Македонија
Милошевски: Газдата на „Беса транс“ доби затворска казна за фалсификување исправа, за причините за несреќата е надлежно Обвинителството во Бугарија
Ќе чекаме да биде изготвена писмена одлука на судот за да можеме да видиме што би презеле понатаму во овој конкретен кривично-правен предмет. Повеќе не би сакал да ја коментирам одлуката. Судот го прифати обвинението во целост онакво какво што беше подигнато против обвинетиот и ги огласи виновни обвинетиот и обвинетото правно лице, изјави обвинителот Владимир Милошевски по изрекувањето на пресудата за „Беса транс“.
Тој рече дека и во обвинението стои оти Министерството за транспорт и врски воопшто не издало извод од лиценца за конкретниот автобус.
„Ниту било поднесено барање ниту била издадена лиценца. Тоа значи дека автобусот, како што е напишано во обвинението, како што и судот денес при објавување на пресудата кажа, покажувал пред надлежните државни органи извод од лиценца. Таков документ воопшто не бил издаден од надлежниот орган. Она што е покажано не е за тој автобус. Без разлика дали е од нешто друго, дали е воопшто целосно фалсификувано, не постои. Во правниот сообраќај не постои извод од лиценца за конкретниот автобус. Токму тоа е и основата на подигањето на обвинението и тоа е теоријата на случајот што Обвинителството ја имаше во моментот на подигање на обвинението“, рече Милошевски.
Тој објасни дека овој кривично-правен настан е поврзан со фалсификување исправа, а за причините за сообраќајната несреќа надлежно е Обвинителството во Бугарија.
Сопственикот на „Беса транс“, Беким Хаџиу, доби една година и осум месеци казна затвор и глоба од 800.000 денари, а изречена беше и четиригодишна забрана за вршење меѓународен превоз на компанијата. Според судот, сопственикот и превозникот се виновни бидејќи немале извод од лиценцата што треба да ја издаде Министерство за транспорт и врски, а границата се поминувала со лажен документ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

