Македонија
Милошоски: Да не губиме време, СДСМ нека кажат кој од двата предлози го прифаќаат
Социјалдемократскиот сојуз треба да каже кои од двата предлози на ВМРО-ДПМНЕ за нив е прифатлив, во спротивно нема потреба од понатамошни преговори и губење на време. Ова го истакна пратеникот, Антонијо Милошоски, коментирајќи ја најавата за формирање на работни групи во СДСМ за преговорите со опозицијата за уставните измени.
Милошоски ги повтори предлозите што неделава на лидерската средба со премиерот Димитар Ковачевски, ги даде претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Во таа прилика, Мицкоски како услови за прифаќање на уставните измни повика на формирање на преодна влада без ДУИ, односно излегување на ДУИ од сите ешалони, како и уставни измени кои би стапиле на сила само на денот на членството на Македонија во ЕУ.
Милошоски образложи дека на тој начин би добиле како држава гаранција дека и Бугарија ќе биде активно заинтересирана за наше вклучување во ЕУ, и дека Македонија ќе добие одредена извесност дека нема да има понатамошни бугарски ирационални блокади.
Еден од предлозите на ВМРО-ДПМНЕ е и предвремени избори оваа есен, при што дадени се три датуми за кои што СДСМ би требало да размислат кога би се одржале во септември или октомври, потоа да се обезбедат гаранции од европските институции за заштита на националните интереси на Македонија, со тоа што ќе се гарантира многувековниот идентитет, но истовремено ќе се дадат и осигурувања дека државата повторно нема да ги има секоја година ирационалните блокади од Бугарија.
Дополнително, како што објасни Милошоски, по изборите новиот премиер на Македонија ќе побара и економски пакет за подобар стандард во државата од страна на Европската Комисија, кој што ќе значи припрема и на стопанството и на граѓаните за конкурентност во самата ЕУ. Од Бугарија заради добрососедство би побарале исполнување на 3 пресуди од ЕСЧП во Стразбур кои што се веќе правосилни, по избор на официјална Софија.
„И двата предлози, и првиот и вториот напоменуваме опфаќаат детронизирање на ДУИ, бидејќи тие се 20 годишен вирус кој ги атрофира институциите со висока корупција и голема неефикасност. ДУИ не е повеќе во позиција да условува, тоа е став на ВМРО-ДПМНЕ, дека ДУИ треба да оди во опозиција и дека тоа ќе биде корисно за институциите и за довербата на граѓаните во државата. Високата корупција мора да се соочи со одговорност, а во рамките на ДУИ истата постои на големо“, рече Милошоски.
Формирање на работни групи, заклучи тој, би имало смисла само доколку СДС јасно каже, кој од овие два предлози на ВМРО-ДПМНЕ за нив е прифатлив.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Најкритични во Форино се куќите изградени на помалку од еден метар од коритото на Вардар, извести Црвениот крст
Волонтерските тимови на Црвениот крст се на терен во село Форино, каде по извршената проценка е утврдено дека најкритична точка е делот од селото што гравитира кон реката Вардар, соопшти Црвениот крст .
„Според проценката, куќите во овој дел се изградени на помалку од еден метар од коритото на реката, чиј водостој е на критично ниво и на одредени места веќе е излеан. Дополнително, поради зголемениот водостој се излеани и каналите што минуваат низ селото, што дополнително ја влошува состојбата на терен. Од невремето се оштетени околу 500 објекти, од кои најголемиот дел се домови за живеење. Материјалната штета е значителна, а голем број семејства се соочуваат со сериозни последици од поплавите“, велат од Црвениот крст.
Дистрибуирана е хуманитарна помош односно поголеми количини флаширана вода, бидејќи водата во селото е заматена и небезбедна за пиење, како и вкупно 500 пакети – 250 пакети со прехранбени производи и 250 пакети со хигиенски производи.
На телефоните 072-239-077 и 072-239-051 погодените од поплавите можат да побараат психосоцијална поддршка.
Македонија
Филипче: Немам никаква поврзност со било која фирма за марихуана
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска во одговор на новинарско прашање рече дека нема никаква поврзност со било која фирма за марихуана и ја прозва Владата наместо дефокус да одговори со кои луѓе од власта е поврзана фирмата „Алфафарм“, наведена во документ на српското Обвинителство.
„Со кој е таа фирма, која е наведена во документ на српското обвинителство, поврзана? Дали е поврзана со некои луѓе од сегашната власт?“, праша Филипче.
Претседателот на СДСМ додаде дека власта прави дефокус од најголемиот нарко-скандал во регионот за да одбегне одговрност за тоа како 5 тони дрога ја поминале македонската граница.
„Коментирав неколку пати и ќе го повторам ставот – тоа е апсолутно само една форма на дефокус. Јас немам никаква поврзаност со било која фирма за марихуана во државата. Повторно е тоа обид да се избегне одговорот на вистинското прашање – како пет тони марихуана, 4–5 шлепери, поминале преку граница и завршиле во Србија. Како поминала на полициска контрола? Како поминала на царинска контрола на граница? Тоа се прашањата. Сè друго е голем дефокус“, истакна Филипче.
Претседателот на СДСМ потенцираше дека во изминатиот период и тој лично и партијата се изложени на лажна кампања и серија фабрикувани обвинувања.
„ВМРО-ДПМНЕ контролира една голема мрежа на медиуми тие се во целосна координација не само сега изминатите повеќе од 10 години со медиумската мрежа којашто ја контролирана од луѓе на унгарскиот премиер Орбан. Еве како излезе прво Жан Митрев, некое смешно обвинување како јас сум влијаел на судски процеси да можам болницата, па Дубаи, па Харис Џиновиќ, па авиони, ме поистоветија со убиец на деца, па дека сум се дрогирал што уште нема да измислат. Модуларната болница ја спомнуваат во Тетово. Дали мислат на оние луѓе семејства коишто ги изгубија таму членовите на семејствата? Дали на тие луѓе помислуваат. Не ме чуди овој систем на медиумска хајка којшто го водат, поради тоа што овој систем на медиумска хајка и лажни вести, лажна кампања, е воден од луѓе кои додека седат во собранието им се потсмеваат на родителите на децата што загинаа во Кочани“, рече Филипче.
Македонија
Пробиен последниот тунел од пругата кон Бугарија
Директорот на Јавното претпријатие Железници Инфраструктура, Синиша Ивановски на својот фејсбук профил објави дека е пробиен и последниот тунел од вкупно 15-те, во делот на изградбата на пругата Бељаковце- Крива Паланка.
„Бележиме прогрес. Изутринава го пробивме и последниот тунел од вкупно 15те од вториот дел од градбата на пругата кон Бугарија ( Бељаковце – Крива Паланка).
Пробивањето на тунелите се смета за една и од поспецифичните градежни активности. А на овој проект оваа позиција е веќе завршена. И натаму моменталниот прогрес од страна на изведувачот не е според очекувањата но можам да соопштам дека најспецифичните сегменти од проектот полека се надминуваат и очекувам месеци на посериозна оперативна активност и видлив прогрес. Коридорот 8 е од стратешко значење за Македонија и за НАТО и како таков сериозно се работи на неговата изградба и поврзување на Јадранско Море со Црно Море”, објави Ивановски.

