Македонија
Министерката Сореиде: Очекувам да седам покрај Никола во НАТО
Благодарност за ратификацијата на пристапниот протокол за нашето членство во НАТО упати министерот за надворешни работи, Никола Димитров, до министерката за надворешни работи на Кралството Норвешка, Ине Ериксен Сореиде, која денеска престојува во работна посета на земјава.
„Норвешка е една од најцврстите, најсилни, најпрогресивни и најпросперитетни европски демократии. Токму затоа потпишавме заедничка изјава за партнерство и соработка во Осло за време на мојата посета таму. Изразив благодарност за ратификацијата на пристапниот протокол за нашето НАТО-членство. Разговаравме за целиот регион, за нашите билатерални односи. Благодарни сме за поддршката на Норвешка во нашата реформска агенда. Благодарни сме за интересот и присуството на Норвешка не само кај нас туку и во целиот регион и тоа високо го цениме“, рече Димитров.
Министерката Сореиде ја реафирмира поддршката на Норвешка за реализација на македонските стратешки приоритети преку постигнување на неопходните стандарди во насока на интеграција на Република Северна Македонија во НАТО и Европската Унија.
„Северна Македонија прави одличен прогрес и ве поддржуваме во вашите напори и ќе продолжиме да го правиме тоа. Исто така, очекувам да седам покрај Никола во НАТО. Ние сме географски малку раздвоени, но ќе бидеме соседи на масата во НАТО. Тој ќе го заземе местото помеѓу Холандија и мене. И се надевам дека тоа ќе претставува уште посилна соработка во иднина. Ќе продолжиме да соработуваме со вашата Влада за процесот на подготовка за НАТО и ЕУ, како и со цврстите билатерални односи“, изјави министерката.
Двајцата министри разговараа и за можностите за натамошно интензивирање на соработката во повеќе сфери од заемен интерес, особено во делот на економијата и инвестициите, како и за соработката во рамките на меѓународните организации. Воедно, стана збор и за регионалната соработка, а беа разменети мислења и за актуелни прашања на меѓународен план.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Почната е постапката и обезбедено е финансирањето за 150 електрични автобуси
Премиерот, Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања истакна дека обезбедени се средства за набавка на 150 електрични автобуси за Скопје и општините со организиран јавен превоз.
„Она кое што можеме ние како влада да го направиме е да обезбедиме транспорт за општините, онаму каде има организиран, којшто ќе биде еколошки. И токму таа е целта на набавка на овие 150 еколошки автобуси коишто се на електричен погон, користат исклучиво енергетско напојување кое за животната средина нема штетно влијание. Постапката е веќе почната, средствата ќе ги обезбедиме од влада со влада стратешкото партнерство со Унгарија, во најголем дел, а помал дел обезбедени од буџет под услови подеднакво доби како што претходно беше и оној прв договор за кредитно задолжување со Унгарија“, потенцираше премиерот Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање од пратеничката Биљана Кузмановска.
Премиерот Мицкоски појасни дека овие 150 автобуси ќе бидат распределени во сите општини во кои има организирано јавен градски превоз, односно Град Скопје ќе добие 100, а останатите општини ќе добијат 50 автобуси.
„Конкретно во Скопје во насока на намалување на аерозагадувањето, тука ќе го споменам и Градскиот воз чија што прва делница сега се прави, а потоа ќе следат втората и третата, и очекувам заедно со БРТ системот и новите проекти во делот на гасификацијата, односно когенерацијата, заедно со производство на електрична енергија и топлина во периодот кој следи драматично да се намали аерозагадувањето. Ова се конкретни потези, сме ги лоцирале точките и работиме и ќе треба време. Процесот е почнат, обезбедено е финансирањето под услови исти како што имавме со претходниот заем, три години грејс период, каматна стапка од 3,25% минимум за останатиот период до 15 година отплата во рамките на стратешкото партнерство со унгарската влада. Следи процедура и набавка на овие 150 автобуси и нивна распределба“, нагласи премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски воедно истакна дека оперативните трошоци ќе бидат драматично намалени, ефектот е повеќеслоен, позитивен за аерозагадувањето, односно нема да има, но исто така позитивен ќе биде во делот на одржување на истите.
Македонија
Управниот одбор на Фондот на ПИОМ ги усвои Предлог- програмата и план за работа и Предлог Извештајот за работата на Фондот во 2025 година
Управниот одбор на Фондот на ПИОМ на дваесет и деветтата седница разгледа и усвои повеќе документи од негова надлежност.
