Македонија
Министерот Перински за состојбата во градот Скопје: Очекувам разрешница во рамки на закон
Барањето на скопските градоначалници за одземање на ингеренциите на Град Скопје во областа на комуналната сфера е резултат на секојдневниот притисок од граѓаните, коишто со право се незадоволни од услугите, коишто се во надлежност на Град Скопје. Извесно е дека за актуелното прашање ќе се разговара на следната владина седница, со цел да се најде решение за состојбите во град Скопје, коишто секојдневно предизвикуваат нови и нови проблеми на коишто граѓаните реагираат.
„Ги разбирам барањата на градоначалниците и во целост се согласувам со нивниот став дека скопјани, за жал, поради една личност, која го окупира градот, живеат во супстандардни услови. Чекорот преземен од градоначалниците е сублимат од гневот на граѓаните, кои секојдневно се обраќаат до нив. Предлогот од страна на ЗЕЛС претпоставувам ќе се разгледува на следна седница на Влада, кадешто ние ќе ги кажеме своите ставови врз основа на законските механизми и сум убеден дека ќе се донесе најдоброто решение за граѓаните на град Скопје. Суштината е дека секое непостапување, согласно со надлежностите, кои се утврдени со закон и за којшто зема плата од скопјани, само по себе е прекршување на законот, коешто може да се третира и како злоупотреба на службена положба и овластување“, вели министерот за локална самоуправа, Златко Перински.
Тој јавно ги повикува надлежните институции, да преземат мерки и активности за да се утврди зошто градоначалникот на Град Скопје не постапува согласно со своите надлежности и со тоа го загрозува животот и безбедноста на скопјани.
Според Перински, недозволиво и опасно е по скопските улици да има неподигнат и расфрлан смет на секој чекор и тоа на енормно високи температури. Срамни и опасни се, смета министерот, неискосените тревни површини на јавните простори под градска надлежност, каде се рекреираат скопјани и играат најмладите. Истовремено, не постои соодветен збор за нередовниот и небезбеден јавен превоз, кој е единствен транспорт на илјадници граѓани.
Впрочем и скопјани секојдневно сведочат за состојбата по улиците, а социјалните мрежи се преплавени со фотографии од јавните површини. Тоа само по себе говори дека несомнено проблемот треба да се реши под итно, во согласност со закон и секој фактор да делува во рамки на своите надлежности и ингеренции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски објави видео: Скопското Кале целосно исчистено и уредено
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави видео на своите официјални профили на социјалните мрежи, со порака дека скопското Кале е целосно исчистено и уредено.
Преку својата изјава, градоначалникот Ѓорѓиевски истакнува дека грижата за културното наследство и јавните простори останува еден од приоритетите на Град Скопје.
Тој потенцира дека Скопското Кале, како симбол и гордост на градот, заслужува континуирано внимание, одржување и заштита, со цел да се зачува неговата историска вредност и да се обезбеди пријатна и безбедна средина за сите посетители.
Од Град Скопје велат дека и во иднина ќе продолжат со активности насочени кон унапредување, одржување и промоција на културно-историските знаменитости во главниот град.
Македонија
Облачно со дожд и снег, магла по котлините – врнежливо и во наредните денови
Времето утре облачно со повремени локални врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува слаб ветер претежно од северозападен прaвец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 10 степени.
Во Скопје, облачно и магловито, а попладне со повремен дожд. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 6 степени.
До почетокот на следната седмица следува период на претежно облачно време со локални врнежи од дожд на пониските и дожд и снег на повисоките места.
Македонија
Средба Сали – Кочиу: Забрзување на ONE STOP SHOP и нов импулс за институционалната соработка меѓу Македонија и Албанија
Првиот заменик-претседател на Владата, Беким Сали, оствари средба со министерката за внатрешни работи на Република Албанија, Албана Кочиу
За време на средбата беа разгледани билатералните односи меѓу двете држави, проектот ONE STOP SHOP, за кој се очекува во блиска иднина да започнат подготовките за имплементација, додека самата имплементација на системот се очекува да започне во летната сезона, како и можностите за продлабочување на меѓуинституционалната соработка и развојот на економските инвестиции.
Во овој контекст беше нагласена важноста на политичката и институционалната координација за реализација на стратешките проекти. Двете страни се согласија за интензивирање на дијалогот и секојдневната соработка меѓу надлежните институции, со цел унапредување на конкретните проекти кои го зајакнуваат партнерството меѓу двете земји и придонесуваат за стабилноста, економскиот развој и европската перспектива на регионот.

