Македонија
Министерот Хасан на средба со претставници на Стопанската комора на Јалова
Министерот без ресор задолжен за странски инвестиции, Елвин Хасан, беше во работна посета на Јалова, Република Турција, каде се сретна со претставници на Стопанската комора на Јалова.
„Фокус на средбата беа новите економски политики и подобрената бизнис-клима која е привлечна и за домашни и за странски инвеститори. Министерот Хасан им ги презентираше новите измени на Законот за Финансиска поддршка на инвестиции кои беа усвоени со цел да се подобрат условите за деловно работење и да се зголемат инвестициите со што ќе се поттикне економскиот раст на македонската економија“, соопштија од неговиот кабинет.
На средбата исто така се дискутирало за актуелни прашања и предизвици во поглед на бизнисот и инвестициите. Министерот Хасан ги поканил претставниците на Стопанската комора да ја посетат нашата земја, да го увидат нејзиниот потенцијал и ги охрабри да инвестираат во Република Северна Македонија.
Во склоп на посетата на Јалова министерот се сретна и со градоначалникот на Јалова, Вефа Салман, и гувернерот на Јалова, Муаммер Ерол. На средбите се разговарало за актуелните регионални случувања, можноста за проширување и продлабочување на соработката помеѓу Република Турција и Република Северна Македонија, а воедно било изразено и задоволство за добрите пријателски односи од двете страни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) МВР: Гласањето се одвива мирно, без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржуваат во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера, информира Министерството за внатрешни работи.
„МВР презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. До сега не се регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир. МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 192 или 112“, се наведува во објавата на ФБ.
Македонија
(Видео) ДИК: До 13 часот излезноста е 8,90 отсто, едно избирачко место воопшто не е отворено
До 13:00 часот на повторените локални избори гласале 11.217 лица или 8,90 отсто, соопшти Државната изборна комисија.
По општини:
– Врапчиште – 9,58 %
– Гостивар – 8,74 %
– Маврово – Ростуше – 10,03 %
– Центар Жупа – 6,61 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека гласањето на сите избирачки места се одвива непречено, освен на избирачкото место 0782 во Ќафа кое се уште не е отворено.
Македонија
Жичницата на Водно не работи поради силен ветер
Јавното сообраќајно претпријатие – ЈСП Скопје преку својата фејсбук страница информира дека жичницата на Водно денеска нема да биде во функција поради засилен ветер.
Јачината на ветерот ги надминува дозволените граници како објектот би функционирал непречено и безбедно., велат од ЈСП.
„Надлежните служби ја следат состојбата на терен и во оној момент кога ќе се создадат соодветни временски услови за работа, жичницата ќе продолжи со непречено превезување на патниците“, велат од претпријатието.