Најнапред директорот на Фонодт, Никола Мемов, го информира Одборот за активностите во претходниот период, при што нагласи дека е остварена средба со Мисијата на Светска банка во врска со СИАП проектот, при што е нагласено дека согласно договореното во Фондот е екипирано Одделението за долгорочно планирање. Мемов рече дека во наредниот период ќе бидат направени подлабоки анализи и предвидувања за финсниските потреби на Фондот.
Членовите на Управниот одбор ги усвоија Предлог – Програмата и Планот за работа на Одборот во 2026 година.
Станка Трајкова, член на Одборот предложи Планот да се дополни со изготвување на Информација за остварувањетео на правото на пензија по воведувањето на задолжителното капитално финансиско осигурување, што беше прифатено.
Исто така, беше усвоен и Предлог – Извештајот за работата на Фондот во 2025 година. Директорката на Секторот за финансии во Фондот, Фатиме Неџипи нагласи дека во Извештајот се опфатени сите финансиски активности во изминатата година, со што може да се добие целосна слика за финансиското работење на Фондот.
Директорката на Секторот за остварување на правата, Билјана Стојанова ги презентираше активностите и деталите во доменот на остварувањето на правата, при што нагласи дека покрај редовните активности во изминатата година е озвоможена нова опција за следење на М1/М2 пријавите од АВРМ, а се одржани и повеќе обуки за нововработените лица.
Управниот одбор на Фондот ја усвои и Предлог – Одлуката за донесување на Годишниот план за јавни набавки на Фондот за 2026 година.
На седницата членовите на Управниот одбор беа информирани и за спроведените јавни набавки во минатата година, а беше донесена и Одлука за висината на благајничкиот максимум на Фондот за оваа година.
Македонија
Грипот стивнува, намалени бројките на новозаболени, но остануваат препораките за маска во простории со многу лица
Институтот за јавно здравје и оваа недела пријави помал број новозаболени од грип и заболувања слични на грип. Директорката Марија Андоновска вели дека се уште е рано да се каже дека сме го поминале пикот и остануваат препораките оние кои сакаат да се заштитат да носат маска во затворени простории во кои има повеќе луѓе.
„Во текот на четвртата недела од 2026 година што го опфаќа периодот меѓу 19 и 21 јануари, во Македонија се пријавени 1708 случаи за заболени од грип и заболувања слични на грип што е за 17,2 % помалку во споредба со претходната недела кога бројот беше 2062. Бројот на пријавени лица оваа недела во споредба со истата оваа недела минатата сезона е намален за девет проценти, а во споредба со петнаесетте изминати сезони е намален за 33,4%. Како што забележувате споредено и со минатата недела, но и со истата оваа недела во минатата сезона бројот е намален“, рече директорката Андоновска.
Во однос на возрасната дистрибуција 1029 лица се на возраст меѓу 15 и 64 години, 253 лица се на возраст над 65 години, 243 се деца на возраст меѓу 5 и 14 години, 183 се деца на возраст меѓу 0 и 4 години што укажува дека највисоката инциденца се регистрира на возраст меѓу 0 и 14 години.
Во Дебар и Кратово се бележи многу висока активност. Во Охрид, Кавадарци и Струмица има висока активност, средна активност има во девет градови, во 12 се бележи сезонска активност додека во два града се бележи многу ниска активност.
„Според податоците што ги имаме, во моментов, во Македонија има среден интензитет на активност на вирусот. Остануваат и понатака да важат нашите препораки што ги даваме за лицата да се заштитат, да избегнуваат простории каде што има повеќе лица, а доколку е неопходно да бидат во вакви простории да носат маска. Посебно да водат сметка ранливите категории, лицата над 65 години, лицата со хронични болести, децата и трудниците посебно да внимаваат на сопственото здравје. Доколку имаат каков било сомнеж дека некое лица е заболено или покажува симптоми да се избегнуваат контакти со него. Оние кои веќе се дијагностицирани или имаат грип, да останат дома, децата да не се носат во училиште доколку покажуваат симптоми со цел да закрепнат побрзо и да немаме трансмисија на вирусот“, вели директорката Андоновска.
Нејзината препорака за болните и за оние кои сметаат дека имаат симптоми е да останат дома и да ги следат советите од матичните лекари.
Намалувањето на бројките втора недела по ред директорката Андоновска вели дека не значи дека сме го поминале пикот.
„Што се однесува до пикот, забележливо е дека имаме два недели намалување на бројките, но се уште е многу рано да кажеме дека сме го надминале пикот бидејќи во минатата сезона имавме два пика. Може ова да е првиот, можеби е последниот, но не значи дека нема да има нов пик и ново растење на бројките“, рече директорката Андоновска и нагласи дека Институтот ќе продолжи да ја следи состојбата.
Оваа сезона Институтот за јавно здравје регистрираше три смртни случаи на заболени со грип.

