Македонија
Министерска средба во Белград за дигитална трансформација на образовниот систем во Западен Балкан
„Maкедонија успешно започна со реализација на проектот British Council „Училишта зa 21 век” со воведување во наставата на Mикро бит, џебен компјутер кој се користи за учење на програмирање и кодирање од најраната возраст“, изјави Гордана Јанакиевска од скопскиот Образовен институт.
Таа на регионалната конференција за дигитална трансформација на образовниот систем на Западниот Балкан во Белград, организирана од страна на British Council, рече дека првите сериозни чекори за дигитализација на наставата во Македонија се онлајн курсевите кои наставниците забрзано ги посетуваат, со цел исчезнување на дигиталниот јаз меѓу нив и нивните ученици. Претставниците на Министерството за образование од регионот денес ги усогласија препораките за дигиталната трансформација на образовниот систем како дел од стратегијата за унапредување на образованието на Западниот Балкан во идниот период.
Заклучоците за надминување на дигиталниот јаз во образовниот систем во регионот ќе бидат претставени на 10 jули на Самитот за Западен Балкан во Лондон, во рамките на Берлинскиот процес, инициран од Ангела Меркел со цел да ја подобри соработката меѓу земјите од Западен Балкан и подобра подготовка за полноправно членство во ЕУ.
Eвропската Комисија проценува дека во блиска иднина 90% од работите ќе бараат дигитални вештини, a во моментов 47% од населението на Европската Унија нема соодветни знаења во оваа област. Статистиката е уште полоша во земјите од регионот. Дигитализацијата на образовниот систем подразбирa воведување на дигитални вештини со алгоритамско размислување и кодирање, развој на дигитални вештини на наставниот кадар, обезбедување пристап до образовните ресурси за дигиталните вештини, развивање на програми за континуиран професионален развој на предавачи, ангажирање на работодавачи во врска со образовниот систем.
Стратешкиот пристап кон развојот на дигиталните вештини на младите луѓе може да го поддржи развојот на производите и услугите кои ѝ се неопходни на економијата, да обезбеди можност за вработување, да го намали одливот на мозоци. „Велика Британија пред само неколку години ја откри лошата дигитална писменост кај поголемиот дел од населението и 2016. година во наставата на сите основни училишта го воведе џебниот компјутер Microbit кој се користи за многу предмети во училиштата, им помага на наставниците да им пристапат на децата на современ начин и да станат поактивни. За само две години употреба на Microbit во училиштата се постигнаа одлични резултати кога се работи за дигиталната писменост”, рече Клер Сирс од Британскиот совет, кој донираше Microbit уреди во 60 училишта на Западниот Балкан како дел од пилот проекот.
Таа додаде дека во моментов се подготвува воведување на овој џебен компјутер во уште 90 основни училишта во регионот и дека долгорочна мисија на British Council е џебниот компјутер да се вклучи во сите училишта на Западниот Балкан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ некогаш беше државтворна партија, а сега се занимава со трач муабети, реагира движењето ЗНАМ
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија реагираше на, како што наведуваат, обвинувањата од СДСМ, оценувајќи дека партијата „бега од одговорност со навреди, етикетирања и лични дискредитации“.
Во реакцијата, од ЗНАМ наведуваат дека СДСМ, наместо да понуди аргументи и одговори за кономската и институционалната состојба во државата, се занимава со „озборувања“ и „трач муабети“.
Партијата оценува дека СДСМ, која некогаш беше државотворна партија, денес е сведена на фабрика за навреди, конструкции и политички отров, како и дека со улична реторика покажува нервоза и очај.
Од ЗНАМ нагласуваат дека движењето не е ничја квислиншка група, туку автентична политичка сила создадена од граѓани разочарани од владеењето на СДСМ.
Во реакцијата се споменува и периодот на владеење на Зоран Заев, при што се изнесуваат критики за, како што наведуваат, националните политики и управувањето со државата. Се споменува и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, при што се посочуваат, како што стои во реакцијата, контроверзии и сомнежи за тендери и набавки.
