Македонија
Милошоски: СДСМ кои го потпишаа Преспанскиот договор периодов координирано напаѓаат заедно со грчката страна
Се наследува презадолжена држава во која претходните влади ја етаблирале корупцијата, како правило, а владеењето на правото станало селективен исклучок. од граѓаните со полно право ќе има очекувања за подобар животен стандард, а во буџетот има огромна финансиска дупка и презадолженост, изјави пратеникот Антонијо Милошоски на собраниската седница за нова влада.
Милошоски истакна дека се наследува хаос во сите институции и претпријатија како ЕЛЕМ, Царина, во образование и здравство, Македонски шуми, Железници, Агенција за водостопанство, Пошта, ФЗО, Судска администрација, се ова е резултат на неуспехот на СДСМ и ДУИ.
Ќе требаат вонредни напори и поддршка од јавноста за државата да се врати во нормален колосек. Мицкоски ќе има тешка задача. Имаме држава во која доминираат корупција и инфлација, а државата ќе треба да се преобрази во нова, нормална со економска но и правна сигурност, рече Милошоски.
Милошоски додаде дека кога сме кај правосудниот систем видовме до кое ниво на деградација беа турнати Судскиот совет и советот на јавни обвинители, а реформите не се само политичка задача туку нужност, доколку сакаме довербата да биде подобрена.
„Во надворешната политика, да се продолжи со стратешкото партнерство со САД, ова е начинот преку кој Македонија може да се избори за своите интереси на глобално нив. Министерот во МНР наследува голем неред во институцијата, естрадна дипломатка Бесмира Ејупи стана попопуларна од министерот Османи Треба сериозен тим и луѓе кои ќе знаат на најсоодветен начин да ги пратат пораките до меѓународната јавност, и да се добиваат најдобрите и квалитетни информации од меѓународните центри, а тоа не може да се добие од Љубомир Фрчковски и Весел Мемеди“, нагласи Милошоски.
Милошоски потенцираше дека ќе има тешки битки во меѓународната политика имајќи го пристапот кои Грција и Бугарија го имаат кон Македонија.
„Ако забележите во последниве неколку дена има координирани напади едниот од внатре од СДСМ, а вториот од Мицотакис од Атина по однос на Преспанскиот договор и тоа да биде биполарноста поизразена, во Македонија нападите доаѓаат од оние кои го потпишаа овој договор. Во однос на Бугарија преговарачката рамка дополнително и непотребно беше оптоварена со Вториот Протокол со кој Османи се согласи историјата да биде критериум и ова ќе биде предизвик со кој ќе треба да се бориме“, изјави Милошоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Техничката влада не се укина за изборите во 2024 година за ДУИ да добие премиер
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вечерва беше гостин во Тема на денот на Сител телевизија, каде се осврна и на актуелната тема за укинување на техничката влада за што истакна дека истата била воведена како привремено решение за кризата во 2015 година. Тој вели дека нејзиното укинување во 2024 година било спречено поради договор меѓу СДС и ДУИ со цел ДУИ да добие премиер, како што и се случи, и како што вели тој, беше спротивно на изборните правила и волјата на граѓаните.
„Во 2015 година оваа техничка влада беше договорена во еден сосема друг политички контекст и беше решение на една политичка криза. До следните редовни парламентарни избори ќе поминат 12 и пол години од таа политичка криза и од договорите кои што тогаш се правеа. Оваа техничка влада го надмина времето и причините за кои што беше создадена и ние сме единствена држава од нормалните демократии во Европа, која што го прави, и на ова треба да се стави точка и да заврши затоа што ни треба нормално функционирање на државата“, вели Николоски.
„Ние го инициравме тоа, но единствената причина зошто не се укина техничката влада за изборите во 2024 година беше договорот помеѓу СДС и ДУИ, да ДУИ добие премиер, и тоа се случи, Талат Џафери стана премиер, што беше вон сите изборни правила, и вон волјата на народот, и затоа завршија на избори како што завршија“, рече Николоски.
Македонија
(Фото) Тошковски на проштална средба со амбасадорката Агелер: САД остануваат клучен стратешки партнер во безбедноста
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Ангела Агелер.

На средбата, министерот Тошковски изрази благодарност за нејзината посветеност, професионалност и континуирана поддршка на реформските процеси, со посебен акцент на унапредувањето на безбедносниот систем и јакнењето на институционалните капацитети. Тој ја истакна значајната улога на амбасадорката Агелер во продлабочувањето на соработката меѓу двете држави, особено во областа на внатрешната безбедност, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Министерот упати благодарност и до Амбасадата на САД за силната и континуирана поддршка на Македонија, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави се стратешки партнер и важен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Во тој контекст, беше потенцирана и одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и американските институции преку заеднички проекти, обуки и размена на експертиза.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.

