Македонија
Министерството за администрација и ОБСЕ потпишаа меморандум за соработка
Министерството за информатичко општество и администрација со поддршка на ОБСЕ организираа конференција на тема: „Стратегија за реформа на јавната администрација за 2018-2022 – идни предизвици“.
На конференцијата се обратија министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, и амбасадорот на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која.
Манчевски подвлече дека главните цели на овој документ се ефикасна и дигитализирана јавна администрација, при што се осврна на активностите за имплементација на мерките од Акцискиот план.
„Во однос на дигитализацијата реализиравме неколку стратешки приоритети кои се основата за масовна дигитализација на услугите и внатрешните процеси во администрацијата. Веќе го имаме Централниот регистар на население, а следната недела во употреба ќе го пуштиме и Националениот портал за е-услуги. Ги донесовме сите потребни законски акти за воведување на електронскиот идентитет на граѓаните. Од 1 јануари во употреба го пуштаме новиот ДМС. Во фаза на евалуација е и новиот ИПА-проект за дигитализација на клучните регистри во државата, како и развој на нови 120 е-услуги. Пред крајот на годината ќе ја промовираме и во јавност големата надградба на ЕНЕР“, истакна Манчевски.
Зборувајќи за Стратегијата и Акцискиот план за реформа на јавната администрација, министерот се осврна на досегашните реализирани активности, но и потребата од ревизија на дел од мерките.
На речиси две години од усвојувањето на Стратегијата и Акцискиот план, можеме да кажеме дека 76 активности веќе се имплементирани, а 34 се во завршна фаза. Во % ова значи дека 57% предвидени за првата година и половина се реализирани или се реализираат согласно предвидената временска рамка, а 5,6% се реализирани подоцна од предвидениот краен рок“, информираше министерот Манчевски.
Како што рече тој, овие податоци покажуваат дека и покрај посветеноста на МИОА и засегнатите институции, потребно е да се направи ревизија на Акцискиот план, во однос на предвидените активности. Треба да се потенцира дека оваа ревизија не ги става под знак прашалник општите и посебните цели. Тие остануваат исти затоа што беа дефинирани многу претпазливо, и во потполност соодветствуваат на тоа што треба со имплементација на Стратегијата да се постигне. Измените се однесуваат само на динамиката на реализација на активностите.
На конференцијата се обрати и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која, кој рече:
„Реформaта на јавната администрација во Северна Македонија, како една од главните приоритети на Владата, треба да резултира со професионални, деполитизирани и вредни административни службеници кои ќе настојуваат да ги задоволат потребите на сите нејзини граѓани, без оглед на нивната позадина. Во овој поглед, јас сум горд на помошта што нашата мисија им ја обезбеди на властите, особено на Министерството за информатичко општество и администрација, што ни овозможи денеска да разговараме за достигнувањата, како и за претстојните предизвици на јавната администрација“.
Во рамки на конференцијата беше потпишан и меморандум за соработка помеѓу МИОА и ОБСЕ, за продолжување на партнерството и соработката во рамки на реформата на јавната администрација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