„Политиките на Зоран Заев останаа запаметени како период во кој националните интереси се ставаа на распродажба без јасен консензус и без чувство за државничка мерка. Со рачето на срце се промовираше како чесен и достоинствен, а всушност државата ја претвори во сопствен приватен бизнис. Симболиката на „едно евро за Вицето, едно за црквата“, беше само дел што нештото го докажува. Ги распродадоа македонските национални позиции на ангро, без јасна стратегија и без поддршка, ја разнишаа довербата во институциите и ја продлабочија поделбата во општеството. И по сето тоа, истите тие кругови, истото тоа раководство, се обидуваат да зборуваат за морал и одговорност, како граѓаните да немаат паметење. Во периодот кога со здравството раководеше Венко Филипче, јавноста беше сведок на низа контроверзии, сомнежи за тендери, набавки и прашања на кои никогаш не доби целосни и транспарентни одговори. Златни визи, сомнителни бизнис релации и повластени шеми, сето тоа се случуваше во време кога СДСМ ветуваше „живот за сите“, а испорача привилегии за малкумина“, велат од ЗНАМ.
Од ЗНАМ дополнително оценуваат дека опседнатоста на СДСМ со наративи за т.н. ‘српски свет’ и со случувањата во соседна држава и нивната постојана потреба да отвораат фронтови и да се караат со сите, од политички партии до новинарие прашање што партијата треба да го решава во сопствени рамки.
Македонија
Нова опрема за анализа на тешки метали во почвата во Државната лабораторија за животна средина
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска ја посети Централната лабораторија при Министерството, каде најави системско и координирано решавање на сите институционални предизвици.
Тој нагласи дека модерна и функционална Централна лабораторија претставува темел на ефикасната заштита на животната средина и гаранција за точни и навремени податоци во интерес на јавното здравје. Целта е да се обезбедат стабилни услови за работа и долгорочно унапредување на капацитетите.
Во рамки на посетата беше нагласено дека Лабораторијата успешно ја обнови акредитацијата за наредните четири години за вкупно 20 методи, од кои една за мерење на амбиентална бучава и 19 за индустриски отпадни води и за површински води. Она што следува е забрзување на процесот на акредитација на методите за мерење на загадувањето на воздухот од стационарни извори.
Дополнително,во рамки на посетата беше презентиран новиот ICP-MS инструмент, кој овозможува анализа на тешки метали во почва, вода и воздух и со кој значително ќе се унапредат аналитичките капацитети на Државната лабораторија за животна средина.
Македонија
Уставниот суд: Нема постапка за пензиите, запрена за Кривичниот законик
По 5. седница на Уставниот суд, претседателот Дарко Костадиновски и судијата проф. Осман Кадриу информираа за одлуките по предмети од поголем јавен интерес.
Судот не поведе постапка за оценување на одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кои се однесуваат на исплата на пензиите во земјата.
Подносители на иницијативите се Игорчо Точев, Љубомир Сандевски, Темелко Ристески и Кире Батев.
Претседателот Костадиновски изјави дека мнозинството судии оценило оти пензионерите кои ја примаат пензијата во државата и оние што ја примаат надвор од неа се во иста правна, но не и во иста фактичка состојба. Според него, за повреда на членот 9 од Уставот, кој се однесува на еднаквоста, потребно е субјектите да бидат во иста правна и фактичка положба, што во овој случај не е исполнето.
Тој посочи дека мерката има социјален карактер и легитимна цел – ублажување на последиците од растот на трошоците и инфлацијата. Додаде дека по истекот на времените услови утврдени со мерката, се враќа редовното законско усогласување на пензиите, кое важи и за лицата што не живеат во земјата.
Судијата-известител Осман Кадриу изјави дека предложил да се поведе постапка, но не добил мнозинство гласови. Тој оцени дека со оспорените одредби се врши дискриминација врз пензионерите кои живеат надвор од државата и дека им се ускратуваат правата на зголемување и усогласување на пензиите.
Во однос на предметите У.бр.162/2023 и У.бр.163/2023, кои се однесуваат на измените на Кривичниот законик, Судот ја запре постапката, оценувајќи дали Законодавецот постапил согласно насоките од претходното решение со кое беше поведена постапка.
Мнозинството судии констатирале оти во формален аспект Законот е донесен согласно процедурите. Во однос на материјалната уставност, дел од судиите сметале дека новото решение не е идеално, но е подобро од претходното.
Тој нагласи дека евентуално поведување нова постапка и укинување на законот би создало правен вакуум и правна празнина во санкционирањето на злоупотребите на јавни средства, поради што мнозинството одлучило да ја запре постапката, водејќи се од принципите на правна сигурност и предвидливост.
Судијата Кадриу изјави дека гласал против запирањето на постапката, наведувајќи дека, иако Законодавецот ја испочитувал формалната процедура, не постапил целосно по одлуката на Уставниот суд во материјалниот дел.

