителите на Свети Николе климатизација односно затоплување и ладење на салата при домот на културата. За инвестицијата ни помогна Министерството за локална самоуправа во износ од 6 милиони и 100 илјади денари и дел буџетиравме односно финансиравме како општина во износ од 2 милиона и 400 илјади денари. Со ова им овозможивме на нашите граѓани да се одвиваат сите културни манифестации без разлика на временските услови надвор, очекуваме да заврши корона кризата и тука да биде центарот на културните настани“, истакна градоначалникот на Општина Св. Николе, Сашо Велковски.
„Задоволство ни е да се пофалиме со еден важен проект со кој овозможивме на нашите граѓани 365 дена во годината да можат да ги следат нашите културни манифестации. После 30 години во нашиот Дом на култура обезбедивме климатизација односно затоплување и ладење на кино салата. Се надевам дека кога ќе заврши оваа пандемија ќе можеме во најнормални услови да одржуваме културни манифестации“, додаде Мартина Богданова директорката на Домот на културата „Крсте Мисирков“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

