Македонија
Милошоски: Пцостите на спикерот се досега најтешка повреда на Етичкиот кодекс

Во најкус можен рок треба да се закаже јавна седница на Комисијата за деловнички прашања, на која на пратеникот Талат Џафери ќе му се изрече јавна опомена.
Ова на социјалните мрежи го напиша претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, во однос на снимката на која, според опозициската партија, се слуша како претседателот на Собранието упатува пцости до собраниски службеници.
„Тешка повреда сторил ‘пратеникот којшто врши притисок на државните службеници и на другите вработени во Службата на Собранието во извршувањето на нивните работни задачи’. Ова е запишано во член 14 од Кодексот за етичко однесување на пратениците кој е усвоен во 2018, а како прв предлагач потпишан е пратеникот Талат Џафери“, посочува Милошоски.
Според него, пцостите на Џафери се досега најтешката повреда на Етичкиот кодекс, која мора да биде санкционирана.
„Надлежност за утврдување на вакви тешки повреди направени од претседателот на Собранието има Комисијата за деловнички прашања (член 15), со која претседава пратеникот Панчо Минов, кој во најкус можен рок треба да закаже јавна седница, да го покани и пратеникот Талат Џафери и да му изрече јавна опомена. Ова би бил еден чекор кон очекуваната оставка после срамот во Собранието“, нагласува претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Николоски – Ле Риголер: Работиме на унапредување на економската соработка меѓу Македонија и Франција

Потпретседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, заедно со заменик министерката Калтрина Зеколи Шаќири, денеска остварија работна средба со амбасадорот на Француската Република, Кристоф Ле Риголер.
На средбата на која се потврдија добрите билатерални односи меѓу двете земји, беа разменети меѓусебни мислења и ставови за политичките и економски прашања во земјава и регионот.
Вицепремиерот Николоски го истакна пријателството меѓу Македонија и Франција и ја потенцира можноста за унапредување на билатералните односи, со посебен акцент на економската соработка и поддршка во делот на реализација на ифраструктурните проекти.
Притоа, вицепремиерот Николоски го запозна амбасадорот Ле Риголер со развојните планови на Владата и планираните инфраструктурни проекти, посебно проектите кои имаат регионално значење и со кои се придонесува за забрзан економски развој на земјите од регионот.
Исто така на средбата се разговараше и за реформскиот процес на земјата, интеграциите и членството во Европската Унија. Македонија е фокусирна на интегративниот процес, потенцира вицепремиерот Николоски а владините политики се насочени кон реформирање на земјата и борбата против корупцијата.
Двајцата говорници се согласија на интензивирање на меѓусебната соработка на двете земји.
Македонија
Трајко Славески со платa од 3.000 евра им порачува на граѓаните да работат по три работи, тоа е лицемерие на човек кој цел живот е во фотелји, велат од СДСМ

Новиот гувернер на Народната банка, Трајко Славески, според СДСМ, уште на почетокот го покажал својот вистински лик, надмен, без допир со реалноста и на страната на крупниот капитал, а не на граѓаните.
Од опозициската партија реагираат на интервју на Славески во кое тој изјавил дека минималната плата не гарантира пристоен живот и дека „не е срамота да се работи по две-три работи“.
„Тоа е лицемерие на човек кој цел живот е во фотелји, земал плата над 3000 евра, и сега ги поучува граѓаните дека не треба да очекуваат повеќе, туку да се распарчуваат на три фронта за да преживеат.
Трајко Славески очигледно не знае дека не се сите како него. Не се сите на државна плата, не се сите родени со функција и поврзани со елитата. Народот што секој ден се бори со инфлација, со скапа храна, со растечки трошоци, не може да живее од советите на Славески. На граѓаните им треба реална плата и заштита од кражбата на маркетите“, истакнуваат од СДСМ.
Според оваа партија, отпорот на Славески кон замрзнување на маржите и цените значи едно: поддршка за профитите на трговските ланци, а не за интересите на граѓаните.
„Со вакви изјави, јасно е дека Трајко Славески ќе биде гласноговорник на богатиот слој што живее во паралелна реалност. Македонија не смее да има гувернер кој со презир зборува за оние што живеат од минималец.
Дали Мицкоски ги дели ставовите на Славеси или токму тој го инструира вака да зборува и ги потценува граѓаните? Дали поддржува гувернер кој мисли дека борбата за достоинствен живот е „извртување на значењето“, прашуваат од СДСМ.
Оценуваат дека, тој како претседател на Советот го уништи градот Скопје, сега како Гуверер очигледно ќе ја уништува и моинетарната политика.
„Трајко Славески не е човекот што и треба на Народната банка, а уште помалку на македонскиот народ“.
Македонија
Герасимовски со дебармаалци: Безбедни пешачки зони, хигиена и култура за подобар живот

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, синоќа се сретна со жителите на Дебар Маало во рамки на караванот „Се гледаме во маало“. Средбата се одржа на спомен-клупата на Горан Стефановски, каде што дебармаалци имаа можност директно да разговараат со градоначалникот, да дадат предлози и да се информираат за тековните и планирани општински активности.
„Дебар Маало е боемската душа на Центар. Ни е важно да го зачуваме тој идентитет, но и да создадеме услови за нормален и квалитетен живот“, рече Герасимовски, најавувајќи засилена комунална и градежна инспекција со цел да се подобри редот и мирот во населбата.
Во таа насока, тој информираше и за планот за воведување нов сообраќаен режим во зоните „Дебар Маало 1 и 2“ и „Парк“, со ограничено движење на моторни возила и создавање безбедни пешачки зони. Во тек е реконструкција на улицата „Дебарца“, а веќе се реконструирани улиците „Алберт Ајнштајн“, „Андон Дуков“ и „Донбас“, кои со години беа во лоша состојба.
Во делот на образованието, граѓаните го поздравија проширувањето на капацитетите на ООУ „Коле Неделковски“, со што по шест децении се овозможи едносменска настава за учениците.
Средбата опфати и прашања од областа на културата и јавниот простор. Герасимовски најави нов мурал на улицата „Орце Николов“, посветен на „Бушавата азбука“, покрај веќе постојните на Стефановски и Џамбазов кои ги красат дебармаалските фасади. Дополнително, беше отворено и прашањето за изградба на нова современа општинска зграда на местото на постојните бараки – со сала за Совет, простор за здруженија, подземен паркинг и задржано зеленило.